Свет
Американка се изјаснила за виновна: го оставила бебето само и заминала на одмор

Жена од Охајо (32) вчера се изјаснила за виновна за убиство на дете откога ја оставила својата 16-месечна ќерка сама дома на 10 дена за да оди на одмор. „На 6 јуни 2023 година Кристел Канделарио ја остави својата ќерка Џејлин Канделарио сама и без надзор. Таа се врати дома дури на 16 јуни“, рече окружниот обвинител Мајкл К.
Кога Канделарио се вратила во својот дом во Кливленд по патувањето во Детроит и Порторико, видела дека ќерка ѝ не реагира и повикала полиција. Надлежните велат дека околината на детето била полна со валкани прекривки натопени со урина и измет. Кога брзата помош пристигнала на местото, констатирале дека бебето починало. „Беше екстремно дехидрирана“, соопшти полицијата.
Канделарио се изјасни за виновна за тешко убиство. Таа ќе биде осудена во март. Засега не е познато зошто Канделарио не побарала некој да ѝ го чува детето додека била на пат.
Семеен пријател за „Њуз 5“ минатата година изјави дека ова не е првпат Канделарио да ја остави ќерка си сама дома: „Постојано и велевме да не ја остава сама. Не само јас, туку и мојата пријателка, која живее од другата страна на улицата“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Се урна покрив на супермаркет во Германија, двајца се тешко повредени

Две лица се тешко повредени, а уште двајца се со полесни повреди при делумно уривање на покрив на супермаркет во Лаухринген, Југозападна Германија, во близина на границата со Швајцарија, соопшти полицијата, пренесува ДПА.
Инцидентот се случил вчера околу 17:45 часот по локално време во делот на супермаркетот каде се наоѓала контролната сала, во квартот Валдшут.
Причините за уривањето се уште се истражуваат, а не е познато колку купувачи биле во продавницата во моментот на несреќата.
Свет
Руските сили извршија нов масовен напад врз повеќе региони во Украина, меѓу загинатите е и бебе

Руските сили ноќеска извршија нов масовен напад врз повеќе региони во Украина, меѓу кои и главниот град Киев, каде е погодена главната зграда на украинската влада. Во нападот, како што соопштија утрово украинските власти, убиени се три лица, меѓу кои и едно бебе.
Според извештатите, Киев бил цел на напади со беспилотни летала и ракети истрелани од Русија, а покрај убиените, во нападот се повредени и 18 лица, а десетици згради биле опожарени.
Ова е првпат зграда на украинската влада да биде оштетена во руски напад од почетокот на војната.
Свет
Зеленски тврди дека речиси 60 проценти од оружјето што го користи украинската армија се произведува во Украина

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави синоќа дека речиси 60 проценти од оружјето што го користи украинската армија се произведува во Украина. Тој, во своето редовно вечерно обраќање до нацијата, додаде дека ова претставува надминување на целта што ја поставил пред два месеца.
– За време на војната, Украина стигна до тоа речиси 60 проценти од оружјето што е во рацете на нашите војници да биде украинско производство, рече Зеленски во видеообраќањето.
– И тоа се моќни оружја, со низа модернизации, нагласи тој.
Зеленски и други украински претставници со месеци го истакнуваат напредокот во домашното производство на оружје како клучен фактор за идната одбрана на земјата.
Во обраќањето тој се осврна и на заедничкиот проект за производство на оружје со Данска. Во јули, Зеленски го повика новото владино раководство да обезбеди најмалку 50 проценти од оружјето за армијата да се произведува во Украина.
Тогаш тој наведе дека украинското производство обезбедува околу половина од оружјето на армијата – највисоко ниво од прогласувањето на независноста на земјата во 1991 година.