Свет
Американската воена морнарица се пофали со ново моќно оружје во Тихиот Океан

Современ брод на воената морнарица на САД, кој плови по водите на Тихиот Океан, е опремен со ново оружје, кое, според аналитичарите, може да го промени балансот на силите во нестабилните области, како што е Јужното Кинеско Море, објави Си-ен-ен.
Американскиот „Габриел Гифордс“ е воен брод опремен со нови крстосувачки ракети кои летаат над морската површина и е тешко да се забележат на радар, односно се управувани од беспилотен хеликоптер кој помага во навигацијата на ракетите.
Проектилите се дизајнирани да маневрираат и да ја избегнуваат непријателската одбрана.
Портпаролот на третата флота на САД ја потврди оваа информација за Си-ен-ен посочувајќи дека ваквото оружје ќе ја зголеми борбената моќ на морнарицата на САД.
САД и Кина се обвинуваат едни со други за наглата милитаризација на Јужното Кинеско Море, област во која многу земји го истакнуваат својот интерес иако поголемиот дел од морето го покрива Кина.
„Габриел Гифордс“ е првиот воен брод што е опремен со нови проектили за поморски напад, а во план е со ваквото ново оружје да се опремат повеќе од 30 брода.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Русија предуредува дека воената помош на САД во Израел ќе ја дестабилизира состојбата

Рускиот заменик-министер за надворешни работи, Сергеј Рјабков, предупреди дека директната американска воена помош за Израел би можела радикално да ја дестабилизира ситуацијата на Блискиот Исток, каде што беснее шестдневна воздушна војна меѓу Иран и Израел.
Според новинската агенција Интерфакс, Рјабков рекол дека Русија ги предупредува САД да не му даваат таква помош на Израел, па дури ни да разгледуваат такви „шпекулативни опции“.
„Ова би бил чекор што радикално би ја дестабилизирал целата ситуација“, рекол тој.
Рјабков потврди дека Москва е во контакт со Ерусалим и Техеран.
Во посебен коментар, шефот на руската служба за надворешно разузнавање, СВР, Сергеј Наришкин, рече дека ситуацијата меѓу Иран и Израел сега е критична.
Порано, извор запознаен со внатрешните дискусии во САД изјави дека претседателот Доналд Трамп и неговиот тим разгледуваат низа опции, вклучително и приклучување кон Израел во нападот врз нуклеарните постројки на Иран.
Свет
Техеран е претежно празен, луѓето избегаа од градот

Улиците на иранската престолнина денес беа претежно пусти поради израелските напади, јавуваат странските медиуми.
Повремено автомобили или мажи на скутери минуваа покрај затворените продавници откако американскиот претседател Доналд Трамп предупреди дека сите треба „веднаш да се евакуираат“.
Израел, повторувајќи ја тактиката што често ја користи во Газа, исто така ги повика жителите на југозападен Техеран да ги напуштат своите домови за да можат да напаѓаат воени цели.
Комбинацијата од овие закани предизвика масовен егзодус од Техеран.
Иранските медиуми известуваат за големи сообраќајни метежи и застој на патиштата што водат северно од градот.
Регион
Хрватска ќе ги евакуира своите дипломати од Израел и Иран

Хрватскиот министер за надворешни и европски работи, Гордан Грлиќ Радман, најави евакуација на хрватски дипломати од Израел и Иран.
„Со оглед на тоа што и други земји ги евакуираат своите дипломати и претставништва од Техеран, одлучено е дека ќе го евакуираме и амбасадорот и персоналот на амбасадата од Техеран преку безбедни гранични премини што ги користат други дипломати. Таква евакуација ќе се спроведе и за амбасадата, односно за вработените од Тел Авив“, изјави Грлиќ Радман за новинарите по владина седница.
На прашањето кога ќе започне евакуацијата од Тел Авив, тој рече дека министерството е во постојан контакт со амбасадорот и вработените.
„Видовте што му се случи на колега во станбена зграда каде што неговиот стан беше целосно уништен. Таа ужасна експлозија се случи на три метри од него. Генерално е чудо што воопшто преживеал толку разорна експлозија“, рече Грлиќ Радман.
Министерот зборуваше за хрватскиот конзул Ивица Сертиќ и неговата сопруга Катица, кои беа лесно повредени во првиот ирански одговор на израелскиот напад. Тие поминаа со гребнатини и посекотини. Нивниот стан беше целосно уништен.
Министерот, исто така, нагласи дека се работи на евакуација, односно репатријација на хрватските граѓани од Израел и Иран.
„Со оглед на фактот дека воздушниот сообраќај е затворен или во голема мера ограничен, главно се користат копнени патишта и комуникација преку безбедни земји, како што се Египет и Јордан“, објасни тој.