Свет
Американска подморница со наведувани проектили пристигна на Блискиот Исток
Војската на САД соопшти дека американска подморница со наведувани проектили пристигнала на Блискиот Исток.
Централната команда на САД на социјалните мрежи објави дека подморницата од класата Охајо влегла во нејзината област на одговорност, пренесува „Танјуг“, повикувајќи се на Си-ен-ен.
Беше објавена и фотографија на која се гледа подморница во Суецкиот Канал, североисточно од Каиро.
Војската ретко ги објавува движењата или операциите на својата флота од подморници со балистички и наведувани ракети, а оваа најава е јасна порака за одвраќање насочена кон Иран и неговите сојузници во регионот, се наведува во написите на медиумите.
Подморницата, која не е именувана, им се придружува на голем број други бродови на американската морнарица во областа вклучувајќи и две ударни групи на носачи на авиони.
Соединетите Американски Држави објавија кон крајот на октомври дека нападнале два објекта во Сирија, што ги користат иранската Револуционерна гарда и групите поддржани од Иран, по серијата напади врз американските сили во Ирак и Сирија.
Нападите следуваа откога администрацијата на претседателот Џо Бајден вети дека ќе одговори на нападите врз американскиот персонал за кои Вашингтон ги обвини вооружените групи поддржани од Иран.
Според извештаите, нападите врз американските сили во регионот се зголемени по избувнувањето на војната меѓу Израел и Хамас, која почна на 7 октомври кога палестинската група изврши напад без преседан врз Израел за кој израелските власти велат дека убиле повеќе од 1.400 луѓе.
Најмалку 9.922 Палестинци се убиени во израелските напади врз Газа и окупираниот Западен Брег од 7 октомври.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Захарова: Евровизија ја надмина секоја оргија, ритуал на вештерки или ритуална сакрилегија
Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, на својот Телеграм канал го коментираше овогодишното издание на Евровизија.
„Евровизија 2024 ја надмина секоја оргија, ритуал на вештерки или ритуална сакрилегија. Погребите во Западна Европа се одвиваат вообичаено. Без изненадувања“, напиша таа.
Свет
Египет врачи протестна нота поради операцијата на Израел во Рафа
Египет врачи протестна нота до Израел, САД и европските влади, тврдејќи дека операцијата на Израел во Рафа го загрозува нивниот мировен договор, изјави за АП висок египетски функционер кој сакаше да остане анонимен.
Израелската армија (ИДФ) вчера ги повика палестинските цивили да евакуираат неколку населби од Рафа, поради операцијата насочена кон милитантната група Хамас, пишува „Д тајмс оф Израел“.
„Волстрит журнал“ во февруари објави дека египетските власти тврделе дека долгогодишниот мировен договор меѓу Египет и Израел може да биде загрозен доколку војниците на ИДФ влезат во Рафа или ако бегалците од тој град бидат принудени да се упатат на југ кон египетскиот Синајски Полуостров.
За да спречи голем прилив на бегалци, Египет постави тенкови на границата со Газа.
Свет
Ердоган: И Хитлер по позавидел на методите на Нетанјаху
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави денеска дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху достигнал ниво со геноцидни методи што дури и Хитлер би го направил љубоморен.
„Дали е можно да се набљудува што им прави Израел на луѓето во Газа со месеци и да се види дека е легитимно Израел да бомбардира болници, да убива деца, да угнетува цивили и да ги осудува невините луѓе на глад, жед и недостаток на лекови под различни изговори ? Што правел Хитлер во минатото? Угнетуваше и убиваше луѓе во концентрациони логори“, изјави Ердоган во интервју за грчкиот весник „Катимерини“, пренесе „Анадолија“.
Тој праша „нели Газа беше претворена во затвор на отворено, не само по 7 октомври, туку и години пред тоа“.
„Зарем луѓето таму со години не беа осудени на ограничени ресурси, речиси како во концентрационен логор? Кој е одговорен за најбруталните и најсистематски масовни убиства во Газа од 7 октомври?“, праша Ердоган.
Тој додаде дека Нетанјаху достигнал ниво што би го направило Хитлер љубоморен на неговите геноцидни методи.
„Зборуваме за тоа Израел да таргетира амбулантни возила, да ги погоди местата за дистрибуција на храна и да отвори оган врз конвоите со помош“, рече тој.
Претседателот на Турција додаде дека се прекршени правата и слободите на жителите на Газа, особено нивното право на живот.
„Ги браниме нивните права. Ние го браниме мирот. Израел, од друга страна, продолжува несовесно да ги крши резолуциите на ОН, меѓународното право и човековите права“, нагласи тој.
Ердоган рече дека палестинскиот отпор нема да биде неопходен доколку постои „суверена, независна, географски интегрирана држава Палестина, во границите од 1967 година, со источен Ерусалим како главен град“.
„Хамас исто така најави дека, доколку тоа се случи, ќе го распушти своето вооружено крило и ќе продолжи да дејствува како политичка партија. Решението за две држави е ефикасен начин за обезбедување траен и одржлив мир“, рече Ердоган, додавајќи дека палестинската група се согласила на договор за прекин на огнот, но Израел не сака примирје бидејќи сака да ја окупира цела Газа.