Свет
Американскиот Конгрес одобри пакет помош вреден 900 милијарди долари

Американскиот Конгрес усвои закон за економска помош вреден речиси 900 милијарди долари, со кој ќе им се помогне поединечно на државјаните на САД, но и на приватните компании кои се погодени од пандемијата на коронавирусот.
Новиот пакет за помош привремено ќе ги зголеми бенефициите за невработеност и ќе им обезбеди на многу работници еднократна помош од 600 американски долари пред крајот на годината. Исто така, околу 275 милијарди долари ќе бидат издвоени за покривање заеми на мали бизниси, како што се ресторани.
Претседателот Доналд Трамп треба да го потпише законот.
Пратениците го изгласаа законот со 359 гласа „за“ и 53 „против“. Во горниот дом 92 сенатори гласаа за, додека шестмина беа против, пренесува ДПА.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
НАТО би бил демилитаризиран во конфликт со Русија и Кина, според кинеска анализа

Ако сè уште го сметате НАТО за неповредлива супералијанса што може да дејствува како глобален полицаец во секој момент, можеби е време да го преиспитате тоа верување – оценува кинескиот портал NetEase повикувајќи се на анализата на американскиот воен експерт Вилијам Шрајвер.
Според него, ако НАТО, од една страна, и Русија и Кина, од друга, влезат во сериозна конфронтација, западната алијанса би можела да биде демилитаризирана најмалку десет години. Иако звучи како смела процена, кинеските автори сметаат дека логиката на овој заклучок е целосно оправдана.
„Митот за индустриската големина“
NetEase истакнува дека воената моќ на НАТО се темели на митовите за индустриска големина и одржување на мирот, но дека вистинската војна би ги разоткрила слабостите на алијансата во снабдувањето, издржливоста и мобилноста.
Иако САД имаат 11 носачи на авиони на нуклеарен погон, што изгледа импресивно на хартија, во современото војување тие би станале лесни цели. Руските подморници од класата Jasen може тивко да се приближат до флотите на НАТО, а Кина веќе ги надмина САД по бројот на нови воени бродови во 2023 година, според порталот.
Логистиката како Ахилова петица
Шрајвер посебно предупредува за застареност на американскиот логистички систем, особено во развојот на арктичките рути, каде што Русија има децениска предност. Во исто време, европските членки на НАТО се соочуваат со пад на капацитетот – Германија има помалку од 300 тенка, а британската морнарица старее, без доволно бродови за снабдување.
„Доколку избувне голема војна, НАТО нема да се бори како единствен сојуз – секој ќе ја игра својата игра, а резултатот би бил распад на алијансата“, предупредува Шрајвер.
Според кинеската анализа, митот за неповредливоста на алијансата полека се урива пред новите глобални односи на моќ – каде што Русија и Кина веќе ја покажаа способноста да дејствуваат надвор од рамките на западните очекувања.
Фото: принтскрин
Свет
Украинска делегација во САД се сретна со произведувачите на ракетите „томахавк“

Украинска делегација предводена од шефот на кабинетот на претседателот Андриј Јермак е во посета на САД, каде што се сретна со претставници на компанијата „Рејтион“ (Raytheon), производител на ракетите „томахавк“ (Tomahawk), чие набавување Киев долго го посакува. Делегацијата ја сочинуваат и премиерката Јулија Свириденко, секретарот на Советот за безбедност, Рустем Умеров, заменик-министерот за надворешни работи, Серхиј Кислиција, и амбасадорката во САД, Олга Стефанишина.
Покрај „Рејтион“, тие остварија средба и со „Локид Мартин“ (Lockheed Martin).
Together with Prime Minister @Svyrydenko_Y, NSDC Secretary @rustem_umerov, First Deputy Foreign Minister @SergiyKyslytsya, and our Ambassador to the US @StefanishynaO,
we met with Lockheed Martin and Raytheon. Their tech is saving lives: F-16s and advanced air defense systems are… pic.twitter.com/kfmg5TzgmH— Andriy Yermak (@AndriyYermak) October 15, 2025
„Нивната технологија спасува животи – „ф-16“ и системите за противвоздушна одбрана го штитат украинското небо, а нивните офанзивни решенија ги поддржуваат нашите сили на фронтот“, изјави Јермак.
Прашањето за испорака на ракетите „томахавк“ се очекува да биде тема на средбата меѓу Доналд Трамп и Володимир Зеленски оваа недела. НАТО-извори сметаат дека ова оружје може да има значително влијание на бојното поле иако не е пресудно за текот на војната.
Свет
Лондон в година ќе добие такси без возачи

Американската компанија „Вејмо“ објави дека нејзините такси без возачи ќе бидат достапни на улиците на Лондон в година, што ќе го направи британскиот главен град првиот европски град со целосно автономна такси-услуга, пишува „Гардијан“.
Според соопштението на компанијата, возилата првично ќе работат со обучени возачи за безбедност, а целосно автономното возење се очекува да почне во 2026 година по добивањето на потребните дозволи од надлежните британски власти.
„Вејмо“, дел од групацијата „Алфабет“, која е сопственик и на „Гугл“, моментно нуди автономни такси-услуги во Сан Франциско и во неколку други американски градови. Компанијата наведува дека ќе соработува тесно со британското Министерство за транспорт за да обезбеди услови за безбедно воведување на технологијата.
Британската министерка за транспорт Хајди Александар ги поздрави плановите на американската компанија истакнувајќи дека „автономните возила ќе придонесат за нови работни места, инвестиции и поголема достапност на транспортот“.
Целосна имплементација на Законот за автономните возила во Велика Британија се очекува кон крајот на 2027 година, а слични проекти за Лондон најавија и „Убер“ и локалната компанија „Вејв“.
Фото: принтскрин