Свет
Американски генерал: Авганистан е на работ на граѓанска војна

Шефот на здружениот штаб на американската армија, генерал Марк Мили, рече дека Авганистан е на работ на граѓанска војна, со закана за ново зајакнување на терористичките групи во таа земја.
„Мојата воена проценка е дека условите може да прераснат во граѓанска војна“, рече Мили во интервју за „Фокс њуз“ во саботата во воздухопловната база Рамштајн во Германија.
„Не знам дали Талибанците се способни да ја зацврстат власта и да воспостават владеење“, додаде тој.
Затоа, терористичките групи би можеле да го искористат вакуумот за власт во Авганистан, предупреди Мили.
Заживување на тероризмот
Се стравува дека Ал Каеда може да се реорганизира и дека екстремистите од Исламската држава би можеле да го прошират своето влијание или дека безброј други терористички групи можат да се прошират.
„Може да забележите заживување на тероризмот во тој регион за 12, 24, 36 месеци. И ние ќе го следиме тоа”, додаде тој.
Повлекувањето на последните американски војници од Кабул минатата недела го означи крајот на воената мисија на Вашингтон и неговите сојузници во Авганистан по речиси 20 години.
Како главен аргумент за повлекувањето, администрацијата на Бајден наведува дека Ал Каеда е ефикасно размонтирана и повеќе не е способна да напаѓа цели во САД од Авганистан.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Хамас го предаде телото на Шири Бибас, пред два дена предале погрешно тело

Од кибуцот Нир Оз денеска беше потврдено дека телото на жената предадена од палестинската екстремистичка група Хамас во Појасот Газа и припаѓа на киднапираната Шири Бибас.
„Со длабока тага кибуцот потврдува дека Шири Бибас е убиена додека била заложничка во Газа“, рече портпаролката.
Хамас вчера го предаде нејзиното тело на Црвениот крст, ден по предавањето на туѓото. Во четвртокот екстремистичката група ги предала и телата на синовите на 32-годишната германско-израелска државјанка, Ариел, кој во моментот на киднапирањето имал само четири години и Кфир, кој тогаш имал само 9 месеци. Беше предадено и телото на друг затвореник, 84-годишниот мировен активист Одед Лифшиц.
Израелските форензичари подоцна во четвртокот утврдија дека останките во четвртиот ковчег не припаѓаат на Шири Бибас, како што тврдеше Хамас.
„Нашата Шири беше убиена во заробеништво и сега се врати дома кај синовите, сопругот, сестрата и целото нејзино семејство. И покрај стравовите за нивната судбина, се надевавме дека на крајот ќе успееме да ги прегрнеме, а сега сме во болка и скршено срце“, објави семејството, повикувајќи на итно враќање на сите преостанати заложници.
Хамас има намера денеска да ослободи уште шест заложници, од кои тројца порано од планираното. Предавањето на Тал Шохам, Омер Шем-Тов, Елија Коен, Омер Венкерт, Аверо Менгисту и Хишам ал-Сајед е предвидено да започне во 11 часот по локално време, а во замена се очекува Израел да ослободи од затвор околу 600 палестински затвореници, меѓу кои 60 отслужуваат долги казни, објавија палестински извори.
Меѓу шесте заложници кои денеска ќе бидат ослободени се и двајца мажи кои Хамас ги држеше во заробеништво околу 10 години.
Свет
„Њујорк Пост“ до Трамп: Ова е диктатор

На насловната страница на вчерашното издание на „Њујорк пост“ беше објавена фотографија од рускиот претседател Владимир Путин со натпис: „ОВА Е ДИКТАТОР и 10 други вистини за украинската војна кои ги игнорираме на сопствена опасност“.
Ова се 10-те вистини на кои се мисли:
Путин ја започна војната.
Русија се бори за освојување.
Украина се бори за своја независност.
Украинците не се Руси.
Путин е диктатор.
Зеленски не е диктатор.
Русија не е пријател на САД.
Украина е пријател на САД.
На Путин не може да му се верува.
Американската помош за Украина не е залудно потрошена.
Насловот беше објавен откако американскиот претседател Доналд Трамп го нарече украинскиот лидер Володимир Зеленски „диктатор“ претходно оваа недела. Во исто време, Трамп никогаш не го нарече Путин „диктатор“.
Интересно е што „Њујорк пост“ е конзервативен дневен таблоид кој најмногу пишува афирмативно за Трамп. За време на подемот и владеењето на Трамп, таблоидот често ја промовираше неговата политика, а истовремено ги напаѓаше демократите и либералните медиуми.
Иако во одредени случаи има критички коментари за конкретни одлуки или контроверзни настани, уредничкиот тон најмногу ги поддржува ставовите на Трамп.
Свет
Најавена нова средба меѓу Русите и Американците

Втората средба меѓу претставниците на Русија и САД е планирана за следните две недели, јави државната новинска агенција РИА, повикувајќи се на заменик-министер за надворешни работи на Русија, Сергеј Рјабков. Москва и Вашингтон во вторникот ги одржаа своите први разговори за ставање крај на речиси тригодишната војна во Украина, со цел обновување на руско-американските односи и подготовка за крај на конфликтот.
Средбата ќе се одржи во трета земја, а конкретната локација се договара, изјави Рјабков во интервју за РИА, без да прецизира кој ќе присуствува од руска или американска страна.
Рјабков рече дека постои „начелен договор“ меѓу двете страни за одржување консултации.
„Денес се соочуваме со две паралелни, но, се разбира, до одреден степен политички меѓусебно поврзани патишта: едното е украинското прашање, другото е билатерално“, рече Рјабков.
Кремљ неделава соопшти дека овој месец е можна средба лице в лице меѓу претседателот Владимир Путин и американскиот претседател Доналд Трамп. И двајцата рекоа дека сакаат да се сретнат.
Рјабков рече и дека Москва сè уште не добила одобрение од Вашингтон за нејзин нов амбасадор во САД. Претходниот руски амбасадор во САД, Анатолиј Антонов, ја напушти функцијата во октомври.
Во вторникот, за време на првите руско-американски разговори за ставање крај на војната во Украина, американскиот државен секретар Марко Рубио рече дека тимовите на високо ниво ќе работат на повторно воспоставување дипломатски претставништва на земјите во Вашингтон и Москва за да ги олеснат понатамошните разговори.