Свет
Американски експерти: Ким е вакциниран против Ковид-19, вакцината му ја дала Кина

Кина му обезбедила експериментална вакцина против коронавирус на севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун и неговото семејство, тврди американскиот аналитичар Хери Казианис, кој се повикува на два неидентификувани јапонски разузнавачки извори.
Казианис е експерт за Северна Кореја во тинк-тенк Центар за национални интереси во Вашингтон. Тој вели дека семејството на Ким и неколку високопозиционирани севернокорејски функционери се вакцинирани против коронавирус, пренесе „Ројтерс“.
„Не е познато која компанија го доставила својот кандидат за вакцини на семејството Ким и дали е докажано дека лекот е безбеден“, додаде тој.
Повикувајќи се на американскиот медицински експерт Питер Хотез, Казианис додава дека најмалку три кинески компании развиваат вакцина против Ковид-19, вклучувајќи ги „Синовац Биотек“, „Кансинобио“ и „Синофрам груп“.
Некои експерти се сомневаат дека Ким би примил експериментална вакцина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Кои се потенцијалните наследници на Зеленски?

По средбата на украинскиот претседател Володимир Зеленски со американскиот претседател Доналд Трамп и потпретседателот Џеј-Ди Венс во Белата куќа, се погласни се повиците на некои сојузници на Трамп, Зеленски да поднесе оставка.
Зеленски постојано изјавува дека би бил подготвен да се повлече доколку тоа би обезбедило мир или влез на Украина во НАТО, додека изборите во Украина во моментов се неостварливи поради воената состојба, иако мандатот на Зеленски е истечен. Американците, пријателски настроени кон Трамп, од друга страна, сметаат дека тоа ќе го отвори патот за мировен договор меѓу Украина и Русија.
Трамп пред две недели упати низа остри критики кон Зеленски, нарекувајќи го диктатор затоа што Украина не одржува избори или ги планира среде војна. Дополнително, тој му кажа дека не може да очекува големи територијални отстапки од мировните преговори со Русија, особено откако САД и Русија преговараа за Украина без украински претставници, анализираат медиумите.
Републиканскиот сенатор Линдзи Греам рече дека Украина можеби ќе треба да најде нов лидер доколку Зеленски не успее да ги поправи односите со Трамп. „Не знам дали Зеленски може да не доведе до она што и треба на Украина во односите со САД. Или тие драматично ќе се променат или ќе им треба некој нов“, рече Греам.
Претседателот на Претставничкиот дом Мајк Џонсон рече дека „нешто мора да се промени“ за да се донесе мир. „Или Зеленски ќе се вразуми и ќе се врати на масата со поголема благодарност или некој друг ќе мора да го стори тоа“, рече Џонсон. Советникот на Трамп за национална безбедност, Мајк Волц, предупреди дека на Украина и треба лидер способен да разговара и со Америка и со Русија за да се стави крај на војната.
Иако Зеленски се уште ужива голема поддршка во Украина и прашање е дали некој би можел да го победи доколку се кандидира, се појавија неколку имиња како можни нови претседатели на Украина.
Валери Залужни, поранешен врховен командант на украинската армија и актуелен амбасадор во Обединетото Кралство, е едно од најчесто споменуваните имиња. Залужни ја водеше одбраната на Украина до 2024 година, а беше разрешен по несогласувањата со Зеленски околу воената стратегија. Според анкетите, Залужни е попопуларен од Зеленски и во некои сценарија убедливо би го победил на избори.
Како можен кандидат се појавува и Виталиј Кличко, градоначалник на Киев и поранешен боксер. Тој веќе го критикуваше Зеленски за неговите оптимистички изјави за текот на војната, а го поддржа Залужни за, како што рече, искреноста. Кличко рече дека политичарите, вклучително и Зеленски, ќе мора да се соочат со одговорноста за успесите и неуспесите на крајот на војната.
Руслан Стефанчук, претседател на украинскиот парламент и близок соработник на Зеленски, е друго име што се споменува. Тој е познат по тоа што силно се спротивстави на повиците на Трамп за избори среде војна, велејќи дека на Украина сега и требаат „куршуми, а не гласачки ливчиња“. Тој неодамна ја повика ЕУ да ја зголеми воената помош за Украина и предупреди на заканата што доаѓа од Русија. Стефанчук се чини дека е највоинствениот од овие тројца кандидати.
Без разлика кога ќе се одржат изборите во Украина, тие ќе зависат од повеќе фактори.
Прашање е во која фаза ќе биде воениот конфликт, дали ќе има примирје или траен мир и дали Зеленски ќе се кандидира на тие избори.
Свет
„Фајненшл тајмс“: Американски инвеститори заинтересирани за стартување на гасоводот „Северен тек 2“

Американските инвеститори се заинтересирани за стартување на гасоводот Северен тек 2 меѓу Германија и Русија. Гасоводот „Северен тек 2“ никогаш не беше пуштен во употреба поради почетокот на војната во Украина, но сега има иницијативи тоа да се промени, пишува „Фајненшл тајмс“.
Поранешниот генерален директор на „Северен тек 2“ Матијас Варниг и неколку американски инвеститори сакаат да го стартуваат гасоводот, а самиот Варниг се обидува да се доближи до тимот на американскиот претседател Доналд Трамп. Иницијативата е дел од билатералните разговори за можен крај на војната во Украина, пишува германскиот весник „Тагешау“.
Според весникот, водечките личности блиски до Трамп биле информирани за иницијативата на Варниг, а конзорциумот предводен од претставници на Соединетите Американски Држави веќе подготвил првични нацрти за евентуален договор со руската енергетска компанија Газпром.
Според информациите на германски Билд, американскиот пратеник за специјални задачи Ричард Гренел остварил неколку неофицијални патувања во Швајцарија за да разговара за договорот. Оперативната компанија „Северен тек 2“ се наоѓа во Штајнхаузен во кантонот Цуг во Швајцарија.
Самиот Гренел негира дека е вклучен во дискусии за лансирање на Северен тек 2, пренесува Танјуг.
Регион
Планинар паднал во провалија во Словенија и починал

Во неделата при искачување на планина, 43-годишен хрватски планинар се лизнал и паднал во провалија. Поради тешките повреди тој починал на местото на несреќата.
Полициската управа Крањ соопшти дека во неделата околу 12 часот добиле пријава за несреќата.
Неколку планинари се искачиле на снежната планинска патека. Пешачејќи, 43-годишниот хрватски планинар се лизнал на висина од околу 1.900 метри, а потоа паднал во длабочините. И покрај соодветната опрема тој се здобил со тешки телесни повреди и починал на местото на настанот.
Спасувачите од Регионалната управа за катастрофи и вонредни ситуации (ГРД) Крањ и дежурната екипа на Здружението за спасување на планина на Словенија (ГРЗС) пристигнаа на местото на несреќата со полициски хеликоптер, кој потоа го пренесе телото на планинарот во долината.
Полицискиот службеник од полициската единица Планина изврши увид и продолжува со собирање информации за сите околности на несреќата. Сите досегашни сознанија укажуваат на трагична планинска несреќа. Полицијата за сите информации ќе го извести надлежното државно правобранителство, соопштија од полициската управа Крањ.