Свет
Американското разузнавање за хакирањата директно го обвини Путин
Американските разузнавачки агенции, всушност три од 19-те кои учествувале во изработката на извештајот за наводните кибернетички напади за време на претседателските избори во САД – Централната разузнавачка агенција (CIA), Агенцијата за национална безбедноsт (NSA) и Федералното биро за истраги (FBI) посочуваат на „руско интервенирање“ по директен налог на претседателот Владимир Путин.
Според пренесувањето на деловите од споменатиот извештај (линк) од чии делови е симната ознаката за доверливост се објавени, рускиот претседател Владимир Путин ја наредил „кампањата за давање помош“ во 2016 година, насочена кон претседателските избори во САД. Нејзината цел била да се поткопа демократскиот процес и да се оцрни кандидатот на Демократската партија, Хилари Клинтон.
Наредбата за оваа „кампања“ наводно ја дал лично Владимир Путин. Тој, заедно со руската влада се обидувал да ги зголемат шансите за победа на Доналд Трамп, смета американското разузнавање.
Средствата кон кои прибегнала Русија, според процените на CIA, NSA и FBI, вклучувале хакерски напади „со посредство на трети лица“, како и активности на медиумите и „потплатени тролови“.
Во документот се зборува у за тоа дека Русија имала пристап и до изборните комисии во САД. Притоа, авторите признаваат дека системот на нападите од страна на наводните руски хакери немаат никаква поврзаност со броењето на гласовите.
Интересно е што шест од 14-те страници на документот се посветени на работата на руските меѓународни медиуми, агенцијата Sputnik и телевизијата RT, коишто според американското разузнавање особено ја претставувале Хилари Клинтон, поранешната прва дама и државна секретарка, поразениот кандидат на Демократската партија на изборите на 8-ми ноември, во негативен контекст, концентрирајќи се на скандалот со истекувањето на нејзината доверлива службена преписка и на шпекулациите за нејзината здравствена состојба.
Истиот дел од извештајот, посветена на влијанието на телевизијата RT на американската политика, бил направен и отпечатен во Центарот на CIA за отворени извори на информации (Open Source Center) бил направен уште во 2012 година, забележуваат медиумите.
Американските разузнавачи, исто така, укажуваат дека по Летните олимписки игри во Риоа, руските хакери како една од своите главни цели ја избрале Светската антидопинг агенција (WADA), која суспендираше стотици руски спортисти поради земање недозволени средства. Хакерите, наводно, особено се фокусирале на истекување на податоците за американските спортисти, покажувајќи дека земале забранети супстанции, а ова ѝ се припишува на Главната разузнавачка служба (ГРУ), руската воена тајнан служба.
Во извештајот се наведува дека ГРУ ги искористил идентитетот на хакерот Guccifer и страницата DCLeaks.com за да ги објави податоците добиени како резултат на хакерските упади, и токму оваа руска агенција му ги предала доверливите преписки по хакирањето на компјутерскиот систем на Националниот комитет на Демократската партија на разобличувачкиот интернет ресурс WikiLeaks кој пред изборите објави стотици илјади доверливи преписки за контактите на челните луѓе на американските демократи, што доведе до серија оставки во врвот на партија и непријатни сознанија за начинот на фаворизирањето на Хилари Клинтон во текот на предизборите против нејзиниот опонент сенаторот Берни Сандерс.
Дури и по завршувањето на изборите, Москва според американското разузнавање, се обидела да ги хакира американските експертски центри и невладините организации во областа на националната безбедност, одбраната и меѓународната политика. Ова било правено за да се соберат материјали со коишто ќе можат да бидат употребувани во иднина за влијание внатре во САД, се вели во документот.
„Сметаме дека Москва ќе ги користи овие искуства утврдени во рамките на нејзиното фокусирање на американската предизборна кампања, за чиешто извршување наредба дал Путин, за натамошни обиди да се влијае на други земји во светот, вклучително и сојузниците на САД и нивните изборни процеси“, заклучуваат авторите на извештајот.
Американските медиуми по објавата на документот оценуваат дека всушност во него се повторени поранешните обвинувања давани во текот на изборната кампања. Весникот The Washington Post, повикувајќи се на американски функционер, кој бил запознаен со целиот извештајот и пред неговото објавување, оценува дека во него нема никакви сензационални податоци, дури и во класифицираниот дел од извештајот.
Избраниот американски претседател Доналд Трамп, кој во четвртокот во Њујорк се сретна со челниците на американските разузнавачки агенции на брифинг во вриска со „руското хакирање“, беше категоричен дека хакирањата не влијаеле на исходот од претседателските избори и под сомневање го стави наводното руско хакирање на северите на Демократската партија.
Основачите на WikiLeaks, од своја страна негираат дека електронските писма од овој сервер кои ги објавија, нивната организација ги добила од руската влада. Путин, пак, уште есеноска изјави дека објавените материјали не содржат никакви информации кои би ја интересирале или би биле во полза на Русија./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Епстин слетувал и во британски воени бази? Британското министерство започнува истрага
Британското Министерство за одбрана ги прегледува записите од летот што би можеле да содржат информации поврзани со Џефри Епстин, потврди портпаролот на министерството. Прегледот е започнат откако се појавија документи што сугерираат дека починатиот американски сексуален престапник, исто така, слетал на воени воздухопловни бази во својот приватен авион, објави Ројтерс.
Британската полиција веќе проценува дали Епстин користел приватни летови за трговија со жени преку два лондонски аеродроми и еден во централна Англија, како дел од национално координирана истрага за врските на озлогласениот финансиер со Велика Британија.
Но, има сè поголеми повици полицијата да истражи дали базите на Кралските воздухопловни сили (RAF), како што се Мархам во источна Англија и Нортхолт во близина на Лондон, биле користени и за истата цел. Повиците дојдоа откако се појавија извештаи дека приватниот авион на Епстин исто така слетал таму.
Додека приватните авиони редовно го користат RAF Нортхолт, слетувањата во RAF Мархам, клучна база на првата линија на одбраната, се многу поретки.
Министерот за одбрана Џон Хили нареди преглед на записите од летот на војската, изјави портпаролот на Министерството за одбрана доцна во четвртокот.
„Министерот за одбрана нареди преглед на сите записи што министерството може да ги поседува за летовите на Епстин што слетале во базите на RAF, за да се осигури дека сите информации поврзани со неговите злосторства ќе бидат откриени и предадени на надлежните органи“, рече портпаролот.
Во соопштението се наведува дека Министерството за одбрана ќе ги поддржи сите истраги на цивилната полиција и се додава дека мислите на министерството се со жртвите на „грозоморните злосторства“ на Епстин.
Речиси седум години по неговата смрт, скандалот со Епстин продолжува да го потресува британскиот естаблишмент. Најновата серија документи објавени во јануари доведе до кратко апсење на Ендру Маунтбатен-Виндзор, брат на кралот Чарлс, а потоа и на Питер Манделсон, поранешниот британски амбасадор во САД. Тие беа уапсени под сомнение дека споделувале доверливи владини документи со Епстин.
Свет
Зошто Авганистан и Пакистан се во војна?
Авганистан и Пакистан повторно се во војна. Тие разменуваат оган по должината на нивната тешко проодна граница. Министерот за одбрана на Пакистан рече дека неговата земја „нема трпение“ и објави „отворена војна“ против соседниот Авганистан, кој е управуван од Талибанците.
Тоа е најновата ескалација во долготрајниот конфликт што ги спротивставува добро финансираната, моќна и нуклеарно вооружена пакистанска војска против авганистанските талибански борци со децениско воено искуство, вклучувајќи ја и победата над силите на САД и НАТО во 2021 година по години бунт, пишува CNN.
Како започна најновото насилство?
Доцна синоќа, талибанските сили започнаа напади врз пакистанските позиции по должината на делови од порозната и спорна граница долга 2.600 километри, која се протега низ планини и пустина. Кабул соопшти дека нападите биле одмазда за бомбардирањето на Пакистан од минатата недела. Пакистанците тврдат дека потоа погодиле милитантни кампови во Авганистан и убиле најмалку 18 лица.
Пакистан одговори на нападите на Талибанците вечерва со „Операција Праведен гнев“. Пакистанските воздушни напади ги погодија Кабул, југоисточната покраина Пактија и Кандахар, кој се смета за упориште на Талибанците и каде, според проценките, се наоѓа нивниот лидер Хибатула Ахунџада.
Исламабад соопшти дека целите биле одбранбени објекти на авганистанските Талибанци, што претставува значајна ескалација на претходната стратегија за одмазда.
Комплицирана историја на односите
И покрај блиските економски и културни врски, двете земји имаат сложена историја. Минатиот октомври, тие се бореа во нивниот најсмртоносен конфликт во последните години, по што беше воспоставено кревко примирје.
Откако силите на НАТО ги соборија Талибанците во 2001 година поради тоа што ги засолнуваа сторителите на нападите од 11 септември, Пакистан стана еден од нивните главни спонзори. Талибанските борци најдоа засолниште преку границата во Пакистан и поддршка за бунт против владата во Кабул, поддржана од САД.
Но, по повлекувањето на американските сили и враќањето на Талибанците на власт во 2021 година, Пакистан се соочи со пораст на исламистичкото насилство. Исламабад за голем дел од насилството ги обвинува пакистанските Талибанци и тврди дека Кабул им обезбедува засолниште, обвинение што авганистанските Талибанци го негираат.
Според бројките што ги сподели пакистанската војска со CNN, повеќе од 1.200 луѓе, вклучувајќи војници и цивили, беа убиени во милитантни напади низ целата земја во 2025 година, што е двојно повеќе од бројот во 2021 година.
Пакистанскиот министер за одбрана, Хаваџа Асиф, во ноември изјави дека многу авганистански талибански функционери сè уште имаат средства и семејства во Пакистан.
Асиф утрово се огласи на социјалните медиуми за да го обвини Авганистан дека е домаќин на „сите терористи од светот“ и „извоз на тероризам“, додека на сопствениот народ му ги негира човековите права. „Нашето трпение е исцрпено. Сега е отворена војна меѓу нас и вас“, рече тој.
фото/Depositphotos
Свет
Кинескиот претседател отпушти 19 функционери пред клучниот состанок
Кина отстрани 19 функционери, вклучувајќи девет од војската, од списокот на членови на своето највисоко законодавно тело, пред најголемиот годишен политички состанок следната недела. Одлуката ја објави Постојаниот комитет на Секинескиот народен конгрес.
Не беше дадена официјална причина за отстранувањата, но тие доаѓаат само неколку недели откако претседателот Кси Џинпинг го разреши Џанг Јуксија, неговиот врвен генерал и еден од неговите најблиски воени сојузници.
Според извештаите на државните медиуми, меѓу отстранетите се Ли Ќаоминг, командант на копнените сили на Народноослободителната армија и Шен Џинлонг, поранешен командант на морнарицата. На листата се наоѓаат и неколку други воени офицери и голем број покраински функционери, вклучувајќи го и Сун Шаочонг, поранешниот партиски шеф на Внатрешна Монголија.
Овој потег следи по отстранувањето на генералот Џанг по обвинение за „сериозни прекршувања на дисциплината и законот“, вообичаен еуфемизам за корупција. Ова е последното во низата високорангирани воени отстранувања во последните години. Девет врвни генерали беа отстранети во октомври 2025 година, во она што властите го оценија како дел од кампањата против корупцијата.
Кси ја направи борбата против корупцијата централен столб на своето владеење, почнувајќи со кампања насочена кон високорангирани и нискорангирани функционери, започната кратко откако ја презеде власта во 2013 година. Тој неодамна рече дека битката „останува тешка и сложена“.
Клучни состаноци во Пекинг
Се очекува илјадници делегати да пристигнат во главниот град Пекинг следната недела за таканаречените „Две заседанија“. Ова се годишните состаноци на Секинескиот народен конгрес, законодавното тело на Кина, и Кинеската народна политичка консултативна конференција, највисокото политичко советодавно тело во земјата.
„Двете заседанија“ ќе се одржат од 4 до 11 март, а на нив владата ќе го објави својот петгодишен план, во кој ќе бидат наведени клучните политички цели, како и годишните економски цели.

