Свет
Американско разузнавање: Иран бара помош од Русија за нуклеарната програма
Разузнавачки податоци покажуваат дека Иран побарал помош од Русија во форма на набавка на дополнителни нуклеарни материјали и производство на нуклеарно гориво. Горивото би можело да му помогне на Иран да ги напојува своите нуклеарни реактори, скратувајќи го времето што му е потребно за да направи сопствено нуклеарно оружје.
Сепак, експертите за Си-ен-ен изјавија дека ризикот од ширење на нуклеарното оружје варира во зависност од тоа за кој реактор се користи горивото. Исто така, не е јасно дали Русија се согласила да помогне – Кремљ долго време се спротивставува на Иран да добие нуклеарно оружје.
Овие барања на Иран, како што се додава, се обид за дополнително зајакнување на партнерството на овие земји, кое Иран веќе го зајакна претходно со испраќање дронови и друга воена опрема во Русија поради војната во Украина. Се смета и дека Русија му помогнала на Иран во смирувањето на големите протести кои се случуваат во таа земја.
Иран вели дека неговата нуклеарна програма ќе служи за единствена цел за одржување на мирот. Тие додадоа дека официјално ја суспендирале својата програма за нуклеарно оружје, но американските разузнавачки агенции веруваат дека активностите на Иран за збогатување ураниум одамна ги надминале параметрите на нуклеарниот договор од 2015 година. Тие веруваат дека Иран сега го делат само неколку месеци од производството на нуклеарно оружје.
„Нуклеарната програма на Иран напредува брзо, колку подолго го дозволиме тоа, толку побрзо ќе ја завршат. Мислам дека сега ги делат само неколку месеци од таа цел и ако продолжат вака, ќе го намалат тоа време на само неколку недели“, предупреди американскиот државен секретар Ентони Блинкен во јуни.
Очите на Бајден и неговата администрација сега се насочени кон односите меѓу Иран и Русија. Секоја промена во позицијата на Русија по ова прашање би била значајна, бидејќи тие до сега беа жестоки противници на иранската нуклеарна програма.
„Како што рековме, иранскиот нуклеарен договор не е на дневен ред“, рече портпаролката на Советот за национална безбедност на САД, Адриен Вотсон, додавајќи дека силно ќе се спротивстави на натамошното зајакнување на врските меѓу Русија и Иран по ова прашање.
Иранската делегација во ОН и руското Министерство за надворешни работи одбија да ги коментираат овие наводи.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски минатата недела изјави дека Иран бара помош од Русија со својата нуклеарна програма во замена за воена помош, но податоците собрани од САД не можат дефинитивно да кажат дали станува збор за quid-pro-quo однос, според извори.
Но, барањата на Иран до Русија сугерираат дека иранските власти веруваат оти новиот нуклеарен договор нема да се случи или, ако се случи, нема да трае.
Изворите сметаат дека иранската потрага по партнер настанала поради страв дека САД ќе се повлечат од нуклеарниот договор, како што тоа го направи администрацијата на Доналд Трамп во 2018 година, па решиле да бараат партнер во Русија.
Иран претходно побара од САД гаранција дека нема да се повлече од договорот во иднина, но САД рекоа дека не можат да го ветат тоа.
„Договорите што Русија ги правеше на страна и претходно ги разнишаа темелите на договорот од 2015 година и какви било понатамошни договори значително би ја намалиле можноста да се вратиме на тој договор“, рече висок американски функционер кој одби да ги коментира наводите на разузнавањето.
Џејмс Актон, кодиректор на Програмата за нуклеарна политика во Карнеги фондацијата за меѓународен мир, рече дека не верува оти на Иран му е потребна помош, но сака да произведува гориво побрзо, поевтино и на пократок временски рок.
„Во нивен интерес е да побараат помош, особено кога станува збор за гориво“, рече Актон.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Шефот на НАТО: Кина сака добри односи со Западот и и помага на Русија, не може да ги има и двете
Кина мора да престане да ја поддржува руската војна во Украина ако сака да ужива во добри односи со Западот, изјави денеска генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, предупредувајќи го Пекинг со невообичаено остри зборови дека не може да ги има и двете. За време на посетата на Берлин, шефот на западната воена алијанса рече дека помошта на Пекинг е од витално значење за воените напори на Москва бидејќи ја зајакнува воената економија на Русија со споделување на врвна технологија, како што се полупроводниците.
„Минатата година Русија увезе 90 отсто од својата микроелектроника од Кина, која се користи за производство на проектили, тенкови и авиони. Кина исто така работи на Русија да и обезбеди подобрени сателитски способности“, рече Столтенберг. „Кина вели дека сака добри односи со Западот. Во исто време, Пекинг продолжува да го поттикнува најголемиот вооружен конфликт во Европа од Втората светска војна. Не може да ги има и двете“, предупреди тој.
Столтенберг ги предупреди западните сојузници да не станат зависни од Кина како што беа од Русија. „Во минатото направивме грешка што станавме зависни од руската нафта и гас. Не смееме да ја повториме таа грешка со Кина и да зависиме од нејзините пари, суровини и технологии. Зависноста не прави ранливи“, додаде тој.
Кина ги зајакна трговските и воените врски со Русија во последниве години, бидејќи САД и нивните сојузници воведоа санкции и на двете, но особено на Москва, поради нејзината инвазија на Украина. Рускиот претседател Владимир Путин изјави во четвртокот дека планира да отпатува за Кина во мај, но не прецизираше точно кога.
Свет
САД градат привремено пристаниште во близина на Газа за испраќање хуманитарна помош
Соединетите Држави почнаа да градат пристаниште во Газа, соопшти денеска Пентагон, проект кој треба да ја олесни испораката на хуманитарна помош на палестинската територија. Пристаништето треба да профункционира на почетокот на мај.
Во март, претседателот Џо Бајден објави дека американската војска ќе изгради привремено пристаниште на медитеранскиот брег на Газа за да добива хуманитарна помош по море.
Изградбата е дел од напорите да се спречи гладувањето во палестинската енклава, која веќе пет месеци се наоѓа во средината на израелската воена кампања против Хамас, која го опустоши Појас Газа и ги потопи нејзините 2,3 милиони луѓе во хуманитарна катастрофа.
„Можам да потврдам дека американските воени бродови, вклучително и УСНС Бенавидез, почнаа да градат привремено пристаниште…“ изјави за новинарите портпаролот на Пентагон, Патрик Рајдер.
ОН предупредија дека Газа е во опасност од глад и се пожалија на „огромни пречки“ при добивањето помош и нејзино дистрибуирање низ енклавата.
Агенциите за помош и администрацијата на Бајден го молеа Израел да ја олесни испораката на помош во Газа и да им дозволи на нивните конвои безбедно поминување на територијата.
Рајдер рече дека Пентагон следи некој вид минофрлачки напад во Газа што предизвика минимална штета во близина на областа каде што се гради пристаништето, но додаде дека американските сили сè уште не почнале да преместуваат ништо во областа и дека нема американски сили на теренот.
Свет
(Видео) Големи поплави во Танзанија, загинаа 155 луѓе
Во поплавите во Танзанија загинаа 155 луѓе, а најмалку 236 се повредени, изјави денеска премиерот Касим Мајалива. Во поплавите оштетени се повеќе од 10.000 куќи.
Премиерот додаде дека обилните дождови предизвикани од Ел Нино и придружени со силен ветер доведоа до поплави и лизгање на земјиштето во различни делови на земјата.
„Многу луѓе загинаа. Имаше штета на посевите, куќите, инфраструктурата како патишта, мостови и железници“, рече Мајалива.
Поплави ја погодија и Кенија, која се граничи со Танзанија на истокот на Африка, при што загинаа повеќе од 30 луѓе, пишува Си-ен-ен.
Во Кенија врне силен дожд од средината на март, а врнежите се интензивираа минатата недела. Кенискиот Црвен крст изврши повеќе од 188 спасувачки операции од март. Властите вчера затворија некои патишта во главниот град на Кенија, а неколку населби беа поплавени.