Свет
Американците на прва средба со талибанците по повлекувањето: „Има да ги притиснеме“
Американската делегација викендов ќе разговара со талибански претставници во Доха, за прв пат по повлекувањето на американските трупи од Авганистан, објави „Ројтерс“, повикувајќи се на двајца високи претставници во администрацијата.
Американската делегација на високо ниво ќе вклучува службеници од Стејт департментот, УСАИД и американската разузнавачка заедница и ќе изврши притисок врз талибанците да им овозможат на американските државјани и другите безбеден излез од Авганистан и да го ослободат киднапираниот американски државјанин Марк Фрерикс, соопштиле службениците.
Вториот врвен приоритет ќе биде талибанците да се потсетат на нивното ветување дека нема да дозволат Авганистан повторно да стане центар на Ал Каеда или други екстремисти, но и да се принудат да го подобрат пристапот до хуманитарна помош, бидејќи сериозна хуманитарна криза се надвива над Авганистан.
Специјалниот претставник на САД, Залмај Калилзад, кој со години го водеше американскиот дијалог со талибанците и беше клучна фигура во мировните преговори со групата, нема да биде дел од делегацијата.
„Овој состанок е продолжение на прагматичните ангажмани со талибанците што ги имавме за прашања од витален национален интерес“, рекол висок претставник кој побарал да остане анонимен.
„Состанокот не е за признавање или давање легитимитет. Остануваме јасни дека секој легитимитет мора да се добие преку самите дејствија на талибанците“, додал официјалниот претставник.
Иако талибанците ветија дека ќе бидат поинклузивни отколку кога ја водеа земјата од 1996 до 2001 година, САД постојано повторуваат дека на новата талибанска влада ќе ѝ судат врз основа на нејзините постапки, а не на зборовите.
„Сигурно ќе извршиме притисок врз талибанците да ги почитуваат правата на сите Авганистанци, вклучително и жените и девојчињата и да формираат инклузивна влада со широка поддршка“, посочил американскиот претставник.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
„Не сум магионичар“: Кос за идејата сите земји од Западен Балкан да влезат во ЕУ одеднаш
„Живееме во геополитички чувствително време. Може да има мир во Украина и тоа ќе донесе нова реалност во Европа“, изјави европската комесарка за проширување Марта Кос.
Црна Гора би можела да ги заврши техничките преговори до крајот на годината, објави европската комесарка за проширување Марта Кос.
Таа го кажа ова во интервју за телевизијата Н1.
На прашањето што конкретно може да направи Европската Унија (ЕУ) за да му помогне на регионот, како и на изјавата на новинарката на Н1 дека парите и предупредувањата не се доволни, дека може да се види дека ЕУ ја губи информациската војна во регионот, особено во Србија, а делумно и во Босна, и дека дипломатскиот јазик не помага, Кос рече дека не прифаќа „критики дека не сме успешни во проширувањето“.
„Две од четирите водечки земји се од Западен Балкан. Црна Гора би можела да ги заврши техничките преговори до крајот на годината, а Албанија е следна. Ова е успех. Живееме во геополитички чувствително време. Може да има мир во Украина, а тоа ќе донесе нова реалност во Европа. Ако го забрзаме процесот, ќе ги разгледаме сите кандидати, но мора да има јасна посветеност. Не е доволно само да се хармонизира законодавството, треба да ја почувствувам и видам политичката волја. Процесот на пристапување не е само технички, туку зависи и од земјите-членки“, рече Кос.
На прашањето што мисли за идејата сите земји-кандидатки да влезат во ЕУ одеднаш, Кос рече: „Да можев, би сакала сите земји, особено од Западен Балкан, да влезат заедно“.
„Но, јас не сум магионичар. Ако има промени, внимателно ќе ја разгледаме секоја земја. Проширувањето мора да ја направи ЕУ посилна, а не послаба. Ова е цел што мора да ја постигнеме заедно“, рече Кос.
Свет
Фон дер Лајен го објави планот „Една Европа, еден пазар“
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денес објави дека на следниот формален самит на Европската унија (ЕУ) во март, ќе го претстави акциониот план „Една Европа, еден пазар“, со детални рокови и цели за зајакнување и обединување на европската економија, додека во исто време оцени дека Европскиот систем за трговија со емисии (ETS) има јасни предности и механизми за контрола на цената на јаглеродот.
Според Јуроњуз, Фон дер Лајен на прес-конференцијата по самитот на лидерите на ЕУ изјави дека акциониот план содржи пет клучни области – административно поедноставување, единствен пазар, енергија, дигитализација и трговија.
Во март, комисијата ќе претстави детален план за понатамошен развој на единствениот пазар од 450 милиони потрошувачи, вклучително и унија на пазарот на капитал што би овозможила попродуктивно користење на околу 10 трилиони евра заштеди што моментално се наоѓаат на банкарски сметки, објави Ројтерс.
Зборувајќи за ETS, претседателката на ЕК нагласи дека системот има елементи што овозможуваат модулација на цената на јаглеродот во случај на негов прекумерен раст или неповолни економски околности, преку таканаречената „резерва за стабилност на пазарот“.
Додаде дека ЕУ детално ќе ги разгледа овие елементи во рамките на планираниот преглед на ETS, кој е закажан за третиот квартал од оваа година, за системот да остане ефикасен и прилагодлив на актуелните економски и климатски предизвици.
Европските лидери се состанаа денес на неформален самит во белгиската покраина Лимбург, а фокусот на разговорот беше конкурентноста на европската економија, пренесува Танјуг. Еден ден претходно, на индустрискиот самит во Антверпен, претставниците на европската индустрија ги презентираа своите приоритети пред највисоките претставници на ЕУ, барајќи пониски цени на енергијата, намалување на регулаторните оптоварувања и посилна конкурентност во споредба со Кина и Соединетите Американски Држави.
Свет
Писториус: Германија сака да испорача уште пет противракетни системи „Патриот“ на Украина
Германија ќе испорача дополнителни пет противракетни системи „Патриот“ (PAC-3) на Украина доколку другите земји донираат вкупно 30, изјави денес во Брисел германскиот министер Борис Писториус по состанокот на Контакт групата за одбрана на Украина.
Ракетите „Патриот“ се меѓу главните оружја што Западот ѝ ги даде на Украина за време на нејзината борба против руската инвазија, пренесува Ројтерс.
„Сите знаеме дека станува збор за спасување животи“, рече Писториус во Брисел.
Тој додаде дека е прашање на денови, а не недели или месеци, да се договорат за ова.
Писториус посочи дека објавата сè уште не е одобрена од националните влади, но дека е „многу оптимист“ дека ќе се постигне договор за испраќање на тие 30 плус пет противракетни системи.

