Свет
Американците распоредија ракети на Филипините, Кина веднаш испрати остра реакција
Кинеското Министерство за одбрана остро го осуди распоредувањето на американски ракетен систем со среден дострел на северот на Филипините за време на воените вежби во април, додавајќи дека потегот „значително го зголемил ризикот од војна во регионот“.
Портпаролката на Министерството за одбрана, Ву Чиан, рече дека Кина е многу внимателна и се противи на распоредувањето американски ракети на Филипините, први од ваков вид во индо-пацифичкиот регион.
Според неа, потезите на САД и Филипините „сериозно го загрозиле“ мирот во регионот и донеле „огромни ризици од избувнување на војна“.
„Ракетите со среден дострел се стратешко и офанзивно оружје“, рече Ву, додавајќи дека ова сценарио потсетува на политиката на Студената војна.
Кина распоредува свои напредни ракети со среден дострел како дел од проширувачкиот арсенал на конвенционални балистички ракети. САД минатиот месец потврдија дека ракетните системи Тајфун биле распоредени на Филипините за време на воената вежба „Баликатан“.
Филипинскиот полковник Мајкл Логико тогаш изјави дека ракетните системи, кои можат да испукаат ракети Томахавк и СМ-6, биле транспортирани во градот Лаоак во северната филипинска провинција Илокос Норте, но не кажа дали оружјето оттогаш било преместено. или остана на Филипините.
Од овие системи за време на заедничките воени вежби не биле истрелани проектили бидејќи целта била да се утврди можноста за транспорт на ракетни системи од 40 тони со авион.
Околу 16.000 војници од двете страни учествуваа на годишните американско-филипински воени маневри. Тие беа одржани на северните филипински острови во близина на Тајван и во водите спроти Јужното Кинеско Море, каде Кина е во територијален спор со неколку земји, вклучително и Филипините.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Се бараат оставки поради трагедијата во Домот за пензионери
Голем број граѓани на Тузла денеска излегоа на улиците на градот и одржаа протест, изразувајќи го своето незадоволство поради трагедиите и скандалите што го погодија Тузланскиот кантон.
Пожарот што избувна во вторникот во Домот за пензионери во Тузла однесе 13 животи, а 12 пациенти сè уште се наоѓаат во болница. Како што беше утврдено, жртвите починале од труење со јаглерод моноксид.
Една седмица претходно, Тузланскиот кантон го потресе случајот со подведување малолетнички, за што се осомничени полициски службеник и еден професор. Нивното подведување траело неколку месеци во текот на минатата и оваа година.
Присутните граѓани од Тузла, но и оние кои допатуваа од други градови на Босна и Херцеговина, денеска побараа оставки од надлежните.
Свет
Три девојки планирале терористички напад во Париз
Девојки на возраст од 18, 19 и 21 година, беа уапсени и обвинети за терористичка завера и планирање напад во Париз, соопштија денеска истражните органи.
Како што е наведено, тие неколку недели планирале насилен терористички напад врз кафуле или концертна сала во Париз, јави РТЛ.
Апсењето и обвинението против трите жени е резултат на истрагата на Националното обвинителство за борба против тероризмот, која беше успешно завршена пред 10-годишнината од смртоносниот терористички напад на 13 ноември 2015 година во Париз.
Свет
Се запали магацин за парфеми во Турција, загинаа шест лица
Најмалку шест лица загинаа, а две се повредени во пожар што утрово избувна во магацин за парфеми во градот Диловаси, во северозападниот дел на Турција.
Според снимките што ги емитуваше турскиот канал НТВ, изгореле два ката од зградата во која се наоѓале магацинот и работилницата за производство на парфеми.
Засега нема информации за тоа што го предизвикало пожарот.

