Свет
Америка го предупреди Хезболах: Тоа би била многу, многу, многу лоша одлука
Специјалниот американски пратеник за Сирија, Том Барак, го предупреди Хезболах да не се вклучува во војната меѓу Иран и Израел, објави АФП.
Барак, кој е и амбасадор на САД во Турција, е во прва официјална посета на Бејрут, каде што се сретна со високи либански претставници, вклучувајќи го и претседателот на парламентот Набих Бери, сојузник на Хезболах.
„Можам да кажам во име на претседателот Доналд Трамп… дека тоа би била многу, многу, многу лоша одлука“, рече Барак по средбата со Бери, одговарајќи на прашање за ставот на САД доколку либанската вооружена група Хезболах, поддржана од Иран, се вклучи во војната.
Хезболах, кога избувна конфликтот во петокот, ги осуди нападите на Израел врз Иран, но не објави никакви планови за интервенција во име на Техеран. Групата претрпе големи загуби во минатогодишната војна со Израел, која заврши со прекин на огнот во ноември.
И покрај прекинот на огнот, Израел продолжи со нападите врз Либан, велејќи дека ќе продолжи со нападите сè додека Хезболах не се разоружа. Во израелски напад врз Кфар Јуз во јужен Либан во среда загинаа две лица, додека во друг напад во Бариш беше повредено едно лице, соопшти либанското Министерство за здравство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
ИКЕА купува шуми во Латвија и Литванија
ИКЕА купува околу 24.000 хектари шума во Латвија и Литванија од финската инвестициска компанија CapMan Natural Capital, која по повеќе од десет години активно управување оценила дека имотот достигнал „зрела фаза“ на создавање вредност.
ИКЕА соопшти дека набавката е во согласност со целите за одговорно управување со шумите и користење локални суровини, имајќи предвид дека таа е меѓу најголемите потрошувачи на дрвна маса во светот.
Трансакцијата треба да биде одобрена од регулаторите, а се очекува да биде завршена во првата половина од следната година.
CapMan по продажбата ќе управува со 215.000 хектари шума и ќе остане меѓу најголемите независни сопственици на шуми во ЕУ. Компанијата моментално управува со имот вреден 7,1 милијарди евра.
Свет
Руте: Путин мисли дека може да издржи подолго од нас, но ние не одиме никаде
Еден ден по пораката на Владимир Путин дека Европа ризикува војна со Русија, генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, излезе пред новинарите во Брисел и испрати повеќе директни пораки. Тој зборуваше за руските закани, поддршката за Украина и улогата на САД во мировните преговори.
Руте рече дека состанокот на министрите е „јасен знак дека Путин греши“, додавајќи: „Путин верува дека може да издржи подолго од нас, но ние не одиме никаде“. Истакна дека помошта на НАТО прави разлика на теренот, особено системите за противвоздушна одбрана.
Тој предупреди на „реални и трајни опасности“ што доаѓаат од Русија, споменувајќи сајбер-напади и повреди на воздушниот простор, и порача дека е потребна „непоколеблива будност“. Потсети дека сојузниците имаат цел – до 2035 година да вложуваат 5% од БДП во одбраната.
На прашањето за саботажите поврзани со Русија, меѓу кои и експлозијата на железничката пруга во Полска, Руте ги нарече нападите „крајно неодговорни“. Рече дека разузнавачките служби ќе ги расветлат деталите, но додаде: „Ќе реагираме на начин што самите ќе го одбереме – и тие ќе го почувствуваат тоа“.
Руте изјави дека само Доналд Трамп може да ја разбие блокадата во мировните преговори, пофалувајќи ја ангажираноста на неговиот тим. Одби да коментира дали Русија покажала поголема подготвеност за компромис, но рече дека НАТО мора да продолжи да ја притиска Русија преку вооружување на Украина и економски притисок.
Тој наведе дека Русија троши 40% од буџетот на одбраната и дека НАТО мора да одговори, а одлуките за мобилизација или вклучување жени во одбраната се одлуки на секоја држава поединечно.
За програмата ПУРЛ за набавка на оружје за Украина, Руте рече дека две третини од сојузниците веќе се приклучиле и дека распоредувањето на товарот е во многу подобра состојба. Истакна дека сојузниците обезбедуваат „постојан проток на оружје“ што создава притисок врз Русија.
Руте изрази уверување дека ЕУ ќе го реализира планот за користење на замрзнатиот руски имот за Украина, по најавата на Урсула фон дер Лајен за пакет од 79 милијарди евра. Доколку тоа не се оствари, рече, „треба да најдеме пари на друг начин“, додавајќи дека има целосна доверба во европското раководство.
Свет
Финскиот претседател: Малку веројатен е праведен мир во Украина
Претседателот на Финска, Александар Стуб, денес изјави дека е малку веројатно дека ќе бидат исполнети условите за праведен мир во Украина.
„Реалноста е дека мирот може да биде добар, лош или некаков вид компромис. Реалноста е исто така дека ние, Финците, мора да се подготвиме за моментот кога ќе дојде мирот и дека е малку веројатно дека ќе бидат исполнети сите услови за праведен мир за кои толку многу зборувавме во текот на последните четири години“, рече Стуб во интервју за MTV Utiset, како што објави бриселскиот портал Politiko.
Тој додаде дека денес сме поблиску до мирот отколку вчера и дека наредните денови и недели ќе покажат дали преговорите ќе донесат некакви резултати.
Интервјуто на Стуб следеше по средбите на американските претставници Стив Виткоф и Џаред Кушнер со рускиот претседател Владимир Путин.
Финската министерка за надворешни работи Елина Валтонен денес на состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО изјави дека Европа наскоро ќе биде информирана за најновите мировни преговори, но дека е очигледно дека не успеале да постигнат масовен консензус синоќа во Москва.
„Русија не е подготвена за компромис“, рече таа, додавајќи дека секој мировен договор не само што мора да ги запре убиствата, туку и да вклучува одредби што ќе ја направат Украина доволно силна за да се спротивстави и на воената инвазија и на какво било политичко мешање во иднина, што е во согласност со стратегијата на Русија.
Фото: ЕПА

