Свет
Америка погодена од топлотен бран: најмалку 13 лица загинаа како последица на екстремни горештини, метеоролозите велат дека допрва следуваат пеколни температури

Најмалку 13 лица загинаа како последица на високите горештини што го зафатија југоисточниот дел на САД, а метеоролозите го најавуваат и првиот топлотен бран годинава во Калифорнија.
Меѓу оние што загинаа како последица на жештините е и маж, кој почина доцна во неделата во Шривепорт, Луизијана, што е втор смртен случај во невообичаено топлиот јуни за државата, пренесува АП.
49-годишен маж од соседниот Босиер Сити бил пронајден како лежи на тротоар во Шривепорт, каде што температурата достигнала 36 Целзиусови степени, околу пет степени над просекот за овој период од годината.
Се верува дека жештината е причина за смртта на 62-годишна жена во Китвил, која ја пронашле нејзините роднини откако неколку дена била без струја поради претходното силно невреме.
Во југоисточна Луизијана, канцеларијата на Националната метеоролошка служба во Слајдел издаде предупредување за прекумерна топлина на 16 јуни, најрано во годината за областа, според АП.
Се предвидува дека температурите ќе надминат 38 Целзиусови степени во поголемиот дел од југоисточниот дел на САД до средината на неделата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Инциденти по протестот во Белград: Петпати фрлија солзавец, но луѓето бришат солзи и не се откажуваат, летаат јајца и шишиња по полицијата

Голема толпа народ не се повлекува од улиците на Белград иако студентскиот протест, преку кој испратија порака за предвремени парламентарни избори, заврши. Полициски кордони има насекаде и се обидуваат да ја потиснат масата луѓе. Граѓаните на многу места фрлаат со шишиња, лименки, камења и јајца по полицијата, се жалат дека се чувствува солзавец во воздухот, но велат дека нема да се откажат.
„Бевме пред кордонот полиција, во првиот ред. Петпати фрлија солзавец, но луѓето бришат солзи и не се откажуваат. Доста е страв, нема понатаму. Ова е нивен крај, не наш. Остануваме до крај“, вели за српската телевизија „Н1“ студентка која на протестот е со мајка си и не сака да си замине.
„Спуштете ги штитовите“ извикуваат граѓаните и не сакат да отстапат. Ставаат маски на лицата и пренесуваат повик „да не се откажуваме, се додека сме мирни, ништо не можат“.
Студентскиот протест на кој беа пренесени пораките за предвремени избори заврши мирно, а инцидентите почнаа во моментот кога студентите ги соблекоа елеците.
Регион
(Видео) Студентите на протестот во Белград ќе развеат знаме „какво што не се очекува“

Студентскиот протест во Белград почна со огромен број луѓе кои се уште се слеваат кон плоштадот Славија. Студентите за вечерва најавија дека ќе развеат знаме „какво што досега не е видено“. Откога почна протестот тие на социјалните мрежи објавија кусо видео од последните подготовки за изнесување големо знаме на улица со најава дека „тоа ќе биде знаме кое не сте го очекувале“.
Biće to zastava koju niste ocekivali pic.twitter.com/qeFNGlGmHD
— Žaklina Tatalović (@zaklina_prva) June 28, 2025
Протестот е предвидено да заврши во 21 часот кога истекува рокот кој студентите го дадоа на власта за распуштање на Народното собрание распишување предвремени парламентарни избори како и растурање на протестот во Пионерскиот парк каде некои студенти на контрапротест три месеци кампуваат и бараат продолжување на универзитетската година. За се што ќе се случува по 21 часот, студентите кажаа дека не се надлежни, а претседателот на Србија, Александар Вучиќ, попладнево рече дека очекува насилство, токму во периодот од 21 до 22 часот.
Регион
Плоштадот Славија во Белград се преполни, реки луѓе доаѓаат од сите страни на видовденски протест

Под слоганот „Се гледаме на „Видовден“ попладнево плоштадот Славија во Белград, Србија се преполни луѓе. Српските медиуми јавуваат дека реки народ се уште доаѓаат кон плоштадот од сите страни на државата.
Студентите, поддржани од огромен број граѓани имаат две барања од властите. Првото барање е распуштање на Народното собрание и распишување предвремени парламентарни избори до 21 часот денес, а второто барање е да прекине протестот на некои од студентите кои бараат продолжување на универзитетската година и три месеци кампуваат во Пионерскиот парк во центарот на Белград.
Студентите кои го организираат протестот најавија дека тој ќе трае три часа, треба да заврши во 21 часот и се огласија за ненадлежни за се што ќе се случува по 21 часот.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денес изјави дека очекува насилство на протестот кое ќе почне меѓу 21 и 22 часот.