Свет
Америка со овој потег го навреди целиот свет, смета претседателот на Палестина
Палестинскиот претседател, Махмуд Абас, смета дека отворањето на Амбасадата на САД во Ерусалим ќе создаде нестабилност во регионот.
Тој ја отфрли можноста Вашингтон да служи како посредник за мир на Блискиот Исток.
„Со преместувањето на амбасадата, американската администрација заврши со улогата во мировниот процес и ги навреди светот, палестинскиот народ, арапската и исламската нација, и создаде нестабилност“, изјави портпаролот на Абас, пренесува „Ројтерс“.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, преку порака емитувана на церемонијата на отворањето на американската Амбасада во Ерусалим изјави дека и понатаму останува посветен на мирот помеѓу Израел и Палестина.
Одлуката на Трамп да го признае Ерусалим како престолнина на Израел и да ја префрли Амбасадата од Тел Авив, ги вознемири Палестинците и предизвика меѓународна загриженост. Церемонијата се одржува во момент кога Палестинците масовно протестираат на границата со Израел, пришто беа убиени најмалку 38 лица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Американците понудиле безбедносни гаранции за Украина, Зеленски не е задоволен
САД му понудија на Киев 15-годишни безбедносни гаранции, но Украина сака повеќе и смета на период од најмалку 30 години, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски на маргините на Минхенската безбедносна конференција.
Според него, Украина работи со сите партнери за безбедносни гаранции.
„Општо земено, ние сме блиску до тој проект. Имавме средба со американски сенатори. Рековме дека навистина сакаме да ги продолжиме безбедносните гаранции, за да бидат поефикасни за инвеститорите на кои им се потребни гаранции повеќе од пет до десет години“, рече Зеленски, пренесоа украински медиуми.
Тој додаде дека американската страна синоќапредложила гаранции од 15 години, додека Украина сака да додаде 20 години на тоа, за периодот да биде помеѓу 30 и 50 години.
„Зависи од тоа што ќе одлучат администрацијата и Конгресот, ќе видиме“, рече Зеленски.
Свет
Зеленски очекува корисна следна рунда мировни преговори
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, денеска во Минхен изјави дека очекува следната рунда мировни преговори да биде сериозна, суштинска и корисна. Сепак, тој додаде дека понекогаш се чини како „страните да зборуваат за сосема различни работи“.
Нова рунда разговори меѓу претставниците на Русија и Украина, со посредство на САД, ќе се одржи во Женева во вторник и среда.
Зборувајќи на Минхенската безбедносна конференција, Зеленски рече дека клучниот фокус во мировните преговори е да се обезбеди дека „за четири години, цивилизираниот свет нема да биде принуден повторно да се оправдува, да ја префрла одговорноста и да бара некој друг да го обвини“ за уште една војна.
„Украина е подготвена за договор што ќе ни донесе вистински мир нам, на Украина и на Европа“, додаде тој и изјави дека Европа „практично не е присутна на преговарачката маса“, но треба да биде.
„Тоа е голема грешка“, рече тој.
Зеленски истакна дека би било илузија да се верува дека оваа војна сега може сигурно да се заврши со поделба на Украина. Тој повтори дека на Русија „не смее да ѝ се даде никаква надеж дека може да остане неказнета за ова злосторство“.
Тој вели дека Москва била најсериозна во врска со преговорите кога била погодена од длабоки украински напади на сопствената територија.
„Колку сме посилни, толку пореален станува мирот“, рече тој.
Свет
Грчките земјоделците го завршија протестот во Атина
Со сирени и свирење, исто како што и пристигнаа, тракторите на грчките земјоделци претпладнево си заминаа од Атина, откако во текот на ноќта останаа паркирани пред грчкиот Парламент. Околу 50 трактори вчера пристигнаа во Атина, поминаа низ низа централни улици, каде што беа пречекани и поздравени од граѓаните и случајните минувачи, а на ист начин си заминаа денеска.
Во текот на вечерта тракторите останаа паркирани на плоштадот Синтагма пред Парламентот, откако претходно, протестот заврши мирно, а свои обраќања имаа земјоделци од различни делови на земјата, пренесувајќи ги нивните ставови и барања поврзани со примарниот сектор.

