Свет
„Амнести интернешнл“ бара гонење на иранските власти: Тие извршија невидени злосторства
Организацијата за човекови права „Амнести интернешнл“ ги обвини властите во Иран дека извршиле злосторства според меѓународното право откако смртта на Махса Амини предизвика антивладини протести, што ја поттикна меѓународната заедница да почне правна постапка против иранската држава.
„Иранските власти извршија невидени злосторства против луѓето во Иран, кои се спротивставија на децениското угнетување и нееднаквост“, рече Џулија Духроу од германскиот огранок на „Амнести интернешнл“.
В сабота, 16 септември, се навршува првата годишнина од смртта на 22-годишната жена, која беше убиена од таканаречената морална полиција. Амини почина во притвор кога беше уапсена поради кршење на исламските правила за облекување со тоа што наводно покажала премногу коса под својот превез, пишуваат медиумите.
„Амнести“ ја повика меѓународната заедница да поведе правна постапка. Тоа е повик до земјите како Германија да ги гонат злосторствата против човештвото извршени во странство, а кои немаат врска со земјата.
„Минатата година германската влада одигра клучна улога во формирањето истражна комисија во Иран во рамките на канцеларијата на Високиот комесаријат за човекови права на Обединетите нации. Исто така, од германската влада ја очекуваме оваа јасна посветеност за почитување на човековите права во Иран една година по смртта на Џина Махса Амини“, рече Духроу.
Властите во Иран одговорија на протестите во земјата со брутално потиснување на опозицијата.
Најмалку 500 демонстранти се убиени, а десетици илјади луѓе се приведени, според процените на разни активисти.
Според написите, иранското правосудство егзекутира седум демонстранти. По тоа, демонстрациите полека стивнаа.
Денес, многу жени во Иран ги игнорираат исламските правила за облекување во знак на тивок протест.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Путин го смени министерот за одбрана
Рускиот претседател Владимир Путин предложи смена на министерот за одбрана и долгогодишен сојузник Сергеј Шојгу по повеќе од две години војна во Украина, објави Горниот дом на парламентот.
Путин го назначи Шојгу за секретар на рускиот Совет за безбедност, изјави портпаролот на Путин, Дмитриј Песков.
Шојгу беше на чело на руското Министерство за одбрана повеќе од 11 години. Путин го предложи Андреј Белоусов – поранешен вицепремиер, за нов министер за одбрана.
Путин, исто така, предложи Сергеј Лавров да остане министер за надворешни работи.
Шојгу беше критикуван за лошо управување со војната во Украина. Тој беше остро критикуван и јавно прозван од Евгениј Пригожин, шефот на Вагнер, кој се пожали дека руската армија не ги снабдувала неговите платеници со доволно оружје за војната.
Регион
(Видео) „Немаме претензии кон Грција“ – Рама на собир со дијаспората во Атина откако доби дозвола од Мицотакис
Албанскиот премиер Еди Рама е во Грција, каде на собир одржан во Атина рече дека односите меѓу двете земји не можат „да се удават во лажица вода што ја носи секојдневната политика“, и дека Албанија нема претензии кон Грција.
Рама претходно доби дозвола од грчките власти за да одржи собир со албанските граѓани. Грчката опозиција се спротивстави на посетата на албанскиот премиер, но Рама на крајот доби дозвола од премиерот Киријакос Мицотакис кој искоментира дека посетата е непотребна, пишува „Еуроњуз“.
„Мислам дека темата доби малку повеќе публицитет отколку што навистина заслужува. Ако ме прашувате дали времето на оваа посета, неколку недели пред европските избори и со отворените прашања за грчкото национално малцинство во Албанија, е вистинскиот, ќе ви кажам дека не е баш најсоодветното време. Но, како и да е, да не му даваме и поголема важност“, рече Мицотакис.
Рама на средбата со Албанците во Атина истакна дека тие станале гордост на Албанија во тој дел од Европа.
„Вие сте најголемиот, најсилниот, најубавиот доказ за оваа поврзаност со милиони нераскинливи нишки на два народа“, рече Рама.
Тој изјави дека на грчките граѓани во Албанија не им е ускратено правото да гласаат поради нивното етничко потекло.
„Ниту еден ваш проблем не се разликува од било кој проблем на граѓаните на Албанија. Во ниту еден случај албанската држава на етничките Грци не им го ускрати правото на вера, јазик или имот. Никогаш не им беше ускратено правото на глас поради нивното потекло“, продолжи тој.
Рама истакна дека политиката мора да знае дека судбините на Албанија и Грција се неразделни. Тој ги повика Грците да дојдат во Албанија не само на одмор, туку и да инвестираат.
„Грците беа, се и ќе бидат добредојдени во Албанија не само да се одморат туку и да работат, да отвораат продавници, да основаат фирми, да отвораат инвестициски линии за да имаат корист од многу помал даночен режим отколку во Грција. Албанија е толку добредојдена за Грците што не им прави никакви проблеми“, рече Рама.
Тој додаде дека Албанија нема претензии кон Грција.
„Албанија нема претензии кон Грција, освен меѓусебно почитување, взаемна грижа за сонародниците кои живеат во нашите две земји, меѓусебни односи на пријателство и добрососедство. И не само тоа, Албанија ја гледа Грција како природен стратешки партнер, било за прашања кои треба да се решат меѓу нас или за големите предизвици на оваа нова ера, можности, но и закани за Балканот, Европа и демократскиот свет. Ги гледаме како причина да се зближиме и подобро да се запознаеме“, рече Рама и најави дека ќе се формира Албанско-грчка стопанска комора.
Свет
САД: Израел нема убедлив план за заштита на цивилите во Рафа
Американскиот државен секретар, Ентони Блинкен, денеска ја бранеше одлуката за одложување на испораката на 3.500 бомби на Израел поради загриженоста дека тие ќе бидат користени во напад врз градот Рафа во јужна Газа, велејќи дека Израел нема убедлив план за заштита на 1,4 милиони цивили кои се засолниле таму.
Зборувајќи за „Еј-би-си њуз“, Блинкен рече дека Џо Бајден останува посветен да му помогне на Израел да се одбрани и дека испораката на 3.500 бомби со тежина од 900 и 230 килограми е единствениот американски пакет со оружје што е задржан.
„Бајден јасно стави до знаење дека ако Израел „покрене голема операција во Рафа, тогаш постојат одредени системи што нема да ги поддржиме и да ги снабдуваме за таа операција“, рече Блинкен.
„Навистина сме загрижени за начинот на кој тие се користат“, продолжи тој. Израел мора да „има јасен, убедлив план за заштита на цивилите, што сè уште не сме го виделе“.
1,4 милиони Палестинци се засолниле во Рафа, од кои многумина беа раселени од другите делови на Газа каде што побегнаа од борбите и израелските бомбардирања, поради големиот недостиг на храна и вода.
Најмалку 35.000 Палестинци се убиени во израелската воена операција во Газа, според Министерството за здравство на енклавата.
Војната почна со напад на Хамас врз јужен Израел на 7 октомври, во кој според израелските податоци загинаа околу 1.200 луѓе, а 250 беа киднапирани. Израел тврди дека во борбите загинале 620 војници.