Свет
Аналена Бербок ја презеде функцијата претседател на Генералното собрание на ОН

Поранешната германска министерка за надворешни работи, Аналена Бербок, официјално ја презеде функцијата претседател на Генералното собрание на Обединетите нации во вторникот.
Таа положи заклетва во Обединетите нации во Њујорк.
Бербок (44) ја презеде функцијата од својот претходник, Филемон Јанг, поранешен премиер на Камерун, на почетокот на 80-тата сесија на Генералното собрание во Њујорк.
„Се радувам на соработката со вашиот наследник, новоизбраниот претседател Бербок, додека продолжуваме да бараме глобални решенија за глобалните проблеми“, рече генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш.
Избрана и покрај руското противење
Бербок беше избрана на функцијата во јуни со огромно мнозинство, и покрај руското противење на нејзината кандидатура.
Политичарката од Зелената партија, која беше министерка за надворешни работи на Германија до мај, е само петтата жена што ја извршува оваа функција.
Позицијата е во голема мера церемонијална по природа и не треба да се меша со улогата на генералниот секретар на ОН.
Како претседател, Бербок ќе претседава со седниците на Генералното собрание и ќе помага во утврдувањето на дневниот ред и деловникот за состаноците.
фото: принтскрин
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Хрватска урива стотина дивоградби покрај брегот

Во наредните три недели на плажата Зрќе во Новалија ќе бидат урнати 124 бесправно изградени објекти, соопшти Државниот инспекторат на Хрватска, пренесе „Јутарњи“. Од нив, 119 се наоѓаат во камп, а пет се угостителски објекти изградени без дозвола надвор од градежната зона.
Инспекторатот соопшти дека отстранувањето ќе се врши на трошок на сопствениците и е проценето на околу 720 илјади евра. Акции за уривање на нелегални градби ќе има и во други делови oд Хрватска.
Од 2019 година досега во таа земја се отстранети повеќе од 2300 нелегални градби, спроведени се повеќе од 42 илјади инспекциски надзори, поднесени се 334 кривични пријави, а изречените парични казни достигнуваат 16,5 милиони евра, соопшти Инспекторатот.
Свет
„Дојче веле“: Хамас и ИСИС добиваат пари од Германија

Терористички организации како Хамас и Исламска држава добиваат финансиска поддршка од Германија преку донации собрани на социјалните мрежи, објави Дојче веле. Според истражувањето, повици за „давање богатство за џихад“ кружат на интернет, а од германски следбеници се бараат пари за оружје.
Главна фигура во мрежата на финансирање, според германските истражители, е жена од Минхен, Елиф О., која како тинејџерка заминала во Сирија и наводно сега ги координира донациите за жените-припаднички на ИСИС. Судовите веќе осудиле неколку нејзини помагачи кои собрале околу 40 000 евра.
Поради правни ограничувања, тешко е да се докаже дека конкретна донација директно финансирала терористички чин. Затоа германското министерство за правда подготвува закон со кој би се казнувал и обид за финансирање тероризам.
Според експертот за тероризам Ханс-Јакоб Шиндлер, Германија треба да го следи американскиот модел каде секоја донација кон организација од листата се смета за финансирање тероризам и се казнува со најмалку десет години затвор.
Истражувањето наведува и пример со австрискиот активист Мустафа А. од Линц, кој преку својот Телеграм-канал „Gaza Now“ собирал крипто-донации во милионски износи, дел од кои, според американската компанија Chainalysis, завршиле кај Хамас. Тој е во притвор, а САД и Британија го ставиле на своите санкциски листи уште во март 2024 година.
Свет
Пропадна најавениот самит меѓу Трамп и Путин

Планираниот самит меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин, кој требаше да се одржи во Будимпешта до крајот на месецот, е одложен на неопределено време.
Висок функционер од Белата куќа изјави дека „во блиска иднина нема планови за средба меѓу претседателите Трамп и Путин“, пренесе „Ројтерс“. Истата информација ја потврди и дописникот на „Аксиос“, Барак Равид.
Според него, телефонскиот разговор меѓу американскиот државен секретар Марко Рубио и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров бил „продуктивен“, но дополнителен личен состанок засега не е потребен.
White House official: “No plans for President Trump to meet with President Putin in the immediate future. Rubio and Lavrov had a productive call. Therefore, an additional-in-person meeting between the Secretary and Foreign Minister is not necessary”
— Barak Ravid (@BarakRavid) October 21, 2025
Самитот, кој беше најавен како нов обид за постигнување мировен договор за Украина, се соочи со пречки поради откажување на подготвителниот состанок меѓу надворешнополитичките советници на двете страни.
Според извори на Си-Ен-Ен, Рубио и Лавров не успеале да се усогласат околу целите и можниот исход на војната. Белата куќа соопшти дека Трамп и понатаму работи на „мирно и дипломатско решение за завршување на бесмислената војна“, додека американските функционери оценуваат дека руските позиции не се промениле.
Кремљ, пак, тврди дека разговорите биле конструктивни и дека продолжува работата на спроведување на договорите од претходната средба во Анкориџ.
Иако Трамп последниве недели нагласува дека Русија и Украина треба „веднаш да го запрат војувањето“, досегашните дипломатски обиди не донесоа конкретен резултат.