Свет
Италијанците најмногу му веруваат на Матео Салвини
Една неодамнешна анкета покажа дека поранешниот министер за внатрешни работи и актуелен лидер на десничарската популистичка партија Лига, Матео Салвини, ужива најголема доверба кај народот меѓу италијанските политичари, пренесува „Ил џорнале“.
Салвини е на врвот на списокот најдоверливи политичари во Италија, при што 39 отсто од испитаниците му изразиле поддршка. Тој сега води пред италијанскиот премиер Џузепе Конте, кој има поддршка кај 35 отсто од италијанската јавност. Лидерката на десничарската партија Браќата на Италија, Џорџа Мелониле, се најде на третото место со 29 отсто анкетирани кои ѝ веруваат.
Анкетата спроведена од „Агора“, италијанско шоу за актуелни случувања, исто така покажа дека популистичката Лига на Салвини останува најпопуларна партија со 31,8 отсто поддршка. Двете партии кои ја сочинуваат сегашната левичарска коалициска влада во Италија, Движењето Пет ѕвезди и Демократската партија, добија поддршка помала од 20 отсто.
Десетици илјади луѓе се собраа во саботата на митингот „Италијанска гордост“ во Рим, на кој на Салвини му се придружија Мелониле и поранешниот премиер и лидер на Форца Италија, Силвио Берлускони. Обраќајќи се пред своите приврзаници, Салвини рече:
„Ова е Италија, која работи и страда, која сонува и се надева“.
Додека приврзаниците го извикуваа нејзиното име од плоштадот, Мелониле рече:
„Ние сме луѓе. И имаме сопствен идентитет. Јас сум Џорџа, јас сум жена, јас сум мајка, јас сум Италијанка и христијанка сум и никој тоа не може да ми го одземе“.
Една 61-годишна жена, која присуствуваше на митингот, изјави за „Асошиетед прес“: „Бараме Матео Салвини што побргу да нè доведе на гласање. И кога, конечно, ќе ни биде дозволено да гласаме, ќе победиме“.
Ако партиите на Салвини, Мелониле и на Берлускони склучат алијанса, прогнозите се дека лесно би имале доволно поддршка за да добијат контрола врз италијанскиот парламент на следните избори.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Рама во Вашингтон ќе учествува на формирањето на Одборот за мир
На 19 февруари премиерот Еди Рама ќе биде во Белата куќа во Вашингтон, каде што ќе учествува на официјалното формирање на Одборот за мир.
Ова го потврди лично премиерот за време на неделниот подкаст „Фласим“(зборуваме), отфрлајќи ги тврдењата на опозицијата дека воопшто не е поканет за учество на овој настан.
– Деновиве добив покана од претседателот на Соединетите американски држави, да го посетам Вашингтон и на учествувам на формирањето на Одборот за мир. Значи разбиени се сите лаги кажани дури и во нашиот парламент. Лага се секакви тврдења што денес повторно се прават смешни, велејќи дека не можам да одам, дека не сум поканет, затоа што, затоа што, затоа што, рече Рама.
Всушност, додаде, како што кажав, ќе бидам во Вашингтон за официјалното формирање на Одборот за мир и за почетокот на активноста на тој одбор.
-Привилегија за Албанија е да биде држава-основач на Одборот за мир и нема да придонесува со пари за да се приклучи или да остане како постојан член, туку придонесува со достоинство и со она што ја направило меѓународно почитувана и поканета, за оваа толку високо ниво на дискусија за иднината на мирот, рече Рама.
Свет
Американците понудиле безбедносни гаранции за Украина, Зеленски не е задоволен
САД му понудија на Киев 15-годишни безбедносни гаранции, но Украина сака повеќе и смета на период од најмалку 30 години, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски на маргините на Минхенската безбедносна конференција.
Според него, Украина работи со сите партнери за безбедносни гаранции.
„Општо земено, ние сме блиску до тој проект. Имавме средба со американски сенатори. Рековме дека навистина сакаме да ги продолжиме безбедносните гаранции, за да бидат поефикасни за инвеститорите на кои им се потребни гаранции повеќе од пет до десет години“, рече Зеленски, пренесоа украински медиуми.
Тој додаде дека американската страна синоќапредложила гаранции од 15 години, додека Украина сака да додаде 20 години на тоа, за периодот да биде помеѓу 30 и 50 години.
„Зависи од тоа што ќе одлучат администрацијата и Конгресот, ќе видиме“, рече Зеленски.
Свет
Зеленски очекува корисна следна рунда мировни преговори
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, денеска во Минхен изјави дека очекува следната рунда мировни преговори да биде сериозна, суштинска и корисна. Сепак, тој додаде дека понекогаш се чини како „страните да зборуваат за сосема различни работи“.
Нова рунда разговори меѓу претставниците на Русија и Украина, со посредство на САД, ќе се одржи во Женева во вторник и среда.
Зборувајќи на Минхенската безбедносна конференција, Зеленски рече дека клучниот фокус во мировните преговори е да се обезбеди дека „за четири години, цивилизираниот свет нема да биде принуден повторно да се оправдува, да ја префрла одговорноста и да бара некој друг да го обвини“ за уште една војна.
„Украина е подготвена за договор што ќе ни донесе вистински мир нам, на Украина и на Европа“, додаде тој и изјави дека Европа „практично не е присутна на преговарачката маса“, но треба да биде.
„Тоа е голема грешка“, рече тој.
Зеленски истакна дека би било илузија да се верува дека оваа војна сега може сигурно да се заврши со поделба на Украина. Тој повтори дека на Русија „не смее да ѝ се даде никаква надеж дека може да остане неказнета за ова злосторство“.
Тој вели дека Москва била најсериозна во врска со преговорите кога била погодена од длабоки украински напади на сопствената територија.
„Колку сме посилни, толку пореален станува мирот“, рече тој.

