Свет
Апокалиптични пожари на Западниот Брег на САД, шестмина мртви
Сцени како од пеколот и апокалиптично небо. По сушата и силниот ветер, пожарите продолжуваат да го опустошуваат Западниот Брег на САД, каде што однесоа шест животи.
Едногодишно дете и родители настрадале обидувајќи се да избегаат од пожарот во државата Вашингтон, соопшти канцеларијата на шерифот во округот Оканоган.
Жариштата на пожарот се протегаат од државата Вашингтон, на север во близина на границата со Канада, до Сан Диего во јужна Калифорнија.
Во Орегон изгореа 120.000 хектари и се очекуваат бројни жртви и материјална штета на најмалку пет места поради пожарите, додека во тек се масовни евакуации, рече гувернерот Кејт Браун.
Две лица се пронајдени мртви во Орегон во средата, рече шерифот во округот Мерион, а локалните медиуми објавија дека станува збор за 12-годишник и неговата баба.
Џоди Еванс, жителка на областа Детроит, објасни дека ѝ се чинело дека е во пеколот, додека бегала од пламенот што се заканувал на нејзиниот дом.
Носен од ветрот, огнот се проширил по должина на брегот. Повеќе од дваесет пожари беснеат во Калифорнија. Огнот годинава зафати рекордни над 10.000 квадратни километри од државата.
Три лица настрадаа на северот на државата, соопштија властите во округот Буте.
Во Сан Франциско, жителите се разбудија под портокалово апокалиптично небо. Речиси 1.000 полицајци се бореле со пожарот на над 65.000 хектари во близина на Фресно.
Гувернерот на Вашингтон, Џеј Инсли, рече дека повеќе од 133.000 хектари изгореле во девет големи пожари за 24 часа, што е повеќе од двојно од изгорената површина во 2019 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Зеленски и Трамп разговараа пред новата рунда преговори со Русија
Украинскиот претседател Володимир Зеленски и неговиот американски колега Доналд Трамп разговараа телефонски во пресрет на новите преговори со Русија.
Во објава на мрежата „Икс“, Зеленски соопшти дека со Трамп разговарал за прашањата што ќе бидат тема на утрешните билатерални разговори во Швајцарија. На разговорот присуствувале и специјалниот пратеник Стив Виткоф и зетот на Трамп, Џаред Кушнер.
Зеленски наведе дека разговарале и за подготовките за следните трилатерални мировни преговори меѓу Москва, Киев и Вашингтон, планирани за почетокот на март.
„Очекуваме овој состанок да создаде можност разговорите да се подигнат на ниво на лидери. Претседателот Трамп го поддржува овој редослед на чекори. Тоа е единствениот начин да се решат сите сложени и чувствителни прашања и конечно да се стави крај на војната“, изјави Зеленски.
Тој нагласи дека украинскиот и американскиот тим интензивно работат и им се заблагодари на САД за активното учество во преговорите и напорите за завршување на војната.
Свет
Мексико ја скратува работната недела од 48 на 40 часа
Мексиканскиот парламент усвои уставна реформа со која работната недела постепено ќе се скрати од 48 на 40 часа, при што намалувањето целосно ќе стапи во сила во 2030 година.
Од 2027 година работната недела ќе се намали на 46 часа, а потоа ќе се кратат по два часа годишно сè додека не достигне 40 часа во 2030 година. Властите нагласија дека намалувањето на работното време нема да доведе до намалување на платите.
Реформата беше изгласана со 469 гласа „за“ и без ниту еден „против“. За да стапи во сила, потребно е одобрување и од 17 од 32 регионални парламенти.
Опозициски пратеници ја критикуваа реформата, оценувајќи дека не гарантира доволно денови за одмор. Тие побараа експлицитно да се предвиди два дена одмор по пет работни дена.
Според податоците, Мексико е меѓу земјите со највисоко ниво на стрес поврзан со работата, што беше наведено како аргумент за потребата од повеќе одмор.
Свет
Зеленски: „Дружба“ нема наскоро да биде поправена, Унгарија да се обрати до Русија
Поправката на нафтоводот „Дружба“, преку кој се транспортира руска нафта кон Источна Европа, нема да биде завршена наскоро, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски, и покрај барањата од Европската унија и негодувањето од Унгарија.
Испораките на руска нафта кон Унгарија и Словачка се прекинати од 27 јануари, откако, според Киев, во руски напад била оштетена опрема на нафтоводот во западна Украина. Будимпешта и Братислава, пак, ја обвинуваат Украина за прекинот.
Зеленски изјави дека Русија е целосно одговорна за прекинот поради нападите врз украинската критична инфраструктура и ги отфрли „ултиматумите и политичкиот притисок“.
Тој додаде дека Унгарците треба да се обратат до Русија доколку сакаат решавање на проблемот.
„Унгарците треба да апелираат до Русите за енергетско примирје“, изјави Зеленски.

