Свет
Астронаут на НАСА се врати на Земјата откога го собори рекордот, без претходен план за тоа
Астронаутот на НАСА, Франциско Рубио, конечно, се врати на Земјата чувствувајќи ја гравитацијата на планетата првпат по повеќе од една година.
Рубио и неговите двајца руски колеги, астронаутите Сергеј Прокопјев и Дмитриј Петелин, паднаа со падобран во Казахстан со руската капсула „Сојуз МС-23“ во средата во 17.17 часот по локално време.
Пристигнувањето на екипажот го означи крајот на неочекувано долгото патување за Рубио, кој требаше да помине само шест месеци на Меѓународната вселенска станица. Наместо тоа, тој поминал вкупно 371 ден во вселената. Неговото патување беше продолжено кога откри истекување на течноста за ладење за време на неговиот лет додека беше закотвен во орбиталната станица.
Престојот на Рубио постави нов рекорд за најдолг временски период поминат во микрогравитација од американски астронаут. Тој стана и првиот Американец што помина цела календарска година во орбитата.
Ова беше негово прво патување во вселената откога беше избран за Астронаутскиот корпус на НАСА во 2017 година, а на почетокот на мисијата тој стана првиот астронаут по потекло од Салвадор, кој отпатува до ниската орбита на Земјата.
Во неодамнешното интервју за Си-ен-ен, Рубио рече дека ако знаел оти неговиот престој на Вселенската станица ќе биде двојно подолг од првично планираниот, тој нагласи дека, веројатно, ќе ја одбиел задачата пред да почне со обука.
„И тоа е само поради семејните работи што се случија минатата година. И кога би знаел дека ќе морам да ги пропуштам тие многу важни настани, ќе морав само да кажам: благодарам, но не, благодарам“, рече тој тогаш.
Рубио, кој има четири деца, се очекува да го почне своето патување кон дома од местото за слетување на вселенското летало „Сојуз“ во близина на градот Џезказган, Казахстан. Тие првин ќе летаат до Караганда, која се наоѓа на околу 530 километри североисточно од Џезказган, пред да се качат на летот за Хјустон.
Севкупно, Рубио и неговите членови на екипажот патувале 253,3 милиони километри, според НАСА.
Рубио го надмина претходниот рекорд за најдолг престој во вселената на американски астронаут од 355 дена, што го постави Марк Ванде Хеи од НАСА во 2022 година.
Покојниот руски космонаут Валериј Полјаков, кој помина 437 континуирани дена во орбитата на руската вселенска станица „Мир“ од јануари 1994 до март 1995 година го држи светскиот рекорд за најдолг престој во вселената.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Момче во Германија повлекло девојка под воз што доаѓал од спротивен правец, двајцата се мртви
Во Хамбург во четврток, две лица загинаа на метро станицата Вандсбек Маркт откако маж влечеше жена на шините пред воз што доаѓаше од спротивната насока. Полицијата се сомнева во убиство и започна истрага, а според првичните информации, сторителот и жртвата не се познавале, пишува Шпигел.
Според досегашните сознанија на полицијата, жртвата е 18-годишна девојка која чекала на перонот воз во правец на центарот на градот.
Сторителот, 25-годишен маж по потекло од Јужен Судан, стоел одвоено од неа. Во еден момент, тој одеднаш ѝ се приближил, ја зграпчил и, од сè уште непознати причини, ја влечел на шините, точно пред возот што влегувал во станицата. Двајцата починале на местото на несреќата.
Свет
46 жртви во железничката несреќа во Шпанија
Смртта на 43-годишна жена која била на одделот за интензивна нега во болницата Реина Софија во Кордоба го зголеми бројот на жртви во железничката несреќа кај Адамуз, која се случи на 18 јануари, на 46, соопштија владини извори.
Дваесет и осум од вкупниот број жртви биле од провинцијата Уелва, пренесе „Паис“.
Жртвата, жителка на Ла Палма дел Кондадо, била меѓу патниците на возот Алвија од Мадрид. Во моментот на несреќата се враќала по полагање испит за затворски чувар. По несреќата била на интензивна нега поради сериозни проблеми со белите дробови.
Од вчера, 16 од 126-те повредени патници и понатаму се во болниците во Андалузија, од кои двајца се на интензивна нега. Андалузиската здравствена служба извести за уште едно отпуштање од болница и за еден пациент кој го напуштил одделот за интензивна нега.
Поради смртта на најновата жртва, шпанската влада одлучи да ја одложи државната комеморација закажана за денеска. Шпанскиот премиер Педро Санчез вети дека државата ќе продолжи со истрагата и ќе им дава поддршка на семејствата погодени од трагедијата.
Свет
Пак загинати во израелски напади во Газа
Најмалку 12 Палестинци утрово загинаа во израелски напади на јужниот и северниот дел на Појасот Газа, соопштија болниците во Газа.
Ова е еден од израелските напади со најголем број жртви откако стапи во сила примирјето во Појасот Газа на 10 октомври.
Во нападите се погодени локации на северот и југот на Појасот Газа, вклучувајќи станбена зграда во градот Газа и шатор во Кан Јунис, рекле официјални претставници на болниците. Тие навеле дека меѓу жртвите има две жени и шест деца.
Министерството за здравство на Газа, кое е под контрола на Хамас, соопшти дека повеќе од 500 Палестинци се убиени во израелски напади од почетокот на примирјето на 10 октомври.

