Свет
Бакингaмска палата: Вакцинацијата на Кралицата е приватна работа
Бакингaмската палата одби да одговори на прашањето дали 94-годишната британска кралица Елизабета Втора ќе се вакцинира против коронавирус, нагласувајќи дека тоа е нејзина приватна работа.
Службеникот за односи со јавноста за германската новинска агенција ДПА изјави дека Палатата нема да дава никакви изјави за тоа. Божиќните празници кралицата ги помина со својот сопруг, 99-годишниот принц Филип, на замокот Виндзор, западно од Лондон, без други членови на кралското семејство.
Спротивно на британската кралска куќа, данската кралица Маргарет Втора ја прими вакцината јавно на новогодишната ноќ, а за околу три недели ќе добие втора доза од вакцината.
Британската влада објави дека милиони луѓе веќе се вакцинирани против коронавирус. Вакцинацијата со друга одобрена вакцина произведена од Астра зенека/Оксфорд ќе започне во Велика Британија следната недела, бидејќи вакцинацијата со вакцината на Бионтек/Фајзер започна на 8 декември.
Сепак, ќе бидат потребни неколку недели, па дури и месеци, да се вакцинираат доволно жители за земјата да здивне.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Мелони: Му се јавив на Трамп и му кажав што мислам
Иако Италија можеби не е меѓу земјите на кои им се закануваат новите американски царини, премиерката Џорџа Мелони изјави дека одлуката на Доналд Трамп ја смета за „грешка“.
Во изјава за новинарите за време на нејзината посета на Јужна Кореја, Мелони потврди дека својот став му го пренела лично на Трамп неколку часа претходно.
„Разговарав со Трамп и му кажав што мислам. Зголемувањето на царините против нациите што одлучија да придонесат за безбедноста на Гренланд е грешка, и не се согласувам со тоа“, рече Мелони.
Италијанската премиерка додаде дека за споменатите царини разговарала директно со Трамп.
„Мислам дека беше заинтересиран да слуша, но ми се чини дека пораката која доаѓа од оваа страна на Атлантикот не беше доволно јасна за Америка“, изјави таа, без да открие како Трамп реагирал на нејзините зборови.
Мелони посочи дека веројатно дошло до „проблем во разбирањето и комуникацијата“ меѓу Европа и САД околу одлуката на неколку европски држави да распоредат ограничен број војници на Гренланд.
Таа нагласи дека таа одлука не треба да се толкува како „антиамериканска“ и додаде дека „дијалогот мора да продолжи, а ескалацијата да се избегне“.
Свет
Данската премиерка му одговари на Трамп: Европа нема да биде уценувана
Европа нема да биде уценувана со царински закани од американскиот претседател Доналд Трамп, изјави премиерката на Данска, Мете Фредериксен.
„Кралството Данска добива голема поддршка. Истовремено, сега е уште појасно дека ова прашање ги надминува нашите национални граници“, наведе таа.
„Токму затоа е уште поважно цврсто да стоиме зад темелните вредности врз кои е изградена европската заедница. Ние сакаме соработка, а не сме ние тие што бараат судир“, додаде Фредериксен.
Свет
Поранешниот шеф на НАТО: Освојувањето на Гренланд би значело крај на светскиот поредок
Насилното преземање на Гренланд од страна на САД би значело „крај на светскиот поредок каков што го познаваме“, изјави поранешниот генерален секретар на НАТО и поранешен дански премиер Андерс Фог Расмусен, пренесува „Фајненшел тајмс“.
Расмусен го спореди јазикот што го користи Доналд Трамп за Гренланд со јазикот на „гангстери“ во Русија и Кина, кои САД, според него, би требало да се обидат да ги контролираат.
„За мене тоа беше болен процес. Од детството ги сметав САД за природен водач на слободниот свет. Дури зборував за САД како за светски полицаец“, изјави Расмусен, кој испратил дански трупи да се борат заедно со САД во Авганистан.
„Сега гледаме дека САД користат јазик што е прилично сличен на гангстерите што треба да ги контролираат – во Москва, Пекинг итн.“, додаде тој.
Расмусен исто така предупреди дека ваквите поделби на Запад му одат во прилог на Кремљ.
„Убеден сум дека Москва се надева Гренланд да стане санта мраз што ќе го потопи НАТО“, рече тој, заклучувајќи: „Значи, ова е прашање што оди подалеку од Данска и Гренланд… Освојувањето на Гренланд би било крај на светскиот поредок каков што го познаваме.“

