Свет
Балканот е од фундаментално значење заради стабилноста, забрзан прием во ЕУ, порача Тајани
Шефот на италијанската дипломатија Антонио Тајани денеска изјави дека Балканот е од фундаментално значење, дека треба да се работи на стабилноста во регионот и да се забрза пристапот на балканските земји во Европската унија, порачувајќи дека Италија ќе помогне во тоа.
Тој рече дека разговарал со Кристијан Шмит и посочил дека постои одредена загриженост за тоа што се случува во Република Српска, пренесе италијанската агенција „Нова“.
„Веруваме дека оваа тензија може да се намали“, рече Тајани.
Според него, Балканот е од фундаментално значење и, како што наведе, „не смее да и се дозволи на Русија да ја искористува ситуацијата во регионот бидејќи има обид и од Кина да има поголемо присуство таму“.
„Ние, сепак, треба да обезбедиме балканските земји да го забрзаат пристапот кон Европската унија. Ќе им помогнеме во тоа. Италија е актер во оваа акција – како што знаете, ја создадовме Балканската група за пријателство, ние сме многу активни и сите балкански земји ми се заблагодарија што ја поддржав потребата да се забрза нивниот пристап“, посочи тој.
Тајани рече и дека на дводневниот состанок на министрите за надворешни работи на НАТО, што се одржа вчера и денеска во Брисел, ја повторил потребата од зајакнување на европската одбранбена индустрија, но не исклучувајќи ги договорите со земјите кои не се дел од Европската унија.
„Мислам на Соединетите Американски Држави, Обединетото Кралство, Турција, Јапонија“, прецизира Тајани, пренесе агенцијата „Нова“.
Тој додаде дека Италија работи на зајакнување на европската безбедност, но кога станува збор за одбранбената индустрија, како што рече, „мора да бидеме отворени за соработка со другите, а не само со европската соработка, бидејќи во спротивно постои ризик од ограничување на пазарот и преземање премногу протекционистички пристап“.
Тајани изјави дека на состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО многу се зборувало за трансатлантските односи, како и дека биле реафирмирани позициите за украинското прашање.
Шефот на италијанската дипломатија рече и дека американскиот државен секретар Марко Рубио ги информирал сојузниците за напредокот на разговорите, кои се подготовки за постигнување договор за прекин на огнот во Украина, што покажало дека постои трансатлантска кохезија и по ова прашање.
Тајани се осврна и на прашањето за американските царини, посочувајќи дека не е во ред да се отвори ваков тип на конфронтација, како и дека би било погрешно да се реагира со царинска војна.
Според Тајани, реакцијата мора секогаш да биде обмислена, интелигентна и не смее да предизвикува ескалација, а на американските царини мора да се реагира со голема смиреност и без брзање, пренесува Танјуг.
„Разговараме со компаниите, разговараме со сите експерти, заедно со Европејците оценуваме што да правиме и каква треба да биде содржината на секоја акција во однос на санкциите воведени за алуминиумот и неговите деривати. Повторувам: ние сме Европа и постапуваме во согласност со нашите интереси“, рече тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Сали и Бегај разговараа за политичката состојба и европската интеграција на двете земји
Првиот заменик‑претседател на Владата, Беким Сали, оствари официјална средба со Претседателот на Република Албанија, Бајрам Бегај, на која се дискутираше за актуелната политичка ситуација и за соработката помеѓу двете земји.
За време на средбата, двете страни разменуваа мислења за политичките случувања и за продлабочувањето на институционалната соработка помеѓу Северна Македонија и Албанија.
Првиот заменик‑претседател на Владата, Сали, истакна дека Албанците во Северна Македонија се претставени на најдобар можен начин, играјќи активна и конструктивна улога во државните институции, придонесувајќи во донесувањето одлуки и во клучните процеси кои се поврзани со стабилноста, демократскиот развој и европската перспектива на земјата.
На средбата беше нагласено дека Република Северна Македонија и Република Албанија, покрај тоа што се соседни и пријателски земји, имаат и заеднички аспирации во процесот на европска интеграција.
Свет
Две жртви во трамвајската несреќа во Милано, истрагата насочена кон возачот
Во тешка несреќа во Милано загинаа две лица, а 39 се повредени откако трамвај излета од шините и удри во зграда на улицата „Виале Виторио Венето“, во близина на „Порта Венеција“.
Една од жртвите е 60-годишен пешак кој останал приклештен под возилото, додека вториот загинат е патник кој починал во болница од здобиените повреди.
Истрагата е насочена кон возачот, кој наводно изјавил дека му се слошило непосредно пред несреќата. Се проверува можноста за ненадејна здравствена состојба, особено затоа што трамвајот ја прескокнал последната станица пред свиокот. Првичните проверки не покажале технички дефект.
Градоначалникот на Милано, Џузепе Сала, изјави дека најверојатно причината не е механички проблем и дека станува збор за ново возило управувано од искусен возач. Отворена е истрага.
Несреќата предизвика реакции од италијанските власти, кои изразија сочувство и најавија целосно утврдување на околностите.
(Видео) Трамвај излета од шините во Милано: загина пешак, речиси 40 повредени
Свет
Бил Клинтон сведочеше за Епстин: Ништо не видов и не направив ништо погрешно
Поранешниот американски претседател Бил Клинтон сведочеше пред Одборот за надзор на Претставничкиот дом во рамки на истрагата за починатиот финансиер и осуден сексуален престапник Џефри Епстин.
Во воведното обраќање, Клинтон изјави дека ништо не видел и дека не направил ништо погрешно, нагласувајќи дека неговото познанство со Епштајн било кратко и завршило години пред злосторствата да станат јавни.
„Знам што видов и, уште поважно, што не видов. Знам што направив и, уште поважно, што не направив. Не видов ништо и не направив ништо погрешно“, рече Клинтон. Тој најави дека на дел од прашањата веројатно ќе одговори со „не се сеќавам“, бидејќи од неговите контакти со Епстин поминале повеќе од 20 години.
Сведочењето се одржува зад затворени врати во Њујорк, но се снима и најавено е објавување на снимката. Претходно сведочеше и неговата сопруга Хилари Клинтон, при што расправата меѓу демократите и републиканците доби и политичка димензија.
Демократите побараа и актуелниот претседател Доналд Трамп да сведочи, тврдејќи дека неговото име често се појавува во документите поврзани со случајот. Трамп негира каква било поврзаност со злосторствата на Епштајн.
Фото: Depositphotos

