Европа
Бајден: Во Украина испраќаме оружје вредно милијарда долари

Американскиот претседател, Џо Бајден, оствари телефонски разговoр со украинскиот колега, Володимир Зеленски, пред најавата дека САД ќе испратат нов пакет воена и хуманитарна помош за Украина.
„Повторив дека САД силно ја поддржуваат Украина, која ја брани нејзината демократија и нејзиниот суверенитет и територијален интегритет, кои се загрозени од неиспровоцирана руска агресија“, порача Бајден во соопштение објавено од Белата куќа.
„Го информирав претседателот Зеленски дека САД ќе испратат уште еден пакет безбедносна помош за Украина вреден милијарда долари, кој вклучува артилерија и оружје за одбрана на брегот, напредни ракетни системи и артилериска муниција што им е потребна на Украинците за нивните одбранбени операции во Донбас“, нагласува американскиот претседател.
Бајден и Зеленски последен пат телефонски разговараа во април.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Русите тврдат дека 20.000 мигранти со руско државјанство се борат за нив

Шефот на Истражниот комитет на Русија, Александар Бастрикин, на Меѓународниот правен форум во Санкт Петербург изјави дека 20.000 луѓе кои добиле руско државјанство биле испратени на фронтот во Украина.
„Веќе 20 илјади ‘млади’ граѓани на Русија, кои од некоја причина не сакаат да живеат во Узбекистан, Таџикистан, Киргистан, се на првите редови на бојното поле“, рече Бастрикин.
Тој додаде дека за време на неодамнешните рации, истражителите идентификувале повеќе од 80.000 мигранти кои добиле руски пасоши, но не служеле во војската. Сите тие се регистрирани во воени служби.
Претходно, порталот Инфо24 објави дека руската армија се надополнува со 50-60 илјади волонтери секој месец.
Во исто време, според рускиот претседател Владимир Путин, ситуацијата во Украина е спротивна: „Украинците, како кучиња, се фаќаат на улица и се испраќаат во војска“.
Европа
Мелони: Папата ми рече дека е подготвен да биде домаќин на мировни преговори за Украина

Италијанската премиерка Џорџa Мелони изјави дека папата Лав во телефонски разговор со неа ја потврдил својата подготвеност да биде домаќин на следната рунда разговори во Ватикан, со цел да се обиде да се стави крај на војната меѓу Русија и Украина.
Откако ја виде потврдата од Светиот Отец за неговата подготвеност да биде домаќин на следните разговори меѓу страните во Ватикан, премиерката рече дека изразува длабока благодарност до папата Лав XIV за неговата континуирана посветеност на мирот.
Во посебна изјава, италијанската премиерка рече дека разговарала за следните чекори со други европски лидери и украинскиот претседател Володимир Зеленски.
„Беше договорено да се одржи тесна координација меѓу партнерите со цел нова рунда преговори насочени кон прекин на огнот и мировен договор во Украина“, се вели во соопштението.
Европа
(Видео) Автобус полн со деца удри во камион во Италија: камерите го снимија судирот

Автобус што превезувал ученици удрил во камион на автопатот Педемонтана, во областа Комо. Камерите на автопатот го снимија судирот, при што возачот на автобусот не закочи, туку удри во камионот пред него. 43-годишна наставничка починала на самото место, а две деца биле повредени.
Камерите инсталирани по должината на автопатот ја снимија несреќата што се случи попладнето во понеделникот, 19 мај, непосредно пред тунел. Автобусот, кој превезувал 30 лица, од непознати причини удрил во камионот пред него.
Во судирот потоа учествувале уште четири возила, кои се движеле во иста насока. Во несреќата беа повредени 27 деца на возраст меѓу 6 и 9 години, кои биле во автобусот, двајца наставници (од кои едниот починал на самото место) и возачот на автобусот. Возачот на камионот, кој бил прв во редот, остана неповреден.
На видео објавено од „Кориере дела сера“ може да се види бел автобус како вози со голема брзина по десната лента од автопатот кога околу 16.30 часот, наместо да закочи, удира во камион пред него. Судирот бил силен и предизвикал облак од прашина, што дополнително ја намалил видливоста на возилата што доаѓаат од спротивната насока.
Автобусот превезувал 27 ученици од прво и четврто одделение од основно училиште. Децата се враќале дома од екскурзија, придружувани од две наставнички. Едната од нив, 43-годишна, седела во првите редови и била заробена во возилото. Пожарникарите ја извлекле, но таа веќе била мртва.