Свет
Бајден до Зеленски: Сојузниците ќе реагираат во случај на руска агресија
Американскиот претседател Џозеф Бајден му кажал на украинскиот претседател Владимир Зеленски, во разговор кој траел околу еден час, дека САД ќе одговорат бргу и решително доколку Русија преземе дополнителни чекори кон инвазија, се вели во соопштението на Белата куќа.
Повикот дојде во време кога САД предупредуваат дека руската инвазија на Украина може да се случи оваа недела, објави Си-ен-ен.
Како што се наведува, Бајден јасно ставил до знаење дека САД ќе одговорат брзо и одлучно заедно со своите сојузници и партнери на секоја натамошна руска агресија врз Украина.
Двајцата лидери се согласија за важноста да се продолжи со дипломатија и одвраќање како одговор на руското воено засилување на границите на Украина, се вели во соопштението.
Висок украински функционер рече дека Зеленски ги обновил повиците до Вашингтон за да обезбеди поголема воена и финансиска поддршка за Украина и побарал од Бајден да ја посети Украина што е можно побргу.
Белата куќа не сакаше да ја коментира поканата Бајден да ја посети Украина. Американските власти велат дека патувањето на Бајден во Украина е малку веројатно.
Службеник, кој имал информации за разговорот, изјавил за Си-ен-ен дека Зеленски ја искористил поканата за да предложи, како што опишал функционерот, конкретни идеи за намалување на руската закана за Украина, како што е обезбедување поголема воена поддршка за Украина, вклучително и понапредно оружје.
Зеленски исто така ја истакнал потребата на Бајден од значителен финансиски пакет за Украина, изјавил официјалниот претставник.
Зеленски претходно изрази незадоволство од постојаните оценки за војна и рече дека ваквите предупредувања негативно се одразуваат врз економијата и врз националната валута.
Тој им се заблагодарил на САД за поддршката и рекол дека Украина ги разбира заканите на кои е изложена и дека е подготвена за секакво сценарио.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп ги зголемува новите царини од 10 на 15%
Американскиот претседател, Доналд Трамп, изјави дека ќе воведе глобални царини од 15%, продолжувајќи да се спротивставува на одлуката на Врховниот суд со која се укинати неговите претходни царини за увоз.
Трамп во петокот изјави дека ќе ги замени царините што ги укина судот со данок од 10% на сите стоки што влегуваат во САД.
Но, сега на „Truth Social“ тој објави дека ова ќе се зголеми на 15%.
Новите царини ќе стапат на сила во вторник, 24 февруари, и можат да останат на сила само околу пет месеци пред администрацијата да мора да побара одобрение од Конгресот.
Свет
(Видео) Иран се подготвува за војна
Додека Соединетите Американски Држави продолжуваат со значително засилување на военото присуство на Блискиот Исток, Иран презема чекори за да ја демонстрира својата подготвеност за можен конфликт, вклучително со зајакнување на нуклеарните постројки и обновување на фабриките за ракети.
Иранските и американските преговарачи во вторник одржаа индиректни разговори во Женева, кои траеја три и пол часа, но не резултираа со конкретно решение. Иранскиот преговарач Абас Арагчи изјави дека е постигнат договор за „водечките принципи“, додека американскиот потпретседател Џ. Д. Венс рече дека Иран не ги разбира „црвените линии“ поставени од претседателот Доналд Трамп.
Сателитските снимки покажуваат дека Иран активно ги зајакнува своите воени бази и нуклеарни објекти. Во текот на последните месеци беа обновени клучни ракетни објекти, воздухопловни бази и фабрики за цврсто гориво, а повеќе нуклеарни постројки се покриваат со бетон и земја за да бидат заштитени од евентуални воздушни напади.
Satellite images show Iran building concrete shields over a sensitive military site, fortifying entrances at a location reportedly bombed by Israel in 2024 near Natanz amid tensions with the US.
Read more: https://t.co/XTuPAmV7CI pic.twitter.com/hGlv7rCEeC
— Al Arabiya English (@AlArabiya_Eng) February 18, 2026
Иран, исто така, го зајакна управувањето со воената структура, формирајќи нов Комитет за одбрана и назначувајќи воени ветерани на важни позиции, додека внатрешните протести беа брутално задушени.
Во меѓувреме, земјата одржа поморски воени вежби и демонстрации на моќ, вклучувајќи затворање делови од Ормутскиот теснец и заеднички операции со Русија, испраќајќи порака дека евентуална војна со САД би била тешка и скапа.
Експертите предупредуваат дека Иран брзо ги обновува своите ракетни и нуклеарни програми и дека конфликтот би бил комплициран и со висок ризик за сите страни.
Регион
По протестот на опозицијата во Тирана, 17 лица се уапсени, а 35 под истрага
17 лица се уапсени, а против 35 се води истрага на слобода, по протестот на албанската опозиција во Тирана кој ескалираше во тензии и судири со безбедносните сили, јави RTSH.
Инцидентите започнале кога дел од демонстрантите се судриле со полицијата во близина на кабинетот на премиерот Еди Рама. Според информациите, кон зградата биле фрлани молотови коктели.
Полицијата интервенирала со солзавец за да ја растера толпата. Подоцна протестот се префрлил кон зградата на парламентот, каде што биле регистрирани нови инциденти и фрлање запаливи средства, по што следувала нова полициска интервенција.
Во судирите се повредени повеќе лица, кои се пренесени во болница.
Од полицијата информираат дека протестот не бил претходно одобрен, наведувајќи дека имало информации за можни насилства, имајќи ги предвид претходните инциденти.
Демонстрантите побараа оставка од владата по обвинувањата за корупција против вицепремиерката Белинда Балуку.

