Свет
Бајден: Зеленски не сакаше да ги слуша предупредувањата за руската инвазија

Американскиот претседател, Џо Бајден, во петокот изјави дека украинскиот претседател Володимир Зеленски не сакал да ги слушне предупредувањата на САД пред руската инвазија на неговата земја.
„Многумина мислеа дека претерувам кога зборував за рускиот напад врз Украина, пред тој да започне“, рече Бајден на приемот во Лос Анџелес, каде што се собираа средства за Демократската партија. „Но, знаев дека имаме информации во тој поглед. Путин ќе ја премине границата. Немаше сомнеж, но Зеленски не сакаше да слуша“, рече Бајден пред новинарите.
САД почнаа да предупредуваат за подготовките за инвазија на Украина многу пред рускиот претседател да ја објави специјалната операција на 24 февруари, објави „Франс прес“. Овие предупредувања предизвикаа неверување, па дури и критики од некои европски сојузници, кои во тоа време сметаа дека САД претеруваат.
На крајот на јануари, потсетува „Блумберг“, откако американските власти рекоа дека Путин наскоро ќе изврши инвазија, неименуван украински функционер за Си-ен-ен изјави дека Зеленски му рекол на Бајден да се смири со изјавите за инвазија, бидејќи тоа создава паника.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Силен земјотрес регистриран во западниот дел од Турција

Земјотрес со магнитуда од 6,1 степени е регистриран денеска во западна Турција во регионот Баликесир, соопшти Агенцијата за управување со катастрофи и вонредни состојби при Министерството за внатрешни работи на Република Турција (АФАД).
Земјотресот е почувствуван и во Истанбул и низ целиот регион на Мармара и Егејот.
Епицентарот на земјотресот бил на длабочина од 11 километри, на 52 километри од градот Баликесир.
Свет
Итна седница поради планот на Израел за окупирање на градот Газа

Советот за безбедност на Обединетите нации денеска ќе одржи итна седница во врска со планот на Израел за заземање и трајно окупирање на градот Газа, соопштено е од седиштето на ОН во Њујорк.
Седницата, чие одржување го побараа пет земји – Данска, Франција, Грција, Велика Британија и Словенија, ќе почне во 10 часот наутро по локално време, односно во 15 часот по централноевропско време.
Според извори од Советот за безбедност, сите држави-членки, освен Соединетите Американски Држави, го поддржаа барањето за одржување на седницата.
Свет
Речиси 1.900 камиони со хуманитарна помош пристигнаа во Газа

Израелската воена агенција која ја координира хуманитарната помош денеска соопшти дека во текот на изминатата недела, од палестинската страна на премините Керем Шалом и Зиким се собрани и дистрибуирани речиси 1.900 камиони со хуманитарна помош.
Како што се наведува, повеќе од 1.310 камиони што влегоа во Газа во текот на неделата превезуваа главно прехранбени производи, пренесува „Тајмс оф Израел“.
Агенцијата, која работи во рамките на израелското Министерство за одбрана, наведува дека ќе продолжи да го олеснува доставувањето на хуманитарна помош до цивилното население во Газа, „но не и до Хамас“.