Свет
Бајден нема да се соочи со кривична пријава, обвинителот: Тој не се сеќава кога му починал синот
Американскиот претседател Џо Бајден нема да се соочи со кривична пријава поради ракување со доверливи документи, откако претседателот се опиша себеси како „постар човек со лоша меморија“, изјави специјалниот обвинител Роберт Хур.
Сепак, Хур тврдеше дека дејствијата на Бајден „претставувале сериозен ризик за националната безбедност“ откако заклучил дека претседателот „намерно задржал и открил доверливи материјали“.
Бајден со себе зеде доверливи документи за американската војна во Авганистан и други прашања за националната безбедност кога ја напушти потпретседателската функција во 2017 година.
Документите вклучуваат рачно напишана белешка од 2009 година наменети за тогашниот претседател Барак Обама во која се изразува противење на планираното зголемување на војниците во Авганистан, како и рачно напишани белешки за брифинзи за разузнавање и состаноци за национална безбедност.
Бајден му рекол на писателот на неговите мемоари, за време на разговор во февруари 2017 година во изнајмена куќа во Вирџинија дека „штотуку ги нашол сите доверливи работи долу“, се вели во извештајот, во кој се тврди дека разговорот би бил најдобриот доказ за подигнување тужба против претседателот.
Членовите на правниот тим на Бајден пронајдоа доверливи документи во канцеларијата на тинк-тенкот на Бајден во Вашингтон и во неговата резиденција во Вилмингтон, Делавер.
„Сметавме дека Бајден најверојатно ќе се претстави пред поротата на судењето, како што тоа го направи за време на нашето интервју со него, како симпатичен, добронамерен, постар човек со слаба меморија“, напиша тој.
Извештајот на специјалниот тужител навлегува во детали за она што го нарекува „значајни ограничувања“ во сеќавањето на Џо Бајден.
Кога Канцеларијата на специјалниот обвинител го интервјуираше Бајден, според извештајот, претседателот „не се сеќаваше кога беше потпретседател, заборавајќи на првиот ден од интервјуто кога му заврши мандатот („ако беше 2013 година – кога престанав да бидам потпретседател?“), а заборавајќи на вториот ден од интервјуто кога му почна мандатот („2009 година, сè уште сум потпретседател?“)“.
Понатаму, Бајден „не се сеќаваше, ниту приближно, кога почина неговиот син Бо“.
Во извештајот се додава дека „неговото сеќавање изгледало магливо кога ја опишувал дебатата за Авганистан, која некогаш му била толку важна. Меѓу другото, тој погрешно рекол дека има „вистинска разлика во мислењата“ со генералот Карл Ајкенбери, кога всушност Ајкенбери бил сојузник кого Бајден со одобрување го цитираше во неговиот меморандум за Денот на благодарноста до претседателот Обама“.
Бајден ја поздрави одлуката, истакнувајќи дека е „целосно кооперативен“ и се согласил да објасни сè за време на испрашувањето, од кои некои се случија само два дена по нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври.
Ричард Заубер, специјален советник на претседателот, рече дека грешките во пакувањето документи при напуштањето на функцијата се „за жал вообичаени“ и се случиле во секоја администрација во последните 50 години.
Но, тој додаде дека не се согласуваат со „многубројните неточни и несоодветни коментари“ во извештајот на специјалното обвинителство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Венецуела прифати месечен надзор: буџетот ќе оди на одобрување во Вашингтон
Американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека привремената влада на Венецуела се согласила секој месец да го доставува својот буџет на одобрување до Соединетите Американски Држави.
Обраќајќи се пред Комитетот за надворешни односи на Сенатот, Рубио рече дека американската влада одлучува за што може да се користат средствата, во рамки на она што го опиша како „краткорочен механизам“. Тој додаде дека венецуелските власти ветиле значителен дел од средствата да го искористат за набавка на лекови и опрема директно од Соединетите Држави, оценувајќи дека раководството на Венецуела било „многу кооперативно“.
Американските сили на почетокот на јануари ја нападнаа Венецуела и го заробија нејзиниот авторитарен лидер Николас Мадуро и неговата сопруга Силија Флорес, со што земјата беше вовлечена во политички превирања.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека сака да ја ревитализира венецуелската нафтена индустрија и најави големи придобивки и за себе и за народот на Венецуела. Тој по пучот изјави и дека има намера привремено да управува со земјата, без да прецизира како тоа би изгледало.
Соединетите Држави во моментов соработуваат со потпретседателката на Венецуела Делси Родригез, која ја презеде функцијата привремена претседателка на земјата.
Свет
Ако Зеленски е навистина подготвен за средба, го каниме во Москва, ќе ја гарантираме неговата безбедност, рече помошникот на Кремљ
Кремљ соопшти дека е подготвен за директна средба меѓу Володимир Зеленски и Владимир Путин.
Помошникот на Кремљ, Јуриј Ушаков, изјави дека Русија никогаш не одбивала вакви контакти и дека е подготвена да му гарантира безбедност на Зеленски доколку дојде во Русија.
„Доколку Зеленски е навистина подготвен за средба, тогаш го каниме во Москва. Ќе ја гарантираме неговата безбедност и потребните услови за работа“, рече Ушаков во интервју.
Изјавата доаѓа во време на нови дипломатски напори за завршување на војната, пренесе „Киев Индипендент“.
Претходно, заменик-министерот за надворешни работи на Украина, Андриј Сибиха, изјави дека Зеленски е подготвен за средба со Путин за да разговараат за две клучни теми: територијалното решение и иднината на нуклеарната централа Запорожје, која е под руска окупација.
Размената на пораки се случува во момент кога Украина, Русија и САД повторно се дипломатски активни, во контекст на напорите на Доналд Трамп за завршување на војната. Се очекува следната рунда преговори да се одржи на 1 февруари.
Зеленски и Путин последен пат лично се сретнаа во Париз во декември 2019 година, во рамки на Нормандискиот формат. Од почетокот на целосната руска инвазија во февруари 2022 година, немале директни разговори.
Свет
Напнатост меѓу Киев и Будимпешта по изјавите за мешање во изборите
Украинското Министерство за надворешни работи соопшти дека го повикало Антал Хајзер, унгарскиот амбасадор во Киев, на разговор поради недамнешните изјави на високи унгарски политичари, меѓу кои и премиерот Виктор Орбан, за наводно украинско мешање во претстојните парламентарни избори во Унгарија.
Министерството упатило протест до унгарскиот амбасадор, негирајќи дека Украина се меша во унгарските избори. Притоа нагласило дека Киев решително се спротивставува на „секој обид на унгарската страна да ја вовлече Украина во унгарската изборна кампања“, оценувајќи дека таквите постапки му штетат на развојот на билатералните односи.
Украинското Министерство за надворешни работи ја повикало Унгарија „да престане со својата агресивна реторика против Украина“ со цел да се избегнат понатамошни негативни последици за билатералните односи. Воедно било наведено дека Украина и понатаму е подготвена за конструктивна соработка со Унгарија.
Во соопштението се повторени и повиците до Будимпешта да престане да ги блокира преговорите за пристапување на Украина во Европска унија, со образложение дека членството на Украина би било во интерес и на двата народа, како и на унгарското малцинство во Украина.

