Свет
Бајден: Не дадовме бланко чек за оружје
Американскиот претседател Џо Бајден рече дека очекува американската помош за Украина да продолжи непречено, но изјави дека помошта има граници.
Како што рече тој, особено откако републиканските критичари ги осудија милијардите пратки на оружје и паричните трансфери овластени од неговата администрација.
Прашан дали помошта ќе продолжи „непрекинато“, Бајден им рече на новинарите „тоа се моите очекувања“, а потоа одговори на обвинувањата на некои републиканци дека американската помош за Украина е прекумерна.
„И, патем, не ѝ дадовме на Украина бланко чек. Има многу работи што Украина ги сака, а ние не сме ги направиле“, рече тој, истакнувајќи дека Киев побарал од американските авиони да го бранат нејзиното небо.
„Реков не, нема да го направиме тоа. Нема да влеземе во Трета светска војна, да одиме со руски авиони и директно да се ангажираме“, продолжи тој, додавајќи дека Вашингтон, исто така, отфрлил одредени оружја со долг дострел. „Затоа што не барам од нив да почнат да бомбардираат руска територија“.
Пред изборите оваа недела републиканскиот лидер Кевин Мекарти вети дека Киев повеќе нема да добива бланко чек доколку неговата партија ја преземе контролата врз Конгресот. Бајден, сепак, рече дека ќе биде „изненаден“ ако „дури и мнозинството од неговите републикански колеги велат дека нема да ги финансираат легитимните одбранбени потреби на Украина“.
Во еден момент за време на говорот Бајден рече дека руските сили „се повлекуваат од Фалуџа“, изговарајќи го името на ирачкиот град, мислејќи на украинскиот Херсон, пред да се поправи.
Вчера Москва најави повлекување од градот на левиот брег на Днепар со цел да се воспостави нова линија на одбрана покрај реката, со цел да се спасат животите на војниците и цивилите.
Бајден беше прашан и за неодамнешните коментари кои сугерираат дека Киев би можел да направи територијални отстапки како дел од мировниот договор, но негираше да даде таков предлог.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Мерц: Русија сè уште не е подготвена за сериозни мировни преговори
Германскиот канцелар, Фридрих Мерц, изјави дека Русија сè уште не е подготвена за сериозни преговори за мир во Украина, иако западните сојузници се подготвени за дијалог кога ќе има смисла.
Говорејќи за време на Минхенската безбедносна конференција, Мерц го почна излагањето со критика на унгарскиот премиер Виктор Орбан, раскажувајќи за „еден премиер од ЕУ“ кој заминал во Москва без мандат и „не постигнал ништо“. Според него, една недела по таа посета, Украина претрпела некои од најжестоките напади врз цивилната инфраструктура.
„Ако разговорите имаат смисла, ние сме подготвени. Но, како што гледаме и од американска страна – Русија сè уште не е подготвена сериозно да разговара“, рече Мерц.
Тој додаде дека војната ќе заврши дури кога Русија ќе биде барем економски, а можеби и воено, исцрпена:
„Се приближуваме до тој момент, но сè уште не сме таму. Русија мора да се откаже од овој ужасен напад врз Украина, а ние мора да направиме сè што е потребно за да ги доведеме до точка кога повеќе нема да гледаат корист од продолжување на оваа војна“, истакна германскиот канцелар.
Регион
На Мерц му е непријатно оти е закочено членството на Западен Балкан во ЕУ
Германскиот канцелар Мерц во Минхен зборуваше за иднината на проширувањето на Европската унија, откако расправата беше поттикната од прашање на претседателот на Црна Гора.
Тој призна дека чувствува „сè поголема непријатност“ поради тоа што Европската унија не успева да постигне значаен напредок во пристапните процеси со земјите од Западен Балкан и соседството.
„Мораме да осмислиме нова стратегија за да ги доближиме овие земји до ЕУ. Не сакам да ве изгубам“, порача Мерц.
Како главна пречка го наведе принципот на едногласност, со посебен акцент на постојаното блокирање од страна на Унгарија, која ја опиша како „слон во просторијата“. Тој изрази надеж дека ова може да се надмине.
„По изборите што ќе се одржат во април, се надеваме дека ќе можеме да ги отвориме следните поглавја и да ви се приближиме уште повеќе кон Европската унија“, заклучи тој.
Свет
Орбан: На изборите се одлучува за војна или мир
Унгарскиот премиер Виктор Орбан ги претстави претстојните избори на 12 април како избор меѓу „војна и мир“, тврдејќи дека опозицијата ќе ја вовлече Унгарија во војната во Украина.
„За мир, Фидес е сигурен избор“, порача тој.
Владината кампања ги повикува граѓаните да ја потпишат националната петиција за одбивање финансиска помош за Украина, а низ државата се поставени постери кои го прикажуваат лидерот на опозицијата Петер Маѓар како поддржувач на ЕУ и Украина.
Иако партијата Тиса на Маѓар е водечка во анкетите, и таа е воздржана во однос на Украина, најавувајќи референдум за евентуалното пристапување на Киев во ЕУ.
Според анкети, 63 проценти од Унгарците се против европска помош за Украина, а 64 отсто се против членството на Украина во ЕУ.

