Свет
Бајден подготвува потпишување на наредба, мета му е Кина
Американскиот претседател Џозеф Бајден има намера во наредните недели да потпише наредба со која ќе се ограничат инвестициите на американските компании во клучните делови од кинеската економија.
Според Блумберг, американската администрација дебатира за мерката речиси две години и планира да ја воведе пред самитот на Групата седум напредни економии (Г7) што треба да започне на 19 мај во Јапонија.
Според извори на агенцијата, САД наводно ги известиле партнерите од Г7 за инвестициските ограничувања и се надеваат дека ќе добијат поддршка на состанокот, иако не се очекува другите земји да објават слични ограничувања во исто време.
Наредбата што се очекува да ја потпише Бајден ги опфаќа областите на полупроводници, вештачка интелигенција и квантно пресметување, со фокус на инвестициите во кои американските фирми играат активна улога во управувањето, што вклучува т.н. ризичен капитал и приватен капитал, како и одредени форми за трансфер на технологија, заеднички вложувања и инвестиции.
Некои видови инвестиции ќе бидат целосно забранети, додека во други случаи компаниите ќе треба да ја известат владата пред да одлучат да инвестираат, пренесува Блумберг.
Овој потег означува нова фаза во повеќегодишната економска кампања против Кина, за време на која САД веќе воведоа царини за увоз од земјата во времето на поранешниот претседател Доналд Трамп, а неодамна се обидоа да го ограничат извозот на клучните американски технологии во Кина.
Досега САД изјавуваа дека воведуваат ограничувања поради национална безбедност, како што истакна денеска министерката за финансии Џенет Јелен, наместо да се обидуваат да го запрат развојот на ривалската суперсила, како што тврди Пекинг.
„Овие акции насочени кон зачувување на националната безбедност не се дизајнирани да добијат конкурентна економска предност или да ја задушат економската и технолошката модернизација на Кина“, рече Јелен, додавајќи дека САД ќе ги решат своите безбедносни грижи со Кина „дури и кога тоа значи правење компромиси во однос на нашите економски интереси“.
Американските власти јасно ставија до знаење дека едностраната мерка нема да ги исполни целите на националната безбедност бидејќи инвестициите на другите земји во Кина би можеле само да го заземат местото на американските што администрацијата се подготвува да ги блокира.
Претставници на Министерството за финансии на САД оваа недела ги информирале своите европски колеги за мерката, а како што пренесува агенцијата, администрацијата почнала да споделува информации и со деловните лидери.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Објавена фотографија од мајката што беше убиена во Тузла заедно со своите деца, осомничен е таткото, кој си пресудил
Колегите се збогуваат со Амела Чичкошиќ, која вчера беше убиена во стан во Тузла со двете деца. Има сомневања дека сопругот пред два дена во семејниот стан ги убил Амела и децата, а потоа се самоубил скокајќи од 14. кат од зградата.
Еден ден по откривањето на телата на Амела и децата, колегите и пријателите се збогуваат со жената, која ја опишаа „како убава, со црни, бистри очи“.
За неа имаат само пофални зборови и благодарност за сè што направила, особено во тешките моменти на короната.
„Тузла, УКЦ и сите што ве познаваа изгубија многу. Многу сум тажен и барем вака сакам да ви оддадам почит. Бевте доблесен, вреден, сериозен, доверлив, хуман човек. Еден од најдобрите што ги знам. Ковид-19 ги покажа вистинските лица на многумина од нас. Можеби не си добила формална благодарност, но ти благодарам во мое име и во име на многуте животи што ги спасивме заедно во тешките денови“, напиша една од колешките на Амелија од Универзитетот во Тузла.
„Голема тага, голема болка. Искрено сочувство до семејството. Алах нека ги благослови неа и нејзините деца“, рекоа тие.
Телата на Амела и нејзините деца се пронајдени во населбата Тузла. Децата беа на девет и две години. Издадени се наредби за обдукција и ДНК-вештачење за да се утврдат сите околности на ова злосторство.
Свет
Бербок: Ако не го сакаме Путин на нашите граници, мораме да ги здружиме силите за победата на Украина
Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок за време на ненајавената посета на Киев изјави дека е потребна поголема меѓународна поддршка за воздушната одбрана на земјата како резултат на руската офанзива.
„Сега мораме да ги здружиме сите наши сили за да може Украина да преживее и трупите на Путин наскоро да не се најдат на нашите граници“, апелираше Бербок до меѓународните партнерски земји.
Глобалната иницијатива за поголема воздушна одбрана, која таа ја започна заедно со министерот за одбрана Борис Писториус (СПД), собра речиси 1 милијарда евра за да обезбеди дополнителна поддршка на силите за воздушна одбрана на Украина.
Бербок изјави и дека идното членство на Украина во Европската унија е „неопходна геополитичка последица на нелегалната агресивна војна на Русија, која го прекршува меѓународното право“. Министерката планираше да го посети Харков денеска, но патувањето беше откажано поради безбедносни причини, пишува АП повикувајќи се на агенцијата dpa.
Свет
Франција го поддржува Хаг во повикот за налог за апсење на Нетанјаху
Министерството за надворешни работи на Франција соопшти дека ја поддржува независноста на Меѓународниот кривичен суд и неговата „борба против неказнивоста“, во врска за издавање налози за апсење на лидерите на Израел и Хамас.
„Франција го поддржува Меѓународниот кривичен суд, неговата независност и борбата против неказнивоста во сите ситуации“, се вели во соопштението објавено во понеделникот, пренесува Ројтерс.
Додадена е осуда на „антисемитските масакри“ од страна на милитантната група Хамас на 7 октомври, како и можните прекршувања на меѓународното право од страна на израелската армија во Газа.
„Што се однесува до Израел, Советот за претходна постапка ќе одлучи дали ќе ги издаде тие налози, откако ќе ги испита доказите доставени од обвинителот“, се вели во соопштението.
Главниот обвинител на МКС, Карим Кан, во понеделникот побара издавање налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и министерот за одбрана Јоав Галант за „поттикнување глад како метод на војна, вклучително и задржување на хуманитарна помош и намерно таргетирање на цивили во конфликтот“.
Побарани се и налози за апсење на лидерите на Хамас – Јахја Синвар, Мохамед Деиф и Исмаил Ханије за убиство, земање заложници, силување и сексуални напади.
Кабинетот на претседателот на Јужна Африка ја поздрави најавата на обвинителот на МКС дека ќе бара налози за апсење на израелскиот премиер, министерот за одбрана и тројца лидери на Хамас за наводни воени злосторства.
„Законот мора да се применува подеднакво за сите со цел да се поддржи меѓународното владеење на правото и да се повикаат на одговорност оние кои вршат грозоморни злосторства и ги штитат правата на жртвите“, се вели во соопштението од кабинетот на јужноафриканскиот претседател Кирил Рамафоса, пренесе Ројтерс.