Свет
Бегајте од Русија додека можете, Ходорковски ги предупреди западните енергетски гиганти
Пред речиси две децении нафтената и гасна империја на Михаил Ходорковски беше конфискувана од Кремљ. Сега следни би можеле да бидат европските компании, пишува „Политико“.
„Никаде нема гаранции за безбедноста на инвестициите, но режимот на Владимир Путин демонстративно изгради нелегитимна и држава на беззаконие“, изјави за „Политико“ поранешниот руски магнат.
Минатиот вторник Путин со декрет ѝ дозволи на владата да ја преземе контролата врз имотот во сопственост на странски фирми и поединци од „непријателските нации“ – долга листа што ги вклучува САД, Велика Британија, целата ЕУ и сите земјите членки на Г7.
Новиот закон што ѝ овозможува на Русија да ги заплени енергетските компании во странска сопственост треба да биде последно предупредување за западните фирми да ги намалат своите загуби и да го напуштат овој пазар засекогаш, предупреди еден од најистакнатите прогонети бизнисмени во земјата.
„Повлекувањето на средствата требаше да почне многу одамна, дури и пред војната. Но, на 24 февруари 2022 година сигурно требаше да се донесе одлука“, истакна Ходорковски.
Први на отстрел на новиот руски закон беа фирмите во сопственост на германската енергетска компанија „Унипер“ и финската „Фортум“.
Тврдејќи дека Москва презема само привремена контрола врз секојдневното управување со фирмите, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, истакна дека тоа ќе помогне да се создаде фонд на средства што Москва би можела да ги одземе како одмазда за рускиот имот запленет од европските влади.
Во меѓувреме, германската компанија за нафта и гас „Винтершал“ предупреди дека иако има намера да ги дивестира своите акции во сибирското производство на нафта и гас, правилата бараат одобрување од Кремљ за тоа што значи дека извлекувањето на нејзините средства ќе биде тешко.
„Деновиве во Русија може да се случи сè во смисла на директно мешање во нашите права на нашите средства“, објасни извршниот директор на „Винтершал“, Марио Мехрен, на прес-конференција претходно неделава.
Голем број западни енергетски компании веќе најавија целосно заминување од Русија по инвазијата на Украина, вклучително и норвешкиот „Еквинор“ и американскиот нафтен и гасен гигант „Ексон мобил“. Други, вклучувајќи ги „Шел“, БП, „Тотал енерџис“ и „Винтершал“ ја објавија својата намера за целосно или делумно напуштање на пазарот, но условите за нивното излегување сè уште се разработуваат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Рјабков: Русија нема доверба во НАТО
Геополитичките проекти со НАТО сега се невозможни, Москва нема доверба во Алијансата и кај нас предизвикува политичка и емотивна одбивност, изјави денеска рускиот заменик министер за надворешни работи Сергеј Рјабков.
„Геополитички дизајн од секаков вид со НАТО е невозможен. НАТО не е пандан способен за преговори, тоа е групација во која не само што немаме ни најмала доверба, туку ни предизвикува политички и, дури би рекол, емотивна одбивност“, рече Рјабков во интервју за ТАСС.
Тој посочи дека Русија ќе работи со оние „кои се подготвени да преговараат на еднаква основа“.
„Големиот евроазиски простор, концептите на евроазиската безбедност, се она што доаѓа во центарот на вниманието на архитектонските проекти во однос на политиката и геополитиката. Според нас, тоа е она на што пред се треба да се фокусираме“, посочи Рјабков.
Свет
Ирански командант: Три европски земји ќе одговараат за помошта кон Израел
Командантот на силите Кудс, Есмаил Кани изјави дека трите европски земји кои ги распоредија своите воени авиони за да го одбранат Израел од одмаздничката операција организирана од Иран ќе одговараат.
– Франција, Германија и Велика Британија не треба да мислат дека распоредувањето на авионите таа ноќ е крај на проблемот. Да, таа ноќ заврши, но ќе одговорат во догледно време – изјави бригадниот генерал Есмаил Кани.
Според него, Соединетите Американски Држави и целата западна воена алијанса на НАТО придонеле со сите свои воени капацитети за одбрана на Израел од иранската операција „Вистинско ветување“, пренесува иранската агенција „Тасним“.
– Седум или осум поморски групи се распоредени во Црното Море за да се спречи (иранската) операција – рече тој, додавајќи дека во таа операција се вклучени и повеќе од 200 авиони.
Кани оцени дека Иран ја покажа својата сила, непоколебливост и моќ на целиот свет при нападот на територијата на Израел.
– Победата на операцијата „Вистинско ветување“ не е ограничена само на бројот на ракети и беспилотни летала кои стигнаа до окупираните територии – рече Кани и ги повика земјите од регионот да учат од, како што наведе, „неспособноста на САД да го заштитат израелскиот режим за време на иранската операција“ и да не се потпираат на Вашингтон.
На 13 април Техеран истрела повеќе од 300 беспилотни летала и проектили кон Израел, како одговор на нападот врз иранскиот конзулат во сирискиот главен град Дамаск на 1 април, кога беа убиени седум членови на Иранската револуционерна гарда.
Иран тврди дека нападот „Вистинско ветување“ предизвикал голема штета на израелските воени бази.
Регион
Изгласана новата влада на Хрватска: Пленковиќ по трет пат стана премиер
Пратениците во хрватскиот Сабор вечерва гласаа за доверба на новата влада на премиерот Андреј Пленковиќ. За доверба на Владата гласаа 79 пратеници, против беа 61 пратеник, а еден беше воздржан.
Претседателот и членовите на Владата потоа дадоа заклетва пред пратениците, со што Андреј Пленковиќ го започна третиот последователен мандат како премиер.
Во Собранието денеска беше претставена четиригодишната програма на новата Влада, која се заснова на „успешна, витална, праведна, одржлива и суверена Хрватска“.
Во новиот мандат, владата на Пленковиќ најавува просечна нето плата од 1.600 евра, минимална бруто плата од 1.250 евра, како и отворање на 125.000 нови работни места.
До крајот на мандатот на новата влада, пензиите треба да се зголемат за најмалку 30 отсто, со што просечната пензија би изнесувала најмалку 750 евра.
Новата влада наместо досегашните 16 ќе има 18 министерства и седум потпретседатели.