Свет
Безос се повлекува од директорската функција на „Амазон“

Најбогатиот човек на светот и основач на „Амазон“, Џеф Безос, денеска треба да поднесе оставка од функцијата извршен директор на таа џиновска платформа за трговија преку интернет. Тој помина 27 години на чело на компанијата.
Безос, кој е на првото место на листата со најбогати личности во светот на „Форбс“, со имот вреден речиси 189 милијарди долари, најави заминување од функцијата извршен директор на „Амазон“ во февруари со цел да се посвети на својата вселенска компанија „Блу ориџин“ (Blue Origin), пишува „Раша тудеј“.
„Амазон“, која почна да работи како онлајн-книжарница во 90-тите години на минатиот век, порасна во последните две и пол децении и стана една од највредните компании на берзата во светот, со пазарна капитализација од 1,7 трилион долари.
Безос планира да задржи 10,3 проценти од акциите во компанијата, како и позицијата извршен претседател на бордот на директори на „Амазон“.
Тој ќе му ја предаде позицијата извршен директор на Енди Џеси, кој ѝ се приклучи на компанијата во 1997 година и кој во моментот го води секторот за облак-компјутери на „Амазон“.
Во меѓувреме, Безос планира да му се придружи на екипажот на вселенското летало-капсула „Њу Шепард“ на неговата вселенска компанија на првиот патнички лет во вселената, што е закажано за 20 јули, на годишнината од слетувањето на „Аполо 11“ на Месечината во 1969 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Орбан: Запалиле црква во Украина и оставиле напис „Унгарците на нож“

Унгарскиот премиер Виктор Орбан предупреди дека непознати лица запалиле црква во украинскиот регион Закарпатија, оставајќи знак на кој пишува „Унгарците на нож“.
„Присилно регрутирање, убиства, палење цркви, поттикнување и заплашување. Сето ова им се случува на Унгарците во Закарпатија. Нема да го дозволиме тоа, можете да сметате на нас“, напиша Орбан на Фејсбук, споделувајќи фотографија на која се гледа спорниот знак.
Закарпатската полиција објави дека инцидентот се случил во среда околу 22 часот во селото Палад-Комаривци. Тие откриле дека неидентификувано лице влегло во црковниот комплекс, ја запалило влезната врата и напишало провокативен натпис на фасадата со намера да поттикне национално и религиозно непријателство.
Полицијата, во соработка со Безбедносната служба на Украина, моментално спроведува истрага за да ги идентификува одговорните.
Унгарија го повика амбасадорот на Украина минатата недела да поднесе протест по медиумските извештаи дека унгарски државјанин починал во Закарпатија, наводно откако бил претепан од воени службеници.
Украинците тврдат дека со форензичко испитување е утврдено дека причината за смртта на човекот е белодробна емболија. Неколку дена подоцна, унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто, предложи Европската унија да воведе санкции против тројца украински функционери во врска со наводно насилната смрт на унгарскиот државјанин.
Свет
Трамп заврши на лекар: портпаролката ги открива причините

Претседателот на САД, Доналд Трамп, бил на лекар поради оток на нозете и модринки на рацете, изјави во четврток портпаролката на Белата куќа, Каролина Ливит.
Повикувајќи се на писмо од лекарот на Трамп, Каролина Ливит им изјави на новинарите дека Доналд Трамп имал тестови и ултразвук на нозете кои покажале „хронична венска инсуфициенција, честа состојба, особено кај оние над 70 години“.
„Покрај тоа, неодамнешните фотографии од претседателот покажаа мали модринки на неговата рака“, рече таа.
„Ова е во согласност со мала иритација на мекото ткиво од честото држење за раце и употребата на аспирин, кој го зема како дел од стандардниот режим за кардиоваскуларна превенција“, додаде таа.
Свет
Мерц потврдува: „Патриот“ многу наскоро доаѓа во Украина

Гermanskiot канцелар Фридрих Мерц изјави дека Украина ќе добие нови системи со долг дострел, вклучувајќи ракетни системи „Патриот“, „многу наскоро“, откако американскиот претседател Доналд Трамп се согласи со НАТО да ја зголеми воената помош за Киев.
„На Украина ѝ се потребни системи за длабок удар за подобро да се одбрани и многу наскоро ќе добие дополнителна поддршка во овој поглед“, рече Мерц на прес-конференција во Обединетото Кралство, пренесува „Политико“.
Мерц додаде дека системите би можеле да станат оперативни на украинска територија за неколку недели. Неговите коментари доаѓаат откако Трамп во понеделникот објави дека некои американски одбранбени системи „Патриот“ ќе пристигнат „за неколку дена“, иако некои експерти изразија сомнежи за тоа колку брзо всушност би се случил трансферот.
Генералот Алексус Гринкевич, командант на Сојузничката воздушна команда на НАТО, изјави дека „подготовките се во тек“ и дека алијансата „тесно соработува со Германците за трансфер на „Патриот“.
Мерц пристигна во Обединетото Кралство со британскиот премиер Кир Стармер, каде двајцата лидери потпишаа договор за пријателство и продлабочување на соработката во областа на одбраната и безбедноста. Мерц прецизираше дека министрите за одбрана веќе преговараат за логистиката за испраќање оружје во Украина, како дел од планот на Трамп според кој европските земји прво ќе испорачаат оружје, а потоа ќе купат замена од Соединетите Американски Држави.
Стармер рече дека е „апсолутно јасно дека Трамп сака Путин да биде запрен“ и дека „тој сега ја поткрепува својата политичка порака со конкретна воена помош“.
Двајцата лидери ја нагласија потребата од дополнителен економски притисок врз Русија. Мерц го повика Трамп да го поддржи пакетот санкции предложен од американскиот сенатор Линдзи Греам.