Свет
Белата куќа: Трамп сака трајно, а не привремено примирје

Американскиот претседател, Доналд Трамп, јасно стави до знаење дека сака трајно примирје во Украина, а не привремен прекин на непријателствата, изјави портпаролката на Белата куќа, Каролин Левит.
Таа зборуваше откако рускиот претседател Владимир Путин објави тридневно примирје од 8 до 11 мај, по повод 80-годишнината од крајот на Втората светска војна.
„Претседателот сака да види трајно примирје што ќе ги запре убиствата и крвопролевањето“, рече Левит.
Таа додаде дека Трамп останува оптимист за можноста за постигнување договор, но дека е сè повеќе фрустриран од лидерите на двете страни, кои, како што рече, мора да седнат на маса и да преговараат за излез од конфликтот.
Левит, исто така, нагласи дека недамнешната средба меѓу Трамп и украинскиот претседател Володимир Зеленски во базиликата Свети Петар покажала дека Трамп сака повторно да биде претседател кој носи мир, како што беше во неговиот прв мандат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Зеленски: Размислуваме за средба на лидерите на Украина, Русија, САД, ЕУ и Велика Британија

Володимир Зеленски изјави дека Киев и неговите партнери ја разгледуваат можноста за одржување средба на лидерите на Украина, Русија, Соединетите Американски Држави, земјите од Европската унија и Велика Британија како дел од напорите да се стави крај на руската војна против Украина.
Говорејќи пред новинарите во Киев, откако двапати телефонски разговараше со Доналд Трамп, украинскиот претседател рече дека се надева дека средбата може да се одржи што е можно поскоро, а како можни домаќини се споменуваат Турција, Ватикан или Швајцарија.
Володимир Зеленски го повикал Доналд Трамп да ги зголеми санкциите кон Русија доколку таа не се согласи на прекин на огнот, а тоа било непосредно пред американскиот претседател да разговара со Владимир Путин.
Според некои информации, Зеленски разговарал со Трамп приближно 15 минути пред неговиот повик до Путин што траеше околу два часа.
Свет
Трамп: Русија и Украина веднаш почнуваат преговори за крајот на војната

„Само што го завршив двочасовниот разговор со претседателот на Русија, Владимир Путин. Верувам дека помина многу добро. Русија и Украина веднаш ќе започнат преговори за прекин на огнот, и што е уште поважно – за крај на војната. Условите за тоа ќе се преговараат меѓу двете страни, бидејќи само така може – тие ги знаат деталите од преговорите што никој друг не би ги имал. Тонот нa разговорите беше одличен.
Русија сака обемна трговија со Соединетите Американски Држави кога ќе заврши ова катастрофално „крвопролевање“ и јас се согласувам со тоа. Има огромна можност Русија да создаде огромен број работни места и богатство. Нејзиниот потенцијал е неограничен. Исто така, Украина може да биде голем добитник во трговијата, за време на реконструкцијата на својата земја.
Преговорите меѓу Русија и Украина ќе започнат веднаш. За ова ги информирав претседателот Володимир Зеленски од Украина, Урсула фон дер Лајен, претседател на Европската комисија, францускиот претседател Емануел Макрон, италијанскиот премиер Џорџа Мелони, германскиот канцелар Фридрих Мерц и финскиот претседател Александар Стуб.
Ватикан, претставен од Папата, изрази голем интерес да биде домаќин на разговорите. Нека започне процесот!“ Трамп напиша на Trurh Social.
Свет
Зеленски формира постојана и проширена преговарачка група

Украинскиот претседател Володимир Зеленски објави дека наредил формирање постојана и проширена национална преговарачка група.
Во објава на Фејсбук, тој рече: „Украина не се плаши од директни преговори со Русија и важно е руското раководство да не ја одложува војната“.
„Подготвени сме и за средба на највисоко ниво за да се решат клучните прашања“, посочи Зеленски.
Москва досега ја отфрли можноста за средба меѓу Зеленски и Владимир Путин. Што се однесува до единствениот конкретен договор од турските преговори – размената на по 1.000 затвореници – Зеленски рече: „Нашиот тим моментално ги разработува деталите за размената“.