Свет
Белгија размислува за испраќање затвореници на Балканот поради пренатрупаност на затворите
Белгиската влада ја разгледува можноста за изградба или издавање под наем на затвор во странство, евентуално на Косово или во Албанија, со цел да се реши проблемот со пренатрупаноста во локалните затвори, според „Brassels Times“.
Министерката за правда Анелиз Верлинден и министерката за миграција Анелин ван Босајт започнаа тридневна мисија на Косовои и во Албанија за да ја проценат политичката подготвеност за прием на белгиски затвореници и зајакнување на соработката во борбата против организираниот криминал, пишува бриселскиот весник.
За време на посетата на Балканот, се очекува да се потпише декларација за намера за споделување на конфискуван имот стекнат преку криминални активности, вклучително и средства запленети како дел од истрагата за шифрирана комуникација „SKY ECC“, според текстот на белгискиот весник.
Белгискиот затворски систем моментално има повеќе од 13.000 затвореници, додека капацитетот е околу 11.000 места, а околу една третина од затворската популација ја сочинуваат странци без дозвола за престој, што е околу 4.400 лица.
Белгиската влада смета дека преместувањето на дел од затворениците во странство би можело да го намали притисокот врз затворскиот систем.
Планот е базиран на данскиот модел од 2021 година, според кој Данска изнајмува затворски објекти во Косово, но белгиските власти признаваат дека сличен проект би барал неколкугодишна подготовка и значителни финансиски средства, објаснува весникот, пренесува Танјуг.
Според студијата на белгискиот комесар за бегалци, Косово и Албанија се единствените територии надвор од ЕУ кои, како што се тврди, „ги исполнуваат условите за евентуално воспоставување затворски капацитети – почитување на владеењето на правото и човековите права“.
Иако белгиската влада тврди дека трансферот на странски затвореници би придонел за олеснување на системот, анализите покажуваат дека таквата мерка би можела да опфати максимум околу два проценти од вкупната затворска популација, заклучува „Брасселс тајмс“ и додава дека, засега, мисијата на министерот има исклучиво истражен карактер.
Фото: принтскрин
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Мерц: Русија сè уште не е подготвена за сериозни мировни преговори
Германскиот канцелар, Фридрих Мерц, изјави дека Русија сè уште не е подготвена за сериозни преговори за мир во Украина, иако западните сојузници се подготвени за дијалог кога ќе има смисла.
Говорејќи за време на Минхенската безбедносна конференција, Мерц го почна излагањето со критика на унгарскиот премиер Виктор Орбан, раскажувајќи за „еден премиер од ЕУ“ кој заминал во Москва без мандат и „не постигнал ништо“. Според него, една недела по таа посета, Украина претрпела некои од најжестоките напади врз цивилната инфраструктура.
„Ако разговорите имаат смисла, ние сме подготвени. Но, како што гледаме и од американска страна – Русија сè уште не е подготвена сериозно да разговара“, рече Мерц.
Тој додаде дека војната ќе заврши дури кога Русија ќе биде барем економски, а можеби и воено, исцрпена:
„Се приближуваме до тој момент, но сè уште не сме таму. Русија мора да се откаже од овој ужасен напад врз Украина, а ние мора да направиме сè што е потребно за да ги доведеме до точка кога повеќе нема да гледаат корист од продолжување на оваа војна“, истакна германскиот канцелар.
Регион
На Мерц му е непријатно оти е закочено членството на Западен Балкан во ЕУ
Германскиот канцелар Мерц во Минхен зборуваше за иднината на проширувањето на Европската унија, откако расправата беше поттикната од прашање на претседателот на Црна Гора.
Тој призна дека чувствува „сè поголема непријатност“ поради тоа што Европската унија не успева да постигне значаен напредок во пристапните процеси со земјите од Западен Балкан и соседството.
„Мораме да осмислиме нова стратегија за да ги доближиме овие земји до ЕУ. Не сакам да ве изгубам“, порача Мерц.
Како главна пречка го наведе принципот на едногласност, со посебен акцент на постојаното блокирање од страна на Унгарија, која ја опиша како „слон во просторијата“. Тој изрази надеж дека ова може да се надмине.
„По изборите што ќе се одржат во април, се надеваме дека ќе можеме да ги отвориме следните поглавја и да ви се приближиме уште повеќе кон Европската унија“, заклучи тој.
Свет
Орбан: На изборите се одлучува за војна или мир
Унгарскиот премиер Виктор Орбан ги претстави претстојните избори на 12 април како избор меѓу „војна и мир“, тврдејќи дека опозицијата ќе ја вовлече Унгарија во војната во Украина.
„За мир, Фидес е сигурен избор“, порача тој.
Владината кампања ги повикува граѓаните да ја потпишат националната петиција за одбивање финансиска помош за Украина, а низ државата се поставени постери кои го прикажуваат лидерот на опозицијата Петер Маѓар како поддржувач на ЕУ и Украина.
Иако партијата Тиса на Маѓар е водечка во анкетите, и таа е воздржана во однос на Украина, најавувајќи референдум за евентуалното пристапување на Киев во ЕУ.
Според анкети, 63 проценти од Унгарците се против европска помош за Украина, а 64 отсто се против членството на Украина во ЕУ.

