Свет
Белешките на мртвите севернокорејски војници откриваат ужасна тактика: „Човечката мамка треба да биде на 7 метри од дронот“
Рачно напишаните белешки пронајдени покрај телата на загинатите севернокорејски војници убиени на бојното поле во областа Курск во Русија откриваат ужасна тактика во која војниците на Пјонгјанг се користат како мамка за соборување на украинските беспилотни летала.
Украинските сили за специјални операции пронашле белешки во кои војниците опишале смртоносни тактики и ја изразиле својата љубов кон својот лидер Ким Џонг-ун и копнежот да се вратат во својата татковина, пишува британски „Телеграф“.
На еден од цртежите од пронајдената тетратка се гледа како војник излегува за да го привлече вниманието на дрон, а неговите двајца другари чекаат да го соборат.
„Кога мамката стои, дронот ќе застане и ќе биде соборен“, напишал војникот во своите белешки.
Детаљно е опишано како човечката мамка треба да стои на седум метри од украинскиот дрон, кој потоа ќе биде неутрализиран со прецизен удар.
Воените набљудувачи и украинските команданти велат дека севернокорејските војници не се обучени за модерно војување и дека Русите ги користат како топовско месо испраќајќи ги пеш преку отворени полиња, без артилериска поддршка, за да ја тестираат украинската одбрана, додека се придружувани од мали групи руски специјални сили.
Речиси 4.000 Севернокорејци веќе се убиени или повредени, изјави во четвртокот украинскиот претседател, Володимир Зеленски. Американските власти проценуваат дека само во последната недела од декември биле убиени повеќе од 1.000 војници од Пјонгјанг.
Рачно напишаниот дневник, кој беше пронајден на 21 декември, му припаѓал на млад војник што загинал на фронтот заедно со двајца сонародници, соопштија украинските специјални сили.
Неколку дена претходно украинските сили заробија двајца севернокорејски војници, кои рекоа дека мислеле оти биле испратени во Украина на обука, а не во вистинска борба.
Зеленски му ги понуди заробените војници на Пјонгјанг во замена за украинските воени затвореници, кои се држат во Русија, додавајќи дека Киев сигурно ќе зароби повеќе севернокорејски војници во иднина.
Многу од илјадниците севернокорејски регрути испратени во Русија во октомври сѐ уште биле тинејџери. Паднатиот војник, чиј дневник бил пронајден на бојното поле во руската област Курск, опишал како му недостигале родителите и како го прославил роденденот на својот колега.
„Копнеам по мојата татковина откога ја напуштив топлата прегратка на моите драги татко и мајка, а овде во Русија го славам роденденот на мојот најблизок другар Сонг Џи Мионг“, напишал војникот.
Неговиот дневник покажува и како младиот регрут бил длабоко индоктриниран и целосно лојален на севернокорејскиот диктатор Ким Џонг-Ун.
„Дури и по цена на мојот живот, без двоумење, ќе ги извршувам наредбите на врховниот командант“, напишал младиот човек.
Според договорот за заемна воена помош, потпишан со Владимир Путин минатиот јуни, Ким испрати речиси 12.000 регрути да им помогнат на руските сили да ги протераат украинските војници од регионот Курск.
Во замена за војници и резерви ракети и артилериски гранати Путин наводно ѝ испраќа гориво на Северна Кореја и му помага на Ким да лансира шпионски сателити.
Руските воени блогери велат дека војниците на Кремљ се обидуваат да ги истуркаат преостанатите украински воени единици од регионот Курск пред Доналд Трамп да положи заклетва како американски претседател на 20 јануари по што би можел да се обиде да наметне мировен договор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Сè потензично меѓу Словачка и Украина: Зеленски и Фицо разговарале за руската нафта
Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, и словачкиот премиер Роберт Фицо телефонски разговараа во услови на зголемени тензии поради прекинот на испораката на руска нафта преку нафтоводот „Дружба“, кој минува низ Украина.
Од кабинетот на Зеленски соопштија дека претседателот го поканил Фицо во Украина за да разговараат за сите отворени прашања.
Словачка и Унгарија го обвинуваат Киев за одолговлекување со повторното пуштање во работа на нафтоводот, чиј дел во Украина беше оштетен во руски напади во јануари. Тие тврдат дека е поправен, но Зеленски посочи дека работите сè уште не се завршени и ја повика Будимпешта да разговара со Москва, која, според него, повеќепати го бомбардирала нафтоводот.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан соопшти дека со Фицо формирале заедничка истражна комисија и побара Украина да дозволи унгарски и словачки инспектори да влезат во земјата. Во меѓувреме, Орбан го блокира заемот од 90 милијарди евра од Европската унија за Украина и нови санкции против Москва, сè додека не продолжат испораките преку „Дружба“.
Свет
Врховниот суд на Израел ја стопира владината забрана за хуманитарните организации во Газа
Израелскиот Врховен суд привремено ја блокира одлуката на владата со која на 37. меѓународни хуманитарни организации, меѓу кои и „Лекари без граници“ и Норвешкиот совет за бегалци, им беше наложено да го прекинат работењето во Газа и на Западниот Брег, освен ако не ги прифатат новите услови, вклучително и доставување список на палестински персонал.
Седумнаесет здруженија пред шест дена побараа од судот итно укинување на одлуката, предупредувајќи на тешки хуманитарни последици.
Со привремената одлука на судот, организациите ќе можат да продолжат со поголемиот дел од активностите додека не се донесе конечна пресуда. Израелските власти тврдат дека мерката е неопходна за да се спречи злоупотреба на хуманитарната помош од палестински вооружени групи.
Свет
„Политико“: Демократите бараат итно објавување на транскриптот од сведочењето на Хилари Клинтон
Демократите во Претставничкиот дом бараат целиот транскрипт од сослушувањето на поранешната државна секретарка Хилари Клинтон пред членовите на Надзорниот комитет, во врска со истрагата за осудениот сексуален престапник Џефри Епстин, да биде објавен во рок од 24 часа.
Како причина за ова барање, демократите ја наведуваат ограничената транспарентност на постапката зад затворени врати, пишува американскиот „Политико“.
Демократските конгресмени Роберт Гарсија, Јасамин Ансари, Весли Бел, Сухас Субрамањам и Џејмс Вокиншо, кои се и членови на Надзорниот комитет на Претставничкиот дом што го спроведе сослушувањето, го поднесоа ова барање, но како што е наведено, веројатноста за објавување на транскриптот во толку краток временски период е многу мала.
Постапката бара судскиот записничар да го врати транскриптот во Комитетот по неколку дена, а правниот тим на Клинтон мора да го разгледа пред да биде објавен.
Сепак, демократите бараат итно објавување на транскриптот бидејќи Хилари Клинтон побара сослушувањето да биде отворено за јавноста, што беше одбиено.
Гарсија, исто така, рече дека Клинтон одговорила на сите прашања за време на сослушувањето и дека не се повикала на Петтиот амандман и дека не дала никакви информации што би биле корисни за истрагата на комисијата.
„Сведоци сме на неверојатно лекомислена кловновска претстава на сослушувања каде што членовите на Конгресот и Републиканската партија се повеќе загрижени за добивање можност за фотографирање со секретарката Клинтон отколку за тоа да дојдат до вистината и да повикаат некого на одговорност“, им рече Ансари на новинарите.

