Свет
Белорусија: Западот се подготвува за војна, Полска ќе биде примарна цел во случај на конфликт
Неодамнешните воени чекори на Западот, особено активностите во Полска, во суштина се подготовки за војна, изјави Руслан Косигин, шеф на главниот разузнавачки оддел на Генералштабот на белоруските вооружени сили.
„Целата серија воени подготовки на Западот, вклучително и оние што се случуваат на територијата на Полска, сведочат за систематската воена активност на Вашингтон и на Брисел, која ја покриваат под изговор дека се обидуваат да ја задржат заканата од Истокот, а всушност создаваат механизми за групирање на војниците во најкус можен рок и за нивно можно користење во одредени оперативни области“, рече Косигин, пренесува ТАСС.
Косигин, кој е и заменик-началник на Генералштабот на белоруските вооружени сили, исто така вели дека овие активности се всушност подготовки за ангажман на армијата на источното крило на НАТО.
Тој додаде дека Полска и балтичките земји „се претвораат во полигон, каде што САД планираат да почнат уште еден крвав конфликт во Европа против Руската Федерација и нејзините сојузници“, пренесе ТАСС.
„Постоењето на овие планови е потврдено со тековната оперативна и борбена обука, во која се практикува трансфер на војници, формирање оперативни групи, нивна употреба и сеопфатна поддршка, а Русија и Белорусија се сметаат за противници“, рече Косигин.
Тој изјави и дека тековните подготовки за распоредување на европскиот сегмент на американскиот систем за противракетна одбрана заслужуваат посебно внимание од Белорусија и додаде дека НАТО деновиве ќе пушти во употреба база за антиракетна одбрана во Полска.
„Некои полски политичари бараат историските полски земји да ѝ се вратат на Полска мислејќи на западните области на Украина и Белорусија“, рече Косигин.
Во случај на провокации од Запад, одговорот на Белорусија ќе биде пропорционален и остар, изјави Косигин и додаде дека „Полска мора да разбере дека во случај на конфликт таа земја и нејзината воена инфраструктура ќе станат примарна цел на напад“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Зеленски: Новата рунда трилатерални преговори со Русија и САД ќе се одржи на 4 и 5 февруари
Новата рунда преговори меѓу Украина и Русија, со посредство на САД, ќе се одржи во Абу Даби, Обединетите Арапски Емирати, в среда и четврток (4 и 5 февруари), најави денеска украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Зеленски нагласи дека Киев е подготвен за „суштинска дискусија“.
Тој истакна дека информациите доаѓаат од украинскиот преговарачки тим кој денеска требаше да одржи разговори со руската делегација.
„Нашиот преговарачки тим штотуку даде извештај. Датумите за следните трилатерални состаноци се одредени: 4 и 5 февруари во Абу Даби. Украина е подготвена за суштински разговори и ние сме заинтересирани исходот да нè доближи до вистински и достоинствен крај на војната (Москва-Киев). Ви благодариме на сите што помагате!“, рече тој.
Ни Москва ниту Вашингтон не ги потврдија информациите што ги сподели Зеленски.
Претходно, повеќе западни медиуми јавија дека денешната средба на претставници на рускиот и украинскиот тим е одложена, а дипломатскиот фокус е насочен кон средината на претстојната недела.
Свет
(Видео) Сведоштво на мајката и сопруга на уапсените за марихуаната поврзана со Македонија
Членови на семејството Спасојевиќ и нивни соседи се огласија по заплената на повеќе од пет тони марихуана на семеен имот во околината на Крушевац, случај кој српските власти го оценуваат како една од најголемите акции против организираниот криминал во историјата на земјата.
Ана Спасојевиќ во изјава за српскиот таблоид „Република“ изјави дека семејството било угледно и дека не била свесна што се чува на имотот. Таа наведе дека знаеле нејзиниот сопруг и синот, но дека, според она што ѝ било кажано, станувало збор за нешто што привремено било оставено таму, само неколку дена.
„Не ми е важно кој го сторил тоа, сè ќе се открие во истрагата. Ова ни се случува првпат во животот, ништо слично никогаш не сме имале“, изјави Спасојевиќ, додавајќи дека целата ситуација тешко ѝ паѓа и дека поради стресот не може да спие и зема терапија за смирување.
И соседите изразуваат неверување. Комшиката Радмила Тодосијевиќ изјави дека веста за пронаоѓањето на дрогата ја затекнала и ја вознемирила, нагласувајќи дека семејството го познавала како работливо и чесно. Таа посочи дека Спасојевиќи со години живеат таму и се занимаваат со земјоделство, одгледување овошје и зеленчук, додавајќи дека немала никакви сознанија за нелегални активности.
Во меѓувреме, српскиот министер за одбрана Братислав Гашиќ им честиташе на припадниците на Министерството за внатрешни работи и на безбедносните служби за, како што рече, исклучително успешно спроведената акција кај Крушевац. Според него, станува збор за еден од најголемите и најзначајни успеси на српската полиција во борбата против организираниот криминал.
„Оваа историска акција јасно покажува дека во Србија нема заштитени и дека секој што ќе помисли дека може да се сокрие зад партиска книшка за да врши кривични дела – нема да успее. Секој што се занимава со криминал ќе биде најстрого казнет и процесуиран согласно законот“, порача Гашиќ, нагласувајќи дека борбата против криминалот и корупцијата е апсолутен приоритет на државата и дека се води без компромиси и без исклучоци.
‼️Супруга Радета, од кога је заплењено јуче пет тона марихуане каже:
👉 “Ми смо угледна породица и све ово је колатерална штета”.
А затим каже да су супруг и син ЗНАЛИ да је то дрога.
Па онда каже…
ПАЗИТЕ САД 👇
САМО су требали да причувају на пар дана, док “неко” не… pic.twitter.com/xxJGRxQHcY
— Инжењер 🇷🇸 (@Ortodox_Serb) January 30, 2026
Свет
(Видео) Страшен судир на три автомобили, возачот загина, a 15-годишен сопатник е тешко повреден
Триесет и седумгодишен маж загина во тешка сообраќајна несреќа што се случи вчера околу 21:40 часот во близина на Хрженица, додека уште две лица се повредени.
Во несреќата на локалниот пат покрај пренасочниот канал учествувале три автомобили, соопшти полицијата.
Според резултатите од истрагата, несреќата ја предизвикал 37-годишен возач кој се движел од правец на Ореховице кон Оток. Во еден момент, тој го преминал своето возило во сообраќајната лента за возила што доаѓаат од спротивната насока, без да провери дали може безбедно да го стори тоа.
Во исто време, 25-годишен маж кој возел зад него во истата насока почнал да го престигнува, и со предниот дел од својот автомобил удрил во задниот лев дел од возилото на 37-годишникот. Поради силата на ударот, автомобилот на 37-годишникот скршнал, се вратил во спротивната лента, а потоа слетал на тревната површина. Потоа возилото го напуштило теренот и удрило во неколку дрвја пред да застане.

