Свет
Бербок: Путин одговара на мировните предлози со нов терор
Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок денеска изјави дека единствениот одговор на рускиот претседател Владимир Путин на сите обиди за воспоставување мир во Украина е само зголеменото насилство.
„Европа соработува со Украина секој ден за постигнување мир. Во изминатите 2,5 години вложивме максимални напори мирот да го доближиме барем еден милиметар. Но, за жал, на апсолутно секој чекор кон мирот, без разлика кој го предложи, Русија одговори со нов терор, од европска гледна точка, единствениот одговор на рускиот претседател веќе 2,5 години е дека тој сака да ја уништи Украина наместо преговори“, рече Бербок на заедничката прес-конференција со својот индиски колега Субрахманџам Џаишанкар во Берлин. Според неа, тоа не значи дека треба да се запрат напорите. Бербок потврди дека Русија е поканета на вториот мировен самит, но таа бргу одговорила со одбивање. „Ова уште еднаш покажува дека руската влада продолжува да ја следи целта што ја прогласи на 24 февруари 2022 година, а тоа е уништување на Украина“, пренесува „Танјуг“.
Освен тоа, целта на Путин е да го уништи европскиот мировен поредок, а тоа се обидува да го направи преку хибридна војна. Затоа, не бидете наивни: кога Путин зборува за мир, тој само сака да се одмори за да може да добие сила целосно да ја окупира Украина и да им се заканува на другите земји, како Молдавија. Путин замислува само таков мир што тој ќе го диктира“, рече германската министерка. Таа укажа и на улогата на Индија во напорите за постигнување мир во Украина.
Џаишанкар изјави дека неговата земја на некој начин била вклучена во некои иницијативи во последните 2,5 години, особено во врска со коридорот за жито и безбедноста во нуклеарната централа „Запорожје“ (ЗНПП). Тој нагласи дека Индија се придржува до мислењето дека „разликите и споровите не можае да се решат со војна“ и дека „не верува оти решението за овој конфликт ќе се најде на бојното поле“.
„Затоа, Делхи се залага за преговори, за вклучување на Русија во процесот на дискусија“, заклучи индискиот министер, кој вторпат е во посета на Германија, по учеството на Минхенската безбедносна конференција во февруари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Извори за „Фајненшл тајмс“: Трамп му дава на Зеленски неколку дена да одговори за мировниот план
Емисарите на Доналд Трамп му дадоа на украинскиот претседател Володимир Зеленски само неколку дена да одговори на предложениот мировен договор што би барал од Украина да прифати територијални загуби во замена за неодредени безбедносни гаранции на САД, изјавија официјални лица запознаени со разговорите, според „Фајненшл тајмс“.
Украинскиот претседател им кажал на своите европски колеги дека за време на двочасовниот телефонски разговор во саботата, 6 декември, специјалниот претставник на Трамп, Стив Виткоф, и зетот на претседателот, Џаред Кушнер, го притиснале да донесе брза одлука, според написите.
Извор запознаен со разговорите, според медиумот рекол дека Трамп се надева дека ќе постигне договор „до Божиќ“. Зеленски им рекол на американските претставници дека му треба време да се консултира со европските сојузници пред да реагира на предлогот на Вашингтон. Киев се плаши дека потегот на САД без европска поддршка би можел да го поткопа западното единство, анализира медиумот.
Еден од западните претставници ја опишал позицијата на Украина како заглавена помеѓу територијални претензии што не можат да ги прифатат и американската страна што не можат да ја одбијат.
„Искрено, Американците денес бараат компромис“, изјави Зеленски пред новинарите во понеделникот вечерта. Истиот ден, украинскиот претседател се сретна со лидерите на Франција, Германија и Обединетото Кралство во Лондон.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц навести за итноста на ситуацијата на почетокот од состанокот, велејќи дека се собрале да разговараат „за наредните денови. Бидејќи ова може да биде одлучувачко време за сите нас“.
Зеленски синоќа изјави дека „многу активно“ работи на компонентите на договорот за завршување на војната. „Украинската и европската компонента веќе се разработени подетално и ние сме подготвени да им ги презентираме на нашите партнери во Америка“, рече тој. „Заедно со американската страна, очекуваме да ги направиме можните чекори што е можно поефикасни и побрзи“.
Минатата недела, Виткоф и Кушнер одржаа тридневни разговори во Мајами со украинските преговарачи, претставени од Рустем Умеров, секретар на Советот за национална безбедност и одбрана, и Андриј Хнатов, началник на Генералштабот.
Зеленски навести напредок во ревидирањето на оригиналниот мировен план на САД од 28 точки, изготвен со значителен руски придонес. Тој рече дека планот, кој првично содржеше неколку „антиукраински“ точки, сега е намален на 20 точки и е поповолен за Киев.
Во интервју за „Политико“ денес, на прашањето дали му поставил рок на Зеленски, Трамп рече: „Па, тој ќе мора да се фати за работа и да почне, да прифаќа работи, затоа што губи“.
Фото: депозитфотос
Свет
Портпаролката на Европската комисија за оценките на Трамп: Задоволни сме што имаме одлични лидери
Портпаролката на Европската комисија (ЕК), Паула Пињо, денес изјави дека Европската унија е задоволна и благодарна што има одлични лидери.
Паула Пињо одговори на прашањето на бриселскиот портал „Политико“ за интервјуто на американскиот претседател Доналд Трамп, кој даде остра оценка за европските лидери, нарекувајќи ги „слаби“.
„Многу сме задоволни и благодарни што имаме одлични лидери, почнувајќи од лидерката, претседателката на Европската комисија Фон дер Лајен, на која сме навистина горди, која може да нè води во многуте предизвици со кои се соочува светот“, рече Паула Пињо.
Портпаролката на ЕК, исто така, ги пофали како што рече „многу други лидери на чело на 27-те земји-членки кои се дел од тој европски проект, тој мировен проект, кои ја водат ЕУ со сите предизвици со кои се соочува, од трговија до војна во соседството“.
„Затоа, дозволете ми да ја искористам можноста да го повторам она што многу од милионите граѓани во ЕУ мислат: Ние сме горди на нашите лидери“, додаде Паула Пињо.
Американскиот претседател оцени дека Европејците се слаби и дека Русија е во позиција на сила во војната во Украина.
„Мислам дека тие (Европејците) се слаби, но исто така мислам дека сакаат да бидат политички коректни. Не мислам дека знаат што да прават“, рече Трамп во интервју емитувано денес за „Политико“.
Американскиот претседател верува дека Русија е во позиција на сила во војната во Украина и ги обвини европските лидери за „неактивност“, а во исто време наведе дека верува оти имиграцијата ја загрозува одржливоста на неколку европски земји.
Американскиот претседател обвини неколку европски влади дека им дозволуваат на милиони луѓе да влезат во Европа, осудувајќи ги „катастрофалните“ имиграциски политики кои наводно ги трансформирале градовите како Париз, Лондон и Стокхолм.
Трамп рече дека Европа е во опаѓање затоа што ја водат слаби лидери.
Фото: депозитфотос
Свет
Сијарто: Поради корупцијата во Брисел, ЕУ не го истражува скандалот со „паричникот“ на Зеленски
Нивото на корупција во Брисел објаснува зошто Европската Унија не го истражува скандалот со „паричникот“ на Володимир Зеленски во Украина, изјави денес унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто.
„Корупцијата во Брисел е објаснувањето зошто Европската Унија не го покрена прашањето за корупцијата во Киев“, рече Сијарто во интервју за „Раша тудеј“.
Тој додаде дека европските претставници кои неодамна беа уапсени под сомнение за корупција, вклучувајќи ја и поранешната шефица на дипломатијата на ЕУ, Федерика Могерини, ја обвинија Будимпешта за кршење на владеењето на правото.
Сијарто додаде дека верува оти Европа станала многу помалку безбедно и конкурентно место под водство на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
„Таа предизвика поголема штета на Европската Унија од кој било друг“, рече Сијарто во интервју објавено од РИА Новости.
На почетокот на декември, белгиската полиција изврши рација во канцелариите на Европскиот колеџ и Министерството за надворешни работи на ЕУ во Брисел, а службениците за спроведување на законот ги приведоа, испрашаа, а потоа ги ослободија поранешната шефица за надворешни работи на ЕУ, Федерика Могерини, директорот на Министерството за надворешни работи на ЕУ, Стефано Санин, и уште еден сегашен функционер.
Тие се осомничени за измама поврзана со финансирањето на образовна институција, а против нив сè уште не се поднесени обвиненија, објавува РИА Новости.
На 10 ноември, во Украина беше започната голема операција за откривање на корупциски шеми во енергетскиот сектор, за време на која беа извршени претреси во становите на сегашни функционери и раководители на енергетски компании.
Фото: депозитфотос

