Европа
Берлускони во болница, причината засега непозната

Поранешниот италијански премиер Силвио Берлускони (84), е во болница од понеделникот и нема да присуствува на јавни настани во блиска иднина, соопштија денеска два добро информирани извора.
Не е познато зошто медиумскиот тајкун е хоспитализиран, но еден од двата извора тврди дека не е ништо сериозно, пренесува „Ројтерс“.
Берлускони утрово не се појави на рочиште во Милано, во врска со еден случај во кој е вмешан.
Тој на почетокот на годинава имаше проблеми со срцето поради што беше итно хоспитализиран во болница во Монако, каде што престојувал во тој период.
Поранешниот италијански премиер во 2016 година имаше посериозна операција на срцето, а подоцна преживеа и карцином на простата, а во септември минатата година водеше битка и со Ковид-19.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Денеска е големиот самит на ЕУ: „Европа е пет минути до полноќ“

Додека 27-те лидери на ЕУ се собираат во Брисел, тие се свесни дека безбедносниот поредок воспоставен по 1945 година – кој се потпира на заштитата на Соединетите држави – може да пропадне во секој момент.
Од враќањето на Доналд Трамп во Белата куќа, европските лидери често зборуваат за суверенитет и одбрана. Сепак, според европските владини претставници за Политико, сега е време зборовите да се претворат во дело – иако некои веќе стравуваат дека работите може да тргнат наопаку.
Додека францускиот претседател Емануел Макрон предупредува на потребата од „неверојатно будење“ и идниот германски канцелар Фридрих Мерц драматично изјавува дека „Европа е пет минути до полноќ“, многумина блиски до овие дискусии стравуваат дека настаните се одвиваат побрзо отколку што можат да се справат.
„Кошмарно сценарио би било САД наскоро да постигнат договор што ќе ги прифати повеќето барања на Русија, а потоа да им каже на Украина и Европа да го прифатат или отфрлат“, предупредува Малколм Чалмерс, заменик генерален директор на Кралскиот институт за одбранбени студии во Лондон.
Загриженост за Орбан
И стравовите не се ограничени само на САД. Некои се загрижени и за сопствените сојузници. Иако самитот во четвртокот беше итно свикан – само неколку дена по неформалните состаноци во Париз и Лондон – што укажува на желба за изнаоѓање решение, дипломатите веќе се претпазливи од можноста проруските лидери, предводени од унгарскиот премиер Виктор Орбан, да се обидат да го поткопаат договорот.
Големиот број теми и очигледниот недостаток на единство значат дека самитот може да се развива во различни насоки. Лидерите ќе разговараат за тоа како брзо да ги пренасочат ресурсите за зајакнување на националните војски, а во исто време да бараат да се обезбеди поддршка за Украина – на пример, со реафирмирање на нејзиниот пат кон членство во ЕУ. Тие, исто така, ќе се обидат дополнително да го осудат режимот на Владимир Путин, можеби со најава за нова рунда санкции.
Накратко – пред нив е тешка задача.
Планот на Фон дер Лајен
Една од клучните теми на самитот ќе биде планот што Фон дер Лајен го објави во вторник – пакет од 800 милијарди евра за дополнителни трошоци за одбраната во наредните години. Најконкретниот дел од планот предвидува ЕУ да позајми 150 милијарди евра, кои потоа ќе им бидат позајмени на земјите-членки за да купат клучна воена опрема – вклучувајќи воздушна и ракетна одбрана, артилериски системи, ракети, муниција, беспилотни летала и друга технологија.
Покрај тоа, Комисијата предлага да се релаксираат фискалните правила на ЕУ за да им се овозможи на земјите да ги зголемат воените трошоци. Според Фон дер Лајен, зголемувањето на трошоците за одбрана на ниво еквивалентно на 1,5% од БДП во текот на четири години би значело дополнителни 650 милијарди евра инвестиции во одбраната.
Европа
(Видео) Фон дер Лајен го претстави планот за вооружување на Европа: „Ова е клучен момент“

Соединетите Американски Држави ја прекинаа воената помош за Украина неколку дена откако американскиот претседател Доналд Трамп се судри со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Овалната соба, потврди претставник на Белата куќа за „Ројтерс“.
„Ова не е трајно прекинување на помошта, тоа е пауза“, цитира „Фокс њуз“ претставник на администрацијата на Трамп. „Блумберг“ објави дека е запрена испораката на целата американска воена опрема, која моментно не е во Украина, вклучително и оружје во транзит на авиони и бродови или чекање во транзитни области во Полска.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денеска изјави дека новите планови на ЕУ за зајакнување на европската одбранбена индустрија и зголемување на воените капацитети би можеле да мобилизираат речиси 800 милијарди евра. Зборувајќи на денешната прес-конференција, Фон дер Лајен најави дека ЕУ ќе предложи на земјите членки да им се обезбеди поголем фискален простор за инвестиции во одбраната, како и 150 милијарди евра заеми за такви инвестиции, заедно со мобилизација на приватен капитал.
„Потребно ни е големо зголемување на одбранбениот капацитет, нема сомнеж за тоа. Сакаме траен мир, но траен мир може да се изгради само на сила, а силата почнува со зајакнување на самите себе“, рече таа. Таа додаде дека испратила писмо до европските лидери и наведе пет клучни точки од планот за повторно вооружување на Европа:
- Зголемување на јавното финансирање за одбраната – доколку земјите членки ги зголемат трошоците за одбрана за 1,5 % од БДП, тоа би можело да создаде фискален простор од речиси 650 милијарди евра во следните четири години;
- Нов инструмент, кој обезбедува заеми од 150 милијарди евра за одбранбени инвестиции од страна на земјите членки;
- Користење на буџетот на Европската Унија за одбранбени проекти;
- Мобилизирање приватен капитал преку Унијата за штедење и инвестиции;
- Мобилизирање приватен капитал преку Европската инвестициска банка.
Фон дер Лајен истакна дека овие планови би можеле да мобилизираат речиси 800 милијарди евра за зајакнување на одбранбените и воените капацитети на Европа. „Ова е клучен момент за Европа и ние мора да го искористиме“, рече таа.
Европа
Папата добро се одмори преку ноќта: „Остануваме внимателни во врска со прогнозата“

Папата Франциско добро се одмори во текот на ноќта, соопшти денеска Ватикан откога 88-годишниот папа имаше респираторни проблеми еден ден претходно додека се бори со билатерална пневмонија во болница. Франциско е во римската болница „Гемели“ од 14 февруари, а вчера имаше две епизоди на акутна респираторна инсуфициенција, соопшти Ватикан.
Морале да го поврзат на неинвазивна механичка вентилација за да му помогнат полесно да дише. „Папата спиеше цела ноќ и продолжува да се одмора“, објави кусо Ватикан. Целосните медицински информации за состојбата на папата се очекуваат вечерва.
Папата Франциско не е виден во јавноста откога беше примен во болница, што е негово најдолго отсуство откога го почна својот понтификат во 2013 година, а неговите лекари не кажаа колку долго би можело да трае неговото лекување.
Влошувањето слувадеше по неколкудневните релативно оптимистички извештаи за неговата состојба. Ватикан соопшти дека двете респираторни епизоди биле предизвикани од акумулација на ендобронхијална слузница. Папата доживеа и бронхоспазма, сличен на напад на астма, поради што лекарите беа принудени да направат две бронхоскопии за да ги прегледаат неговите дишни патишта.
Сè уште треба да се внимава во однос на прогнозата, соопшти денеска Ватикан, што значи дека сè уште не е надвор од животна опасност. Анонимен претставник на Ватикан изјави дека крвната слика на папата Франциско вчера била стабилна. Лекарите на папата веруваат дека респираторната епизода е дел од нормалниот одговор во борбата против инфекцијата, додаде официјалниот претставник.