Свет
Бил Гејтс: Пандемијата го запре напредокот во борбата против сиромаштијата и болестите

Пандемијата на коронавируси го запре 20-годишниот напредок во борбата против сиромаштијата и болестите, според основачот на „Мајкрософт“, Бил Гејтс.
Извештајот на Фондацијата „Бил и Мелинда Гејтс“ покажува дека речиси според секој индикатор светот заостанува во обидот да ги исполни целите на одржливиот развој на ООН за ставање крај на сиромаштијата и намалување на нееднаквоста.
Екстремната сиромаштија се зголеми 7 проценти поради пандемијата, се вели во годишниот извештај на Фондацијата.
Покриеноста на вакцините – мерка за функционирање на здравствените системи – падна на нивоа што последен пат беа видени во 90-тите години на минатиот век носејќи го светот назад за 25 години за 25 недели.
Податоците исто така покажуваат дека економските последици од пандемијата ги зголемуваат нееднаквостите, особено кај жените, расните и етничките малцинства. Особено се погодени луѓето што живеат во услови на екстремна сиромаштија.
Гејтс за Би-би-си изјави дека очекува ефективната вакцина за Ковид-19 да биде готова до почетокот на следната година. Тој додаде дека секоја вакцина што се произведува мора да биде достапна во сиромашните земји.
Во извештајот што го објавуваат заедно секоја година од 2017 година, Бил и Мелинда повикуваат на глобална соработка во развојот на дијагностика, вакцини, третмани, брз развој и дозирање вакцини и фер испорака на овие средства врз основа на потреба, а не на можност за плаќање.
„Глобалната криза е честа и бара заеднички одговори“, напишаа тие во извештајот на Фондацијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
По 160 години, Долниот дом на британскиот парламент ја поддржа декриминализацијата на абортусот

Пратениците во Долниот дом гласаа за декриминализација на абортусот во Англија и Велс, што е историски потег што ќе донесе најдалекусежна промена во репродуктивните права во последните децении. По емотивна и страсна дебата, пратениците гласаа за реформата со 379 гласови „за“ и 137 „против“.
Тие со огромно мнозинство го поддржаа амандманот на пратеничката од Лабуристичката партија Тони Антонијаци за отстранување на „заканата од истрага, апсење, гонење или затворање“ за секоја жена што дејствува во врска со сопствената бременост, пишува „Индипендент“.
Реформата е дизајнирана да ги заштити жените, а воедно да ги задржи казните за насилните партнери или медицинските професионалци кои прекинуваат бременост надвор од постојната законска рамка. За време на дебатата, пратениците тврдеа дека британскиот „викторијански“ закон за абортус „сè повеќе се користи против ранливи жени и девојки“.
Според сегашниот закон, абортусот во Англија и Велс е кривично дело, но е дозволен до 24-та недела со одобрение од двајца лекари. Исто така е дозволено во одредени околности по тој период, како на пример кога животот на мајката е во опасност.
На жените може да им се препишат и лекови за прекинување на бременоста дома ако се бремени помалку од 10 недели.
Поддршката за реформа на законот порасна во последниве години, што се совпаѓа со зголемувањето на бројот на гонења на жени обвинети за вршење нелегални абортуси.
Сепак, потегот наиде на силен отпор од министерката за правда Шабана Махмуд, која ги опиша реформите како екстремни.
Антонијаци вели дека полицијата истражувала повеќе од 100 жени во текот на изминатите пет години под сомнение за нелегални абортуси, вклучувајќи жени кои доживеале спонтани абортуси и мртвородени деца.
„Секој од овие случаи е пародија, овозможена од нашиот застарен закон за абортус. Првично беше донесен од машки парламент избран од мажи. Овој викторијански закон сè повеќе се користи против ранливи жени и девојки“, рече Антонијаци.
Свет
Русија предуредува дека воената помош на САД во Израел ќе ја дестабилизира состојбата

Рускиот заменик-министер за надворешни работи, Сергеј Рјабков, предупреди дека директната американска воена помош за Израел би можела радикално да ја дестабилизира ситуацијата на Блискиот Исток, каде што беснее шестдневна воздушна војна меѓу Иран и Израел.
Според новинската агенција Интерфакс, Рјабков рекол дека Русија ги предупредува САД да не му даваат таква помош на Израел, па дури ни да разгледуваат такви „шпекулативни опции“.
„Ова би бил чекор што радикално би ја дестабилизирал целата ситуација“, рекол тој.
Рјабков потврди дека Москва е во контакт со Ерусалим и Техеран.
Во посебен коментар, шефот на руската служба за надворешно разузнавање, СВР, Сергеј Наришкин, рече дека ситуацијата меѓу Иран и Израел сега е критична.
Порано, извор запознаен со внатрешните дискусии во САД изјави дека претседателот Доналд Трамп и неговиот тим разгледуваат низа опции, вклучително и приклучување кон Израел во нападот врз нуклеарните постројки на Иран.
Свет
Техеран е претежно празен, луѓето избегаа од градот

Улиците на иранската престолнина денес беа претежно пусти поради израелските напади, јавуваат странските медиуми.
Повремено автомобили или мажи на скутери минуваа покрај затворените продавници откако американскиот претседател Доналд Трамп предупреди дека сите треба „веднаш да се евакуираат“.
Израел, повторувајќи ја тактиката што често ја користи во Газа, исто така ги повика жителите на југозападен Техеран да ги напуштат своите домови за да можат да напаѓаат воени цели.
Комбинацијата од овие закани предизвика масовен егзодус од Техеран.
Иранските медиуми известуваат за големи сообраќајни метежи и застој на патиштата што водат северно од градот.