Свет
Би-би-си: Воведувањето царини е најголемата коцка во политичката кариера на Трамп
Политичките ставови на Доналд Трамп се менуваа со децении, но една работа остана иста – од 1980-тите, тој тврди дека царините се најдобриот начин за зајакнување на американската економија. Сега тој реши со овој потег да го стави на линија својот претседателски мандат и политичката кариера.
Актуелниот американски претседател најави воведување големи царини за увоз од голем број земји, вклучително и американски сојузници, конкуренти и противници.
Во говорот што беше мешавина од славење и самопофалба, Трамп потсети на неговата долгогодишна поддршка за царините и критиките за договорите за слободна трговија како НАФТА и Светската трговска организација.
Тој рече дека очекува отпор од „глобалистите“ и „посебните интереси“, но ги повика Американците да веруваат на неговите инстинкти. „Запомнете, сите предвидувања на нашите противници за трговијата во последните 30 години беа целосно погрешни“, рече Трамп.
Царини до 50 отсто за „најлошите престапници“
Трамп најави дека ќе воведе царини до 50 отсто за „најлошите престапници“. 53 отсто одат за Кина, 20 отсто за Европската Унија и Јужна Кореја, а основната стапка за сите земји ќе биде 10 отсто. Канада засега нема да добие дополнителни царини, но нема да добие ниту олеснување.
Во својот втор мандат, опкружен со советници кои го делат неговиот светоглед и со републиканско мнозинство во Конгресот, Трамп е во позиција конечно да го спроведе она што тој го нарекува „трговска политика насочена кон Америка“. Според него, токму таквите политики ги направија САД богата нација пред повеќе од сто години и ќе го прават тоа повторно.
„Со години, чесните американски граѓани мораа да гледаат одстрана како другите земји стануваат богати и моќни, често на наша сметка“, рече Трамп. „Денес го менуваме тоа. Денес ќе ја направиме Америка повторно голема – и поголема од кога било досега“, додаде тој.
Економски ризик без преседан
Но, економските експерти предупредуваат дека потегот на Трамп може да има катастрофални последици. Тие велат дека високите царини ќе се прелеат на американските потрошувачи преку повисоки цени и може да предизвикаат глобална рецесија.
Поранешниот главен економист на Меѓународниот монетарен фонд, Кен Рогоф, изјави за Би-би-си дека шансите САД, најголемата светска економија, да влезе во рецесија сега се зголемени на 50 отсто.
„Тој само што фрли нуклеарна бомба врз глобалниот трговски систем“, рече Рогоф. „Последиците од царините од ова ниво на увозот во САД се едноставно запрепастувачки“, додаде тој.
Од сојузник во противник
Потегот на Трамп, исто така, се заканува да ги влоши односите со сојузниците. САД се обидуваат да ги зајакнат врските со Јапонија и Јужна Кореја во последниве години како противтежа на Кина. Но, сега овие три земји најавија дека заедно ќе реагираат на американската трговска политика.
Ако успее, Трамп ќе го преобликува глобалниот економски поредок што самите САД помогнаа да се воспостави по Втората светска војна. Ветува дека ќе го оживее американското производство, ќе генерира нови приходи и ќе ја намали зависноста од глобалните синџири на снабдување кои пропаднаа за време на пандемијата на Ковид.
Тоа е амбициозен план и многумина го сметаат за целосно нереален. Но, Трамп, кој опсесивно сака да остави длабока трага во историјата, го гледа ова како можеби неговата најголема можност. Во својот говор тој ден го нарече „ден на американското ослободување“.
Историски ден со неизвесен исход
Сепак, едно е сигурно, доколку Трамп ја спроведе својата најава до крај, тоа ќе биде историски пресврт во американската трговска политика. Прашање е само дали ќе остане запаметен како успех или економски неуспех.
Иако целиот говор беше триумфален и исполнет со самодоверба, малку сомнеж се провлече на крајот.
„Тоа ќе биде ден кога, се надевам, за неколку години ќе погледнете наназад и ќе кажете: знаете што, тој беше во право“, рече Трамп.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Во лизгањето на земјиштето во Индонезија 25 луѓе го загубија животот
Спасувачите денеска ги прекинаа операциите за пребарување на жртвите во лизгањето на земјиштето во индонезиската покраина Западна Јава, откако беа пронајдени 14 тела на вториот ден од операциите, со што вкупниот број потврдени жртви достигна 25, пренесе ДПА, повикувајќи се на официјален претставник.
Обилните дождови што почнаа еден ден претходно предизвикаа лизгање на земјиштето вчера изутрината во близина на село во округот Западен Бандунг.
Официјални претставници изјавија дека до 80 лица се уште се водат како исчезнати.
„Сите тела беа евакуирани до 16 часот во центарот за идентификација на жртвите од катастрофата. Подоцна во текот на денот, спасувачките операции беа прекинати поради безбедносни причини, бидејќи условите на теренот во погодената област останаа нестабилни и постоеше ризик од понатамошно лизгање на земјиштето“, изјави Аде Диан Пермана, раководител на службата за пребарување и спасување во Бандунг.
Лизгањето на земјиштето често се случува во Индонезија за време на дождовната сезона, особено во густо населените и планински области на Јава, најнаселениот остров во земјата, пренесе ДПА.
Свет
Зеленски побара од сојузниците повеќе муниција за одбрана на Укаина
Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска побара од сојузниците повеќе муниција за противвоздушната одбрана на Украина со цел подобро да се спротивстави на руските напади, што оставија стотици илјади жители на Киев без електрична енергија и греење сред зима.
„Само оваа недела, Русите лансираа повеќе од 1.700 борбени беспилотни летала, повеќе од 1.380 наведувани бомби и 69 ракети од различни видови. Затоа ракетите за системите за противвоздушна одбрана се потребни секој ден, и ние продолжуваме да соработуваме со САД и Европа за да обезбедиме подобра заштита на нашиот воздушен простор“, рече Зеленски по пристигнувањето во Вилнус, објавија француските медиуми.
Зеленски во Вилнус се сретна со претседателот на Литванија, Гитанас Науседа. На средбата станало збор за поддршката на украинскиот енергетски систем и воената соработка меѓу двете земји.
Свет
Поради снежно невреме повеќе од 700.000 домови во САД останаа без струја
Снежно невреме го погоди поголемиот дел од САД, оставајќи стотици илјади луѓе без струја, додека влошување на временските услови се очекува и во областите на Њујорк, Филаделфија и Вашингтон.
Најтешко погодени се државите Мисисипи, Луизијана и Тексас, каде што околу 730.000 домаќинства останаа без струја, а се проценува дека дури 190 милиони луѓе се изложени на ризик од прекини во снабдувањето со електрична енергија и греење.
Невремето зафати површина од околу 3.000 километри, од Ново Мексико до Мејн, а во неколку држави е прогласена вонредна состојба. Снежните врнежи и мразот предизвикаа големи проблеми во сообраќајот, затворање на патиштата и откажување на илјадници летови.
Властите ги повикуваат граѓаните да останат дома, додека центри за затоплување на населението се отворени во Њујорк и Вашингтон.

