Свет
Блинкен: Израел и Хамас да се изјаснат за отворените прашања
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен рече дека е неопходно Израел и Хамас да ги решат преостанатите отворени прашања, вклучително и присуството на израелската војска во коридорот во Филаделфија, со цел да се постигне договор за примирје.
Блинкен истакна дека има и нерешени прашања за тоа како да се разменат палестинските затвореници и израелските заложници, пренесува „Ројтерс“.
„Очекувам дека во наредните денови ќе споделиме со Израел, а Катар и Египет ќе ги споделат со Хамас нашите размислувања за тоа како точно да се решат преостанатите отворени прашања“, рече Блинкен мислејќи на САД и посредниците Катар и Египет.
Тој додаде дека се уште постои шанса за нормализирање на односите меѓу Израел и Саудиска Арабија доколку се постигне примирје во палестинската енклава.
На крајот на мај американскиот претседател Џозеф Бајден претстави предлог за трифазен прекин на огнот, но оттогаш има несогласувања за конечната верзија на договорот за прекин на огнот и ослободување на заложниците во Газа.
Хамас ја отфрли опцијата за израелско присуство во коридорот во Филаделфија, а израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху инсистира на тоа дека Израел нема да ја напушти областа на границата Газа – Египет.
Оваа недела Турција, пет арапски земји, вклучително и Саудиска Арабија, и палестинските власти го поддржаа Египет во отфрлањето на барањето на Израел да ги задржи своите војници во спорниот коридор.
Во израелските напади врз Појасот Газа во изминатите 11 месеци загинаа повеќе од 40.000 луѓе, а речиси целото население на енклавата од 2,3 милиона луѓе беше раселено.
Ова резултира со криза од храна, недостиг на лекови и ширење на болести, вклучително и полио, и обвинувања за геноцид против Израел пред Меѓународниот суд на правдата, што Тел Авив ги негира.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Бил Клинтон сведочеше за Епстин: Ништо не видов и не направив ништо погрешно
Поранешниот американски претседател Бил Клинтон сведочеше пред Одборот за надзор на Претставничкиот дом во рамки на истрагата за починатиот финансиер и осуден сексуален престапник Џефри Епстин.
Во воведното обраќање, Клинтон изјави дека ништо не видел и дека не направил ништо погрешно, нагласувајќи дека неговото познанство со Епштајн било кратко и завршило години пред злосторствата да станат јавни.
„Знам што видов и, уште поважно, што не видов. Знам што направив и, уште поважно, што не направив. Не видов ништо и не направив ништо погрешно“, рече Клинтон. Тој најави дека на дел од прашањата веројатно ќе одговори со „не се сеќавам“, бидејќи од неговите контакти со Епстин поминале повеќе од 20 години.
Сведочењето се одржува зад затворени врати во Њујорк, но се снима и најавено е објавување на снимката. Претходно сведочеше и неговата сопруга Хилари Клинтон, при што расправата меѓу демократите и републиканците доби и политичка димензија.
Демократите побараа и актуелниот претседател Доналд Трамп да сведочи, тврдејќи дека неговото име често се појавува во документите поврзани со случајот. Трамп негира каква било поврзаност со злосторствата на Епштајн.
Фото: Depositphotos
Свет
(Видео) Трамп: Можеби пријателски ќе ја преземеме Куба
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека е можно „ријателско преземање на Куба, пренесе Ројтерс. Тој рече дека американскиот државен секретар Марко Рубио веќе се занимава со тоа прашање на многу високо ниво.
„Кубанската влада разговара со нас и се во големи проблеми. Немаат пари, немаат ништо сега, но разговараат со нас и можеби ќе имаме пријателско преземање на Куба“, изјави Трамп.
Trump: “We could very well end up having a friendly takeover of Cuba.” pic.twitter.com/QTeif4zCiE
— Conflict Alarm (@ConflictAlarm) February 27, 2026
Кубанската економија е во длабока криза, која дополнително се влоши по прекинот на испораките на нафта од Венецуела. Американското ембарго кон Куба беше дополнително заострено, а Трамп се закани со царини за секоја земја што ќе испраќа нафта на островот.
Фото: Depositphotos
Свет
(Видео) Трамвај излета од шините во Милано: загина пешак, речиси 40 повредени
Во тешка трамвајска несреќа во Милано загина едно лице, а 39 се повредени, од кои некои потешко, јави Би-Би-Си.
Несреќата се случила околу 16 часот на улицата „Виторио Венето“, во северниот дел на градот, кога трамвај излетал од шините и удрил во зграда. Според првичните информации, жртвата е пешак, додека најголем дел од повредените се патници во возилото.
На местото на настанот интервенирале повеќе екипи на итната помош и цивилната заштита, а поставен е и шатор за згрижување на повредените. Има информации дека дел од луѓето биле заробени во оштетениот трамвај.
Сведоци изјавиле дека непосредно пред несреќата се слушнала силна бучава, по што трамвајот забрзал и удрил во објект. Еден од патниците изјавил дека помислил оти станува збор за земјотрес.
Причините за несреќата засега не се познати, а според медиумите, можно е возилото пребрзо да влегло во остра кривина. На местото на настанот пристигнал и градоначалникот на Милано.

