Свет
Болничарка во Кина заболела со коронавирус и по вакцинирањето
Во четвртокот во Кина беше пријавен прв локален пренос на вирусот од февруари, кај вработена во болница во градот Ксијан, која примила две дози од вакцината.
„Хелт тајмс“, повикувајќи се на група експерти од провинцијата Шанкси, каде се наоѓа градот Ксијан, пишува дека Лиу била заразена откако случајно била изложена на вирусот додека работела во одделот за карантин на болницата.
Таа примила две дози од вакцината помеѓу јануари и февруари, објавија државните медиуми.
Зенг Гуанг, поранешен главен епидемиолог во кинескиот Центар за контрола и превенција на болести вели дека вакцината не штити 100 проценти од болеста и е релативно безбедна, а не апсолутно безбедна и дека јавноста не треба да се сомнева во домашните вакцини заради овој случај.
„Стапката на ефикасност на домашните вакцини во спречување на тешки случаи на инфекција со коронавирус во Кина е повеќе од 90 проценти, а вкупната стапка на заштита е повеќе од 70 проценти“, рече Зенг, додавајќи дека болниците кои лекуваат Ковид-19 се области со висок ризик во кои можноста за инфекција не може да се исклучи дури и кај вакцинираниот медицински персонал.
Триесет и тројца вработени кои работеле во болничкиот оддел со Лиу имале негативни резултати од тестот.
Кина во моментов има четири домашни вакцини против коронавирус за јавна употреба, а петтата вакцина е одобрена за итна употреба.
Кина до денеска вакцинира 70 милиони луѓе против коронавирус, објавија државните медиуми, повикувајќи се на Националната здравствена комисија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Орбан со предупредување: Додека нема нафта, нема пари за Украина
Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека Будимпешта нема да поддржи финансиска помош за Украина додека не се обнови снабдувањето со нафта преку нафтоводот „Дружба“, пренесува Анадолија.
Орбан изјави дека Украина, иако технички подготвена за нафтоводот, ги прекинала испораките за Унгарија од политички причини. Тој нагласи дека неговата влада нема да се согласи на таков пристап.
„Додека нафтата не тече низ „Дружба“, нема да има пари за Украина“, рече тој преку социјалната мрежа Икс. Тој исто така предупреди дека, без активирање на стратешките резерви, цените на горивата би можеле да достигнат 1.000 форинти (околу 2,64 евра) за литар веќе следната недела.
Орбан истакна дека Унгарија нема да дозволи да биде ставена во неповолна положба и потсети дека Будимпешта веќе ги прекина испораките на дизел за Украина и го информираше Брисел дека е подготвена да блокира пакет помош вреден 90 милијарди евра. Тој повтори дека Унгарија се залага за мир, а не за ескалација и дека нема да поддржи економска помош сè додека не се нормализира транзитот на нафта.
Транспортот на нафта до Унгарија и Словачка беше прекинат на 27 јануари по нападот врз „Дружба“. Владите во Будимпешта и Братислава го обвинија Киев за политичка злоупотреба на ситуацијата и спречување на продолжување на испораките. Како одговор, двете земји го прекинаа извозот на дизел гориво во Украина.
Во исто време, министрите за надворешни работи на ЕУ во Брисел не успеаја да се договорат за 20-тиот пакет санкции против Русија. Шефицата на европската дипломатија, Каја Калас, го оцени тоа како чекор назад, но рече дека разговорите со Унгарија и Словачка продолжуваат со цел да се постигне договор.
Свет
Жена избодена до смрт на гробиштата во Виена: уапсена 14-годишна девојка
65-годишна жена е пронајдена мртва со повеќекратни убодни рани во виенскиот округ Пенцинг доцна во понеделникот попладне. Безживотното тело е откриено на гробиштата Баумгартен околу 17:30 часот од страна на случаен минувач. Полицијата уапси 14-годишно девојче под сомнение за убиство, објавува „Хојте“.
Полицијата и брзата помош веднаш пристигнале на местото на настанот, но за 65-годишната жена било предоцна. „Обидот за реанимација не успеа“, изјави портпаролот на полицијата Филип Хаслингер за агенцијата АПА на местото на настанот. Веднаш е започната истрага.
Истрагата брзо ги одвела истражителите од Покраинската канцеларија за кривични истраги до 14-годишно девојче во кое полицијата се посомнева поради нејзиното однесување. Девојчето живеело во непосредна близина на гробиштата, каде што се верува дека е убиена жената. Се верува дека жртвата е избрана по случаен избор.
Тинејџерката е уапсена на нејзината домашна адреса и моментално е во притвор. Таму, истражителите запленија нож, за кој се сомнева дека е оружјето употребено во злосторството, како и облека поврзана со убиството. Таа се смета за главна осомничена, но сè уште не е познато дали е испрашана.
Полицијата сè уште не објави детали за идентитетот на жртвата или осомничената. Гробиштата беа затворени за јавноста до 21 часот, а имаше силно полициско присуство. Екипата на местото на злосторството работеше доцна во ноќта и истрагата е во тек, пренесуваат медиумите во регионот.
Свет
Макрон: Војната во Украина е стратешки, воен и економски неуспех на Русија
Претседателот на Франција, Емануел Макрон, оцени дека војната во Украина, која трае веќе четири години, претставува „троен неуспех“ на Русија – воен, економски и стратешки.
„Четири години Европа се буди со звукот на руските бомби во Украина. Четири години агресивна војна избрана од Русија, со очигледно непочитување на меѓународното право, суверенитетот на народите и човечките животи. Четири години погодени градови, уништени училишта и болници, енергетска инфраструктура методично насочена кон туркање на семејствата во студ и терор. Четири години, 15.000 убиени украински цивили. Четири години уништени животи, насилство, силување, тортура, воени злосторства и терор. Четири години, илјадници украински деца оттргнати од нивната земја и нивните семејства. Но, четири години Украина цврсто стоеше и се спротивставуваше“, рече Маркон на социјалната мрежа Икс, објави „Фигаро“.
Макрон додаде дека Украина е „првата линија на одбрана на Европа“ и потврди дека Франција и европските земји цврсто стојат зад неа.
„Исто така, ќе продолжиме да ја таргетираме руската воена економија: ќе останеме на курсот на санкции и ќе продолжиме со нашите акции против „флотата на духови“. До оние кои мислат дека можат да сметаат на нашиот замор: грешат. Ние сме и ќе останеме со Украина“, нагласи францускиот претседател, објави Танјуг.

