Свет
Болсонаро го обвини Дикаприо дека платил да се запали Амазон

Бразилскиот претседател Жаир Болсонаро го обвини холивудскиот актер Леонардо Дикаприо дека дал пари за палење на Амазон. Претседателот не достави никакви докази, но и претходно ги обвинуваше невладините организации, критични кон неговата политика, за предизвикување на пожарите кои оваа година ја опустошија прашумата.
Неколку апсења беа извршени во рамките на контроверзните и недокажани обвиненија за пожарите, со цел да се добијат средства преку донации.
Дикаприо, кој вети 5 милиони долари за Амазон, ги отфрли обвиненијата на Болсонаро.
Се чини дека најновите коментари произлегваат од апсењето на четворицата волонтери пожарникари од државата Пара, кои се под обвинение дека го започнале пожарот поради собирање донации од НВО.
Групите за човекови права, невладините организации и критичари тврдат дека полициската операција против нив била политички мотивирана и обид за малтретирање на групите за животна средина.
Пожарите во Амазон, кои избувнаа во август годинава, предизвикаа глобална загриженост за „белите дробови на планетата“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Папата ја продолжува респираторната терапија и физиотерапијата без маска

Папата Франциско продолжи да прима респираторна терапија и физиотерапија без маска, земајќи кислород преку канила, откако вчера претрпе две епизоди на акутна респираторна инсуфициенција, соопшти денеска Ватикан.
Како што соопшти претходно денеска Ватикан, папата, кој беше хоспитализиран поради билатерална пневмонија, спиеше цела ноќ и продолжува да мирува и денеска.
Лекарите извадиле големо количество слуз што се насобрала во неговите бели дробови и направиле две бронхоскопии, при што со камера извадиле течност од неговите дишни патишта.
Свет
Бафет: Царините се до одреден степен чин на војна

Американскиот милијардер, претседател и извршен директор на „Беркшир Хатавеј“, изјави дека новите царини што ги воведе американскиот претседател Доналд Трамп за неколку земји „до одреден степен се чин на војна“.
„Имавме големо искуство со нив. Царините се всушност чин на војна, до одреден степен. Со текот на времето, тие стануваат данок на стоки. И тогаш што? Тоа прашање секогаш треба да го поставувате во економијата. Секогаш велите: А што тогаш?“, рече Бафет во интервју за CBS News, одговарајќи на прашањето како царините ќе влијаат на инфлацијата. Овој 94-годишник, кого медиумите го нарекоа „Пророк од Омаха“, додаде дека најголемиот дел од парите со кои управува „секогаш ќе бидат во САД бидејќи тоа е најдоброто место“. Бафет ги поддржуваше претседателските кандидати во минатото, вклучувајќи ги Барак Обама и Хилари Клинтон, но одби да ги поддржи демократите на изборите во 2024 година.
Царините од 25 отсто за Мексико и Канада, предложени од американскиот претседател Доналд Трамп, стапија на сила денеска, а во февруари САД воведоа царини од 10 отсто за стоки од Кина.
Трамп, исто така, најави царина од 25 отсто за целиот увоз на челик и алуминиум во САД, што треба да стапи на сила на 12 март. Тој минатиот месец рече дека ќе наплати „реципрочна тарифа“ на земјите кои имаат такви даноци за американските стоки.
Тој, исто така, се закани дека ќе воведе царина од 25 отсто за земјите од Европската унија, како и 100 отсто царина за земјите од БРИКС, доколку тие го заменат американскиот долар како своја резервна валута, пренесува Танјуг.
Регион
(Видео) Тепачка, димни бомби: бурен почеток на седницата во собранието во Србија

Хаос избувна денеска на седница на српскиот парламент кога се степаа пратениците на власта и опозицијата, пишуваат српските медиуми.
Пратениците фрлаат димни бомби. Салата е полна со чад. Претседателката на парламентот, Ана Брнабиќ, која реагира на чадот во салата, рече дека седницата мора да се прекине.
Пратениците меѓусебно се туркаа, удираа, фрлаа вода, а подигнат беше и транспарент на кој пишува „Србија се крева за да падне режимот“.
Во Собранието пристигна министерот за полиција, Ивица Дачиќ.
Според најавите, треба да биде констатирана и оставката на премиерот Милош Вучевиќ, која ја поднесе на 28 јануари.
Пратеникот на СНС, Миленко Јованов, предложи точката за разрешување на претседателката на собранието, Ана Брнабиќ, да се симне од дневен ред. И покрај негодувањето на опозицијата, владините пратеници го усвоија овој предлог.
„Почитувани пратеници, ова собрание ќе продолжи да работи. Барам пратениците од мнозинството да се вратат во своите фотелји, треба да донесеме закони. Имаме работа, Србија никогаш нема да застане. Седнете и ајде да работиме. Ваква Србија никогаш нема да победи“, рече претседателката на собранието, која, поради димот, се закашла и не можеше да зборува.