Свет
Болсонаро пуштен од болница по падот во кадата

Бразилскиот претседател, Жаир Болсонаро (64), е пуштен од болницата каде што ја мина ноќта на набљудување по падот во својата куќа во Бразилија, соопшти неговиот кабинет.
Главата на Болсонаро беше скенирана и не се откриени аномалии, објави „Ројтерс“.
Медиумите претходно објавија дека тој се лизнал во кадата, паднал и си ја удрил главата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Украинскиот врховен командант: Русија започна офанзива врз регионите Суми и Харков

Олександр Сирски, врховен командант на вооружените сили на Украина, во интервју за LB.ua изјави дека руските сили започнале офанзива врз регионите Суми и Харков.
На прашањето за изјавата на Володимир Зеленски дека Русија се подготвува за офанзива на регионите Суми и Харков, Сирски одговори дека офанзивата веќе започнала. „Можам да кажам дека претседателот е апсолутно во право и дека оваа офанзива всушност веќе започна“.
Сирски рече дека ова е делумно потврдено од фактот дека руските офанзивни операции во сите главни правци се речиси двојно зголемени во текот на изминатата недела.
За време на состанокот на европските лидери во Париз, кој се фокусираше на поддршката за Украина, Зеленски рече дека украинските разузнавачи укажуваат дека Русија подготвува нови офанзиви против регионите Суми, Харков и Запорожје.
„Според нашите разузнавачи, Русија се подготвува за нови офанзиви во регионите Суми, Харков и Запорожје. Тие ги одолговлекуваат преговорите и се обидуваат да ги вовлечат САД во бескрајни, бесмислени дискусии за лажни ‘услови’ само за да купат време, а потоа да се обидат да заземат поголема територија“, рече Зеленски.
Регион
Kиднапирале старица и ѝ ги украле парите: уапсени маж и жена во Загреб

Полицијата ја заврши кривичната истрага против 45-годишен маж и 26-годишна жена, осомничени дека на 24 март во Загреб киднапирале и ограбиле 86-годишна жена, соопшти Полициската управа во Загреб.
Полицијата соопшти дека 45-годишен маж и 26-годишна жена се осомничени дека заедно извршиле разбојништво, противправно лишување од слобода и измама во обид, додека 26-годишната жена е осомничена и за компјутерска измама.
Полицијата прецизира дека мажот и девојката се осомничени дека на 24 март околу 13 часот се возеле по улицата каде застанале пред 86-годишна жена. Потоа 45-годишникот го спуштил совозачкото стакло од автомобилот и лажно се претставил како полицаец, барајќи од 86-годишнишната да влезе во автомобилот.
Бидејќи 86-годишната жена не сакала да влезе, 26-годишна жена излегла од автомобилот, ја турнала на задното седиште од возилото, а потоа се вратила на возачкото седиште.
Во текот на возењето побарале од 86-годишната жена да им го предаде паричникот, а кога таа одбила, и го грабнале паричникот од рака. Потоа 26-годишната жена со банкарската картичка во два наврати подигнала 600 евра од банкомат, по што ја оставиле 86-годишната жена на улица и се оддалечиле.
Исто така, постои сомнеж дека дуото истиот ден околу 10 часот и 30 минути му пришле на 69-годишен маж кој седел на клупа на плоштад во Велика Горица и лажно му се претставиле како полицајци. Потоа го повикале да седне во автомобилот со нив за да „спроведат истрага“ и побарале од 69-годишникот да ги предаде сите пари и злато.
Кога 69-годишникот се вратил во станот, веднаш повикал полиција и го пријавил настанот.
Свет
Америка: Кинеското разузнавање се обидува да регрутира наши владини службеници

САД предупредуваат дека кинеското разузнавање користи измамнички методи за регрутирање сегашни и поранешни функционери на американската влада. Предупредувањето од Националниот центар за контраразузнавање и безбедност доаѓа во време на масовни отпуштања во федералните институции.
„Странските разузнавачки ентитети, особено оние во Кина, ги таргетираат сегашните и поранешните вработени во американската влада за цели на регрутирање претставувајќи се како консултантски фирми, корпоративни ловци, тинк-тенкови и други ентитети на социјалните и професионалните мрежи за вмрежување“, се вели во билтенот на центарот.
Центарот вели дека измамничките огласи за работа преку интернет и другите пристапи станале пософистицирани во таргетирањето поединци со искуство од владата на САД, кои бараат ново вработување. Тој ги предупреди сегашните и поранешните вработени за ваквите пристапи.
Центарот додава дека поранешните вработени се обврзани да ги заштитат доверливите информации дури и откога ќе ја напуштат работата во федералните институции. Кинеското Министерство за надворешни работи одговори дека не е запознаено со ситуацијата и ги обвини САД за шпионирање на Кина.
Портпаролот на Министерството, Лин Џијан, ги нарече дејствата на САД неодговорни практики и рече дека тоа е глобална шпионажа без никаква маска. „Ројтерс“ претходно објави за мрежа на компании управувана од тајна кинеска технолошка компанија, која се обидувала да вработи неодамна отпуштени вработени во американската влада.