Свет
Борел до иранскиот колега: Престанете да давате воена помош за Русија
Шефот на европската дипломатија денеска изјави дека на состанокот во Јордан побарал од својот ирански колега Хосеин Амир-Абдолахијан, Иран да престане со репресијата на демонстрантите и давање воена поддршка за Русија.
Средбата, прва на тоа ниво меѓу двете страни од август, се одржа на маргините на регионалниот самит во Мртвото Море. Тоа се случи во време кога преговорите за иранската нуклеарна програма меѓу Техеран и големите сили се во застој.
На средбата учествуваа и европскиот координатор за преговорите што се водат во Виена, Енрике Мора, и главниот ирански преговарач Али Багери, пренесе агенцијата „Ирна“.
„Неопходен состанок со иранскиот министер во време на влошување на односите меѓу ЕУ и Иран“, напиша Борел на „Твитер“. „Нагласив дека воената поддршка за Русија и внатрешната репресија во Иран треба веднаш да се прекине“, додаде тој.
Necessary meeting w Iranian FM @Amirabdolahian in Jordan amidst deteriorating Iran-EU relations
Stressed need to immediately stop military support to Russia and internal repression in Iran
Agreed we must keep communication open and restore #JCPOA on basis of Vienna negotiations— Josep Borrell Fontelles (@JosepBorrellF) December 20, 2022
ЕУ минатата недела воведе нова серија санкции против Техеран поради неговото задушување на демонстрантите, кои ја потресоа земјата по смртта во притвор во средината на септември на една млада Иранка со курдско потекло.
Амир-Абдолахијан „го осуди пристапот на западните земји, кој се состои во поддршка на бунтовниците и воведување незаконски санкции“ на неговата земја „под лажен изговор за заштита на човековите права“, соопшти неговото министерство.
ЕУ ги санкционира производителите на беспилотни летала и командантите на иранските воздухопловни сили, кои ги обвинува дека се вклучени во продажбата на беспилотни летала на Русија, која ги користи во војната во Украина.
Техеран тврди дека никогаш не ѝ испратил на Русија оружје за употреба во тој конфликт, а Амир-Абдолахијан денеска изјави дека неговата земја е „подготвена да ги реши сите недоразбирања со украинската страна“, се вели во соопштението за печатот.
Борел рече дека двете страни се согласиле да „одржат отворени канали за комуникација и да го обноват“ нуклеарниот договор. Во врска со ова иранскиот функционер ги советува Европејците да „усвојат конструктивен и реален пристап“.
Во април 2021 година во Виена, Иран и големите сили почнаа преговори за обновување на иранскиот нуклеарен договор од 2015 година, кој го гарантира цивилниот карактер на иранската нуклеарна програма. Но, преговорите се во застој.
Тие се заглавени по прашањето за присуство на траги од збогатен ураниум на три локации за што Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) бара објаснувања.
Делегацијата на МААЕ во понеделникот се состана со официјални претставници во Иран, меѓу кои беше и Мохамад Еслами, шеф на иранската организација за атомска енергија, според иранската новинска агенција ИСНА.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп го предупреди Иран да не возвраќа на нападите извршени од САД и Израел
Американскиот претседател Доналд Трамп денеска го предупреди Иран да не возвраќа на нападите извршени од САД и Израел.
„Иран штотуку изјави дека денеска ќе удри многу силно, посилно отколку што некогаш удриле претходно“, напиша Трамп на Truth Social.
„Подобро да не го прават тоа“, нагласи тој.
Доколку тоа се случи, САД ќе возвратат „со сила што никогаш претходно не е видена!“, додаде американскиот претседател.
Вчерашните напади беа насочени кон клучни локации каде што се состанувало иранското раководство, при што беа убиени највисоки функционери, вклучувајќи го иранскиот врховен водач, ајатолахот Али Хамнеи, министерот за одбрана и шефот на Корпусот на исламската револуционерна гарда, соопшти израелската војска.
Нападите, во кои загинаа повеќе од 200 луѓе според Црвената полумесечина, предизвика одмазднички удари врз Израел и американските воени сили стационирани на Блискиот Исток.
Свет
Гори Блискиот Исток, експлозии и денеска се слушаат во арапските држави во Заливот
Експлозии денеска повторно се слушнаа во арапските држави во Заливот, по убиството на иранскиот врховен водач, ајатолахот Али Хамнеи, во американско-израелските напади.
Очевидци во катарскиот главен греад Доха известија дека утрово слушнале неколку силни детонации. Катарскиот информативен канал „Ал-Џезира“ објави за најмалку 11 експлозии во Доха.
Експлозии беа пријавени и во Манама, главниот град на Бахреин. Очевидци известија дека слушнале најмалку четири силни детонации. Во овој контекст, на социјалните мрежи беа споделени слики од погоден и оштетен хотел во Манама. Тие првично не можеа да бидат независно проверени, нагласува ДПА.
Техеран ги нападна американските воени бази во регионот повеќепати по почетокот на вчерашните американско-израелски напади врз Иран.
Во арапските заливски држави има илјадници американски војници.
Свет
Техеран ја потврди смртта на врховниот лидер Али Хамнеи и објави 40 дена жалост
Иранскиот државен радиодифузер ја потврди смртта на врховниот лидер Али Хамнеи, неколку часа откако САД и Израел соопштија дека тој е убиен во вчерашните воздушни напади, објави „Иран интернешнл“.
Кратко по објавата за смртта на лидерот, иранскиот кабинет објави седумдневен државен празник и 40 дена национална жалост.
86-годишниот Али Хамнеи беше на власт речиси четири децении, од 1989 година. Имаше врховна власт, владееше со владата, со војската и со судството во шиитската Исламска Република.
Фото: ЕПА

