Свет
Борци од Сирија испратени да се борат во Азербејџан: „Не сакав да одам, но немам пари“
Турција ги испрати своите сојузници во Сирија да го поддржат Азербејџан во конфликтот со соседна Ерменија, изјави ерменскиот амбасадор во Москва. Вардан Тогањан изјави дека Турција испратила околу 4.000 борци од северниот дел на Сирија во Азербејџан и дека тие се борат таму, што го негираше помошникот на претседателот на Азербејџан, Илхам Алиев, објави „Ројтерс“.
Ерменија исто така изјави дека турските воени експерти се борат заедно со Азербејџанците во Нагорно-Карабах, отцепена област во Азербејџан со мнозинство ерменско население, и дека Турција обезбедила беспилотни летала и воени авиони. Азербејџан ги демантираше извештаите.
Турција исто така не ги коментираше извештаите, иако високи претставници, вклучително и претседателот Реџеп Таип Ердоган, ветија поддршка за Баку.
Двајца борци од бунтовничките групи поддржани од Турција во северна Сирија, под контрола на Турција, соопштија дека се распоредени во Азербејџан во координација со Анкара.
Тие одбија да бидат именувани поради чувствителноста на проблемот.
„Не сакав да одам, но немам пари. Животот е многу тежок и сиромашен”, ја пренесуваат медиумите изјавата на борецот кој се борел во Сирија за групата Ахрар ал-Шам, која беше поддржана од Турција.
Двајцата велат дека нивните команданти од сириските бригади им рекле дека ќе заработат околу 1.500 долари месечно, што е голема плата за Сирија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Белгија издвојува девет милиони евра за украинската енергетска инфраструктура
Белгија ќе додели дополнителна помош од девет милиони евра за да придонесе за поправка на оштетената енергетска инфраструктура во Украина, најави белгиската министерка за развојна соработка, Каролин Генез.
„Преку ОН, Белгија ќе придонесе за поправка на енергетската инфраструктура околу градот Харков, кој сега секојдневно трпи бомбардирање од руската армија. Со воена поддршка, овие средства ќе помогнат да се изгради отпорноста на Украина“, рече министерот, пренесува RTBF.
Според неа, Белгија ќе одвои средства за поддршка на проекти во рамките на Програмата за развој на Обединетите нации, која е специјализирана за економски развој.
Свет
Генералното собрание на ОН го повика Советот за безбедност да ја прими Палестина за членка
Генералното собрание на Обединетите нации ги зајакна правата на Палестина во рамките на организацијата и повика таа да биде прифатена како членка, пренесува Би-Би-Си.
Палестина има статус на земја-набљудувач не-членка од 2012 година, што дозволува некои права помалку од полноправна членка.
За членството може да одлучува само Советот за безбедност на ОН.
САД неодамна ставија вето на кандидатурата за полноправно членство, но гласањето денска може да се смета како гест на поддршка за Палестинците.
Палестинскиот претседател Махмуд Абас ја поздрави резолуцијата, велејќи дека таа ги поддржува палестинските напори за уште едно гласање за ова прашање од страна на Советот за безбедност.
Свет
Шпанија, Ирска и Словенија ќе ја признаат Палестина на 21 мај
Шпанија, Ирска и Словенија планираат симболично да ја признаат Палестинската држава на 21 мај, изјави шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел.
Тој го потврди датумот во интервју за шпанското јавно радио, откако ирскиот јавен радиодифузен сервис РТЕ објави дека тоа е моментот кога сите три земји планирале да дејствуваат.
Словенечката влада вчера соопшти дека донела декрет за признавање на палестинска држава, што ќе биде внесен во нејзиниот парламент до средината на јуни.
Потоа, најверојатно ќе има повеќе нации што ќе го следат примерот бидејќи и Белгија одлучи да го стори тоа, додаде Борел.