Свет
Босанка секој ден оди во џамијата во Нов Зеланд, но на денот на нападот ја спречил дождот
Најмалку 49 лица загинаа во градот Крајстчрч во Нов Зеланд при вооружениот напад во две џамии. Според информациите од светските медиуми, овој број би можел да се зголеми.
Како што пренесува хрватски „Индекс“, амбасадорот на БиХ во Австралија, Мирза Хајриќ, за „Дневни аваз“ зборувал за нападот во Нов Зеланд за кој рекол дека многу ги вознемирил Бошњаците што живеат таму.
„На Нов Зеланд можно е да доживеете земјотрес или друга природна катастрофа, но на вооружен напад, каков што се случи во џамиите, досега немаше повод ниту да се помисли. Ова е земја во која се зборува на 160 јазици, во која живеат 200 нации, во која нема национална или расна омраза. Нападот особено ги вознемирени Бошњаците и во Нов Зеланд и во Австралија особено поради фактот дека напаѓачот го извршил масакрот со слушање четнички песни, кои повикуваат на колење и убивање“, изјавил Мирза Хајриќ.
Хајриќ тврди дека во Крајстчрч живеат две бошњачки семејства. Притоа додал дека семејствата на Фатима Кафеџиќ и Рефик Шабиќ се живи и здрави.
„Фатима е редовен посетител на џамијата во која се случи масакрот. Утрово поројниот дожд ја спречил да појде на молитва, така што може да се каже дека божја волја е што таа преживеа. Јас сум во контакт со нашите луѓе. Тие се вознемирени. Овде во Австралија има многу луѓе, особено од Сребреница, кои масакрот во Нов Зеланд извршен со четнички песни ги потсети на она што го преживеале во 1995 година. Постојано ме бараат, заинтересирани се за повеќе информации, бидејќи стравуваат за своите пријатели и познајници што живеат во Нов Зеланд“, изјавил Хајриќ за „Дневни аваз“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
САД распоредуваат војска близу Венецуела по прогласувањето на Мадуро за терорист
Администрацијата на Доналд Трамп би можела да добие проширени овластувања кон Венецуела откако САД го прогласија претседателот Николас Мадуро и неговите сојузници дел од странска терористичка организација „Cartel de los Soles“, пренесе CNN. Ова овозможува дополнителни санкции, но не и автоматско одобрување за употреба на смртоносна сила.
Американски претставници тврдат дека одлуката им дава пошироки воени опции во рамки на операцијата „Јужно копје“, во која во регионот се распоредени повеќе од десетина воени бродови и околу 15.000 војници.
Трамп добил различни предлози за дејствување, вклучувајќи удари врз воени или државни цели во Венецуела, но и опциja да не се интервенира. Во меѓувреме, високи воени претставници го посетија Порторико како поддршка на мисиите на Карибите.
Анкета на CBS News/YouGov покажува дека 70% од Американците се против воена акција во Венецуела. Според американски официјален претставник, Трамп се надева дека притисокот ќе го натера Мадуро да се повлече без директна интервенција.
Како знак на зголемени тензии, САД изведоа најголема воздушна демонстрација во близина на Венецуела, а три авиокомпании откажаа летови по предупредување на FAA за „потенцијално опасна ситуација“ над земјата.
Свет
Украинската амбасада: Нема планови за посетата на Зеленски на САД
Украинската амбасада во Вашингтон соопшти за „Kyiv Independent“ дека засега нема планови за посета на украинскиот претседател Володимир Зеленски на САД, но дека ниту една опција не е исклучена.
Одговорот следи по извештаите во американските медиуми дека Зеленски би можел да отпатува во САД оваа недела за разговори со американскиот претседател Доналд Трамп за мировните напори.
Според наведените извештаи, Зеленски и Трамп требало да разговараат за чувствителните делови од мировниот план поддржан од САД, кој предизвика негативни реакции поради условите што се смета дека ѝ одат во прилог на Русија.
Првичниот документ од 28 точки е намален на 19 точки по вчерашните консултации меѓу украинските и американските претставници во Женева.
Регион
Бугарија ја продолжи забраната за извоз на клучни лекови
Бугарија ја продолжи забраната за извоз на инсулини, инсулински аналози и група антибиотици до 23 јануари наредната година, според налог на министерот за здравство Силвио Кирилов. Министерството соопшти дека забраната повторно се продолжува поради проблеми со снабдувањето, пријавени недостатоци и одбивања од веледрогерии.
Како причини се наведуваат неправилности и доцнења во испораките, како и намалени количини нарачани лекови. Забраната ги опфаќа инсулините и нивните аналози, SGLT2-инхибиторите и лековите на база семаглутид, како и антибиотиците на база азитромицин. Забранет е и извозот на месалазин.
Забраната за извоз на инсулини првпат беше воведена во ноември 2023, а потоа повеќепати продолжувана.

