Свет
Британскиот парламентарен комитет смета дека РТ и „Спутник“ се агенти на влијание
Русија спроведува кампањи за дезинформации и се обидува да наметне политичко влијание особено преку работењето на каналот РТ и новинската агенција „Спутник“, тврди извештајот на Комитетот за разузнавање и безбедност на британскиот Парламент, објавен денеска.
„Руското промовирање на дезинформациите и нејзините обиди за пошироко политичко влијание е масовно присутно. Примерите вклучуваат: употреба на државните традиционални медиуми: опен-сорс студиите покажаа сериозни нарушувања во известувањата на руските државни радиодифузери како РТ и ‘Спутник’“, се вели во извештајот.
Покрај тоа, во документот се забележува дека комитетот укажува на употреба на ботови и тролови на социјалните мрежи, операции како хакирање и обелоденување и реално политичко мешање.
Минатиот јули, „Офком“, британскиот регулатор за медиуми, ја казни РТ со 200.000 фунти тврдејќи дека ги прекршила правилата на непристрасност и точност во голем број извештаи и програми што го покриваа труењето на поранешниот рускиот разузнавач Сергеј Скрипал и неговата ќерка Јулија во Солсбери, како и вооружениот конфликт во Сирија.
Во март 2020 година Врховниот суд во Лондон го отфрли барањето на РТ да ја поништи паричната казна и да ги прифати тврдењата на каналот дека непристрасноста е во спротивност со принципот на слободно изразување на мислења.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп ќе го пречека претседателот на Колумбија во Белата куќа на почетокот на февруари
Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, денеска објави дека во првата недела од февруари ќе го пречека колумбискиот претседател Густаво Петро на разговори во Белата куќа.
„Сигурен сум дека ќе биде многу добро и за Колумбија и за САД, но кокаинот и другите дроги мора да бидат запрени пред да влезат во Соединетите Држави“, напиша Трамп на својата платформа Truth Social.
Зборовите на Трамп претставуваат промена во тонот по месеците остри критики кон Петро и неговата влада, обвинувајќи го колумбискиот претседател дека управува со „фабрики за кокаин“.
Трамп објави дека тој и Петро разговарале по телефон во средата и се согласиле да се сретнат во Белата куќа, но не го прецизираше точниот датум на средбата.
Во изјавите објавени денеска, Петро рече дека Трамп му рекол во телефонски разговор дека размислува за воени операции во Колумбија, што е поврзано со регионалните тензии по американската воена операција во Венецуела.
„Трамп ми рече во телефонски разговор дека размислува за лоши работи во Колумбија. Пораката беше дека тие веќе се подготвуваат, планираат воена операција“, изјави Петро за шпанскиот весник „Ел Паис“, додавајќи дека верува оти заканата е замрзната по разговорот, но призна: „Можеби грешам“.
Петро рече дека Колумбија нема капацитети за воздушна одбрана, но повика на народен отпор во случај на таква воена операција во неговата земја.
Средбата треба да се одржи во време кога односите меѓу САД и Колумбија се обидуваат да се стабилизираат и да се префрлат кон дијалог, и покрај широко распространетите разлики околу политиката за дрога и регионалната безбедност.
фото/депозитфотос
Свет
Венецуела сака да ги обнови дипломатските односи со САД
Венецуелската влада започна да истражува опции за проширување на дипломатските односи со САД, а се очекува претставници на американскиот Стејт департмент да отпатуваат во Каракас за технички и логистички проценки, соопштија двете земји. Стејт департментот соопшти дека американските претставници го проценуваат „потенцијалното продолжување“ на работењето на амбасадата во јужноамериканската земја.
Вашингтон и Каракас сигнализираа подготвеност за соработка по американската воена операција од минатата недела што резултираше со апсење на венецуелскиот претседател Николас Мадуро. Неговата потпретседателка Делси Родригез ја презеде функцијата привремен шеф на државата.
„Венецуелската влада одлучи да започне прелиминарен дипломатски процес со американската влада, со цел повторно воспоставување дипломатски мисии во двете земји“, соопшти венецуелската влада.
Претходно денеска, американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека ослободувањето на политичките затвореници во Венецуела е знак за „барање мир“ и дека како резултат на тоа го откажал планираниот втор бран напади.
Во среда, Трамп рече дека САД „се сложуваат многу добро“ со венецуелската влада предводена од Родригез, особено кога станува збор за обнова на нафтената и гасната инфраструктура.
фото/епа
Свет
Трамп му посака среќа на Орбан во изборната кампања
Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, му посака среќа на унгарскиот премиер Виктор Орбан, долгогодишен сојузник, во неговата изборна кампања, според писмото што Орбан го објави на својата Фејсбук страница.
Во писмото, Трамп наведува дека „смелото лидерство“ на Орбан служи како пример за остатокот од светот. Тој додаде дека со нетрпение очекува „продлабочување на соработката“ во областите на одбраната, енергетиката и нелегалната миграција, пишува агенцијата „Ројтерс“.
„Секогаш цврсто сте стоеле во одбрана на принципите што ја прават Унгарија толку исклучително место – религијата, семејството и суверенитетот“, напиша Трамп во писмото.
Националистот Орбан се соочува можеби со најтешкиот предизвик во неговите 16 години на власт, со комбинација од економска стагнација во Унгарија, зголемување на трошоците за живот и скандал со малолетнички притворен центар што го зајакнува опозицискиот ривал чија партија води во повеќето анкети.
Изборите се очекуваат во април.
Во писмото, Трамп му се заблагодари и на Орбан за поканата да ја посети Унгарија, наведувајќи дека неговиот тим „ќе биде во контакт“ во врска со распоредот. Во понеделник, Орбан рече дека посетата на „високо рангиран“ американски политичар е веројатно да се случи пред изборите.
фото/епа

