Свет
Британски експерти за коронавирусот: Ова е почеток на крајот, животот наскоро повторно ќе биде нормален
Во најнова анализа на експертите за коронавирусот објавена од светски медиуми се наведува дека на повидок е крајот на пандемијата и дека наскоро би можеле да почнеме да живееме нормално.
„Речиси е сигурно дека сме на крајот на пандемијата, ова е почеток на крајот, барем во Обединетото Кралство. Мислам дека нашите животи ќе бидат речиси целосно предпандемиски во 2022 година“, рече професорот Џулијан Хискокс од Универзитетот во Ливерпул.
Она што се менува е нашиот имунитет. Коронавирусот се појави во Вухан пред две години и тогаш бевме ранливи. Тоа беше сосема нов вирус со кој нашиот имунолошки систем немаше контакт, а немавме ниту вакцини ниту лекови кои би можеле да помогнат во борбата против него. Ковидот експлозивно се рашири низ светот, велат експертите.
Азра Гани, епидемиолог на Империал колеџ во Лондон, вели дека брзо ќе се помириме со фактот дека повеќе нема да мораме да ги ограничуваме нашите животи, но ковидот сепак ќе биде меѓу нас.
„Изгледа дека ни требаше многу време, но пред само една година почнавме да вакцинираме и веќе сме многу послободни поради тоа“, вели таа. Единственото нешто што може да ја влоши ситуацијата е нов сој кој би го надминал омикронот и би предизвикал многу потешка клиничка слика. Важно е да се напомене дека ако инфекцијата е ендемична, тоа не мора да значи дека болеста е блага.
„Имаме некои навистина злобни смртоносни заразни болести кои ги сметаме за ендемични. Сипаницата е ендемична со милениуми, но сепак уби една третина од сите заразени. Маларијата е ендемична и предизвикува 600.000 смртни случаи секоја година“, рече Гани.
Некои британски експерти очекуваат дека ограничувањата нема да се вратат, а масовните тестови за коронавирус ќе завршат оваа година. Речиси е сигурно дека наесен ќе дојдат дополнителни вакцини за ранливите за да се зајакне нивната заштита во текот на зимата.
„Мораме да го прифатиме фактот дека сезоната на грип ќе биде и сезона на коронавирус и тоа ќе биде предизвик за нас“, рече Гропели. Важно е да се напомене дека посиромашните земји сè уште чекаат вакцини за нивните најранливи граѓани – така што некои земји сè уште не се блиску до крајот на пандемијата.
Светската здравствена организација беше јасна дека светот е далеку од опишување на Ковид-19 како ендемичен.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Хашим Тачи тврди дека е целосно невин и бара ослободување од Хаг, и другите тројца водачи на ОВК негираа вина
Четворица поранешни лидери на ОВК – Хашим Тачи, Јакуп Красниќи, Реџеп Сељими и Кадри Весели – на кои им се суди пред Специјализираните совети во Хаг за воени злосторства, денеска во своите завршни зборови пред судскиот совет се изјаснија за невини и тврдеа дека обвиненијата на обвинителството против нив не се основани.
„Речиси три години во оваа сала ги слушавте обвиненијата на обвинителството. Ја слушнавте и вистината. Постои само една вистина. Јас сум целосно невин“, изјави Хашим Тачи, додавајќи дека жали за сите жртви без разлика на националноста.
Според Тачи, единствениот противник на него и на ОВК бил режимот на Милошевиќ.
„Да не беа интервенциите на НАТО-силите, Косово никогаш немаше да биде слободно и независно“, рече Тачи.
Неговата одбрана наведе дека најголемиот грев на судењето е ако се ветува многу, а се исполнува малку, истакнувајќи дека обвинителството е виновно за тоа, бидејќи ветило многу, а не презентирало ништо.
Вториот обвинет, Кадри Весели, изјави дека неговото семејство и тој „постојано биле изложени на прогон од српската држава“, а дека се вратил на Косово затоа што „не можел да остане рамнодушен кон страдањето што неговиот народ го доживувал“.
Весели истакна дека неговите постапки биле хумани и дека неговата совест е чиста.
Поранешниот лидер на ОВК, Реџеп Сељими, во завршниот збор рече дека „Србија никогаш не ги криела своите намери кон Албанците“.
„ОВК не беше создадена од желба, туку од нужда. За мене е најголема чест да бидам соборец на Адем Јашари. Да, носев оружје. Оружјето за нас беше преживување. ОВК немаше друга цел освен слободата. ОВК беше ослободителна војска“, изјави Сељими.
Јакуп Красниќи изјави дека не смета оти обвиненијата против него претставуваат правда.
„Целиот свет знае дека НАТО интервенираше поради кривичните дела извршени врз косовските Албанци. Без таа меѓународна интервенција немаше да ја имаме нашата слобода, но таа немаше да биде остварена ниту без ОВК“, рече Красниќи.
Поранешните лидери на ОВК се соочуваат со обвиненија за воени злосторства и злосторства против човештвото поврзани со војната во Косово во периодот 1998–1999 година. Според обвинението, тие биле дел од „заеднички злосторнички потфат“.
Изнесувањето на завршните зборови во Хаг започна на 9 февруари. Главната обвинителка Ким Вест тогаш изјави дека сведочењата и доказите презентирани во текот на постапката потврдиле дека кривичните дела биле извршени и дека обвинетите се одговорни за нив. Таа побара Судот да ги прогласи обвинетите за виновни по сите 10 точки од обвинението и да им изрече единствени казни од по 45 години затвор.
Свет
Словачка прогласи вонредна состојба поради нафтата – Братислава го обвинува Киев за политички притисок
Словачкиот премиер, Роберт Фицo изјави дека транспортот на нафта преку Јадранскиот нафтовод (Јанаф) ќе биде пет пати поскап од транспортот преку нафтоводот „Дружба“, преку кој испораките не течеле повеќе од две недели.
По седница на владата, Словачка прогласи вонредна состојба во врска со снабдувањето со нафта и одлучи да ѝ даде на рафинеријата „Словнафт“ 250.000 тони нафта од државните резерви.
Фицо изјави дека транзитната такса преку Хрватска е повеќекратно повисока од онаа што се плаќа за „Дружба“ и предупреди дека ако украинскиот претседател, Володимир Зеленски, го запре протокот на нафта преку Украина, Словачка ќе плаќа повисоки цени „само затоа што Зеленски игра некои игри“.
Тој изрази сомнеж дека испораките се прекинати од политички причини и тврди дека, според словачки разузнавачки информации, оштетениот дел од нафтоводот е поправен и дека нафтата може да продолжи да тече без проблеми.
Фицо наведе дека ова го гледа и во контекст на изборите во Унгарија и оцени дека станува збор за огромен притисок врз премиерот Виктор Орбан.
Во меѓувреме, Унгарија одлучи да ги запре испораките на дизел гориво за Украина додека не се обнови транзитот преку „Дружба“. И Унгарија и Словачка се обратиле до Европската комисија за активирање механизам што би им овозможил увоз на руска сурова нафта по морски пат во случај на прекин на цевководните испораки.
Свет
Лавров до САД: Откажете се од плановите за поморска блокада на Куба
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека Москва ги повикала САД да се воздржат од воведување целосна поморска блокада на Куба и се заложи за решавање на разликите преку дијалог.
На средба со кубанскиот министер Бруно Родригез Париља, Лавров ја нарече Куба „братска нација“ и порача дека Вашингтон треба да покаже „здрав разум и одговорност“. Тој додаде дека Русија ги отфрла, како што рече, „неоснованите обвинувања“ дека руско-кубанската соработка претставува закана за американските интереси.
Москва соопшти дека прави сè што може за да ѝ помогне на Куба да се справи со американските притисоци околу снабдувањето со нафта, без да наведе детали. Се очекува Родригез да се сретне и со претседателот Владимир Путин.
Во меѓувреме, порталот Аксиос објави дека американскиот државен секретар Марко Рубио одржал тајни разговори со Раул Гиљермо Родригез Кастро, внук на поранешниот кубански лидер Раул Кастро.
Според Аксиос, разговорите биле опишани како „дискусии за иднината“, а не формални преговори. Ројтерс јавува дека не можел веднаш да го потврди извештајот, а Стејт департментот не одговорил на барањето за коментар.

