Свет
Бродови чекаат од двете страни на Суецкиот Канал, сопственикот за заглавениот „Евергрин“ се извинува
Управата на Суецкиот Канал денеска објави дека привремено е прекинат сообраќајот додека осум влечни бродови два дена се обидуваат да го извлечат џиновскиот брод „Евергрин“ заглавен во јужниот дел на каналот.
„Евергрин“ е брод долг колку што е висока зградата „Емпајер Стејт“, а под знамето на Панама превезувал товар меѓу Азија и Европа. Тој во вторникот се заглави дијагонално во тесениот, вештачки канал што ја дели континентална Африка од Синајскиот Полуостров, откако изгубил контрола поради силениот ветер и прашина, соопшти Управата на каналот (СЦА), а пренесува Си-ен-ен.
Сега го блокира транзитот во двете насоки преку еден од најпрометните канали за транспорт во светот.
Компанијата за поморски услуги ГАЦ издаде соопштение за јавноста во кое се наведува дека напорите за извлекување на бродот продолжуваат, но дека ветрот и габаритноста на пловилото ја компликуваат ситуацијата.
И покрај повеќечасовните напори за извлекување, ГПС сигналот на бродот покажува само мали промени во неговата позиција во текот на последните 24 часа.
Десетици бродови, вклучително и други големи бродови со контејнери, танкери за нафта и гас и бродови што носат жито, чекаат на двата краја на каналот, создавајќи поморски застој невиден со години.
Јапонскиот сопственик на огромниот „Евергрин“ денес се извини за инцидентот што ја наруши глобалната пловидба.
Шои Кисен се извини за огромната загриженост која инцидентот ја предизвика кај екипажите на другите бродови и нивните сопственици, пренесува АП.
Тој додаде дека со неговата компанија и локалните власти неуморно работат да го „ослободат“ бродот, но како што вели, операцијата засега е исклучително тешка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Момче во Германија повлекло девојка под воз што доаѓал од спротивен правец, двајцата се мртви
Во Хамбург во четврток, две лица загинаа на метро станицата Вандсбек Маркт откако маж влечеше жена на шините пред воз што доаѓаше од спротивната насока. Полицијата се сомнева во убиство и започна истрага, а според првичните информации, сторителот и жртвата не се познавале, пишува Шпигел.
Според досегашните сознанија на полицијата, жртвата е 18-годишна девојка која чекала на перонот воз во правец на центарот на градот.
Сторителот, 25-годишен маж по потекло од Јужен Судан, стоел одвоено од неа. Во еден момент, тој одеднаш ѝ се приближил, ја зграпчил и, од сè уште непознати причини, ја влечел на шините, точно пред возот што влегувал во станицата. Двајцата починале на местото на несреќата.
Свет
46 жртви во железничката несреќа во Шпанија
Смртта на 43-годишна жена која била на одделот за интензивна нега во болницата Реина Софија во Кордоба го зголеми бројот на жртви во железничката несреќа кај Адамуз, која се случи на 18 јануари, на 46, соопштија владини извори.
Дваесет и осум од вкупниот број жртви биле од провинцијата Уелва, пренесе „Паис“.
Жртвата, жителка на Ла Палма дел Кондадо, била меѓу патниците на возот Алвија од Мадрид. Во моментот на несреќата се враќала по полагање испит за затворски чувар. По несреќата била на интензивна нега поради сериозни проблеми со белите дробови.
Од вчера, 16 од 126-те повредени патници и понатаму се во болниците во Андалузија, од кои двајца се на интензивна нега. Андалузиската здравствена служба извести за уште едно отпуштање од болница и за еден пациент кој го напуштил одделот за интензивна нега.
Поради смртта на најновата жртва, шпанската влада одлучи да ја одложи државната комеморација закажана за денеска. Шпанскиот премиер Педро Санчез вети дека државата ќе продолжи со истрагата и ќе им дава поддршка на семејствата погодени од трагедијата.
Свет
Пак загинати во израелски напади во Газа
Најмалку 12 Палестинци утрово загинаа во израелски напади на јужниот и северниот дел на Појасот Газа, соопштија болниците во Газа.
Ова е еден од израелските напади со најголем број жртви откако стапи во сила примирјето во Појасот Газа на 10 октомври.
Во нападите се погодени локации на северот и југот на Појасот Газа, вклучувајќи станбена зграда во градот Газа и шатор во Кан Јунис, рекле официјални претставници на болниците. Тие навеле дека меѓу жртвите има две жени и шест деца.
Министерството за здравство на Газа, кое е под контрола на Хамас, соопшти дека повеќе од 500 Палестинци се убиени во израелски напади од почетокот на примирјето на 10 октомври.

