Свет
Бројот на заболени од колера во Јемен во пораст
Јемен се соочува со огромен пораст во бројот на заболени од колера оваа година, при што само во последните две недели 1.000 деца дневно се разболуваат од болеста.
Досега се регистрирани повеќе од 120.000 случаи, со 234 смртни случаи во земјата. Речиси една третина од сите случаи документирани помеѓу 1 јануари и 22 март се деца под петнаесет години. Зголемените стапки на неисхранетост кај децата во Јемен ги прави уште посклони на заразување и умирање од болеста, пишува „Гардијан“.
Неодамнешниот пораст во бројот на случаи најмногу се должи на неодамнешните дождови, велат од Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарните прашања.
„Ситуацијата е влошена од слабото одржување на системите за отстранување отпадни води во многу погодени области, употребата на контаминирана вода за наводнување и движењето на населението“, нагласуваат тие.
Во последните две недели се регистрирани 40.000 нови случаи, што претставува пораст од 150 отсто во споредба со претходниот месец.
Организацијата „Да ги спасиме децата“ (Save the Children) ја нарече ситуацијата алармантна, а нејзиниот директор за Јемен истакна дека епидемијата на колера ќе биде уште еден убиец на децата што се изгладнети и ослабени од четиригодишната војна.
Тој додаде дека најголемата трагедија е што болеста може да се спречи со чиста вода за пиење, но поради условите, многумина се принудени да живеат во несанитарни услови за да избегаат од војувањето. Тој ги повика двете страни во конфликтот што побргу да постигнат мирно решение во име на овие деца.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Саливан: САД нема на располагање ниту еден „Патриот“ систем за противвоздушна одбрана што би можел да го достави до Киев
Советникот за национална безбедност на американскиот претседател, Џејк Саливан, рече дека Вашингтон во моментов нема достапни системи за противвоздушна одбрана „Патриот“ што би можел да му ги достави на Киев.
„Американските системи „патриот“ се распоредени низ целиот свет, вклучително и на Блискиот Исток, за да ја заштитат американската војска. Доколку има можност да се ослободи батерија, ќе ја испратиме во Украина“, рече тој, а пренесе телевизијата „Ем-ес-ен-бси“.
Истовремено, Саливан додаде дека Америка, додека не дојде во ситуација да испрати свои „патриотски“ системи во Украина, ќе работи да ги убеди своите сојузници од Европа да ги испратат своите системи за противвоздушна одбрана.
Свет
Бакингемската палата ја објави здравствената состојба на кралот Чарлс: познато кога ќе се врати на должностите
Кралот Чарлс ќе продолжи со јавните ангажмани следната недела откако е постигнат охрабрувачки напредок во лекувањето на ракот, објави Бакингемската палата.
За кралот тоа нема да биде целосно враќање на официјалните ангажмани, но палатата испраќа позитивни сигнали, јавува Би-Би-Си.
Следниот вторник кралот ќе започне со симболично патување во центар за лекување рак, пренесува медиумот.
Неговите летни планови вклучуваат државна посета, каде што ќе биде домаќин на императорот и царицата на Јапонија.
Во наредните недели, соопштија од палатата, тој ќе преземе неколку надворешни ангажмани.
Свет
Стари книги обложени со отров отстранети од Француската национална библиотека
Властите отстранија четири книги од Француската национална библиотека поради можноста нивните корици да содржат отровен арсен. Имено, некои книги од 19 век, печатени во Британија, имаат смарагдно зелени корици. Арсенот често се користел за боење книги во тоа време.
Научниците од Универзитетот во Делавер во САД ги класифицираа отстранетите томови како потенцијално опасни, но библиотеката вели дека ракувањето со овие книги би предизвикало само мала штета на здравјето. „Ги ставивме во карантин овие дела. Ќе ги анализираме во лабораторија за да можеме да процениме колку арсен е присутен во секој том“, рече портпаролот на Француската национална библиотека, а пренесе Би-би-си.
Списокот на потенцијално опасни книги е составен од „Poison Book Proect“ , иницијатива покрената од научници од Универзитетот во Делавер во соработка со музејот Винтертур во Делавер. Од 2019 година, тимот тестираше стотици корици книги за тешки метали и состави листа на наслови кои се потенцијално опасни.
Издавачите од викторијанската ера користеле арсен за да ги обојат кориците. Светската здравствена организација (СЗО) предупреди на долгорочна изложеност на арсен во водата за пиење и храната, велејќи дека супстанцијата е многу токсична. Сепак, таа не дала никакви упатства за ракување со предмети што го содржат овој отров.
Во 2022 година, библиотекарите во Лидс, Англија открија ретка книга со арсен. Библиотекар ја открил потенцијално отровната книга додека ја споредувал збирката на библиотеката со базата на податоци на проектот „Poison Book“.