Свет
Бројот на загинати во земјотресот во Тајван се искачи на 13, има стотици заглавени, илјадници повредени
Бројот на загинати од силниот земјотрес во Тајван се искачи на 13 во саботата, откако беше пронајдено уште едно тело во тешко погодениот национален парк Тароко, при што стотици луѓе се уште се заглавени.
Во источниот град Хуалиен, во близина на епицентарот на земјотресот со јачина од 7,2 степени според Рихтер, патиштата во планинските области остануваат блокирани од повеќекратни лизгања на земјиштето.
Спасувачките екипи во саботата пронајдоа едно тело во националниот парк и продолжуваат со напорите да ги извлечат останатите затрупани под карпите. Пронаоѓањето на телата го зголеми бројот на загинати на 13, соопшти националната противпожарна служба, а шест лица се уште се водат како исчезнати.
Во катастрофата се повредени најмалку 1.145 лица. Според властите, повеќе од 440 луѓе, вклучително и туристи и жители, се заробени на неколку места во паркот познат по ридскиот терен.
Министерот за внатрешни работи Лин Ју-чанг, кој претседава со централниот оперативен центар за вонредни состојби, рече дека некои делови од оштетените патишта се поправени и дека владата ќе ги премести заглавените луѓе на безбедно колку што е можно побрзо.
Лин рече дека спасувачки тим од Турција ќе пристигне во Тајван за да помогне во потрагата по исчезнатите лица во паркот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Момче во Германија повлекло девојка под воз што доаѓал од спротивен правец, двајцата се мртви
Во Хамбург во четврток, две лица загинаа на метро станицата Вандсбек Маркт откако маж влечеше жена на шините пред воз што доаѓаше од спротивната насока. Полицијата се сомнева во убиство и започна истрага, а според првичните информации, сторителот и жртвата не се познавале, пишува Шпигел.
Според досегашните сознанија на полицијата, жртвата е 18-годишна девојка која чекала на перонот воз во правец на центарот на градот.
Сторителот, 25-годишен маж по потекло од Јужен Судан, стоел одвоено од неа. Во еден момент, тој одеднаш ѝ се приближил, ја зграпчил и, од сè уште непознати причини, ја влечел на шините, точно пред возот што влегувал во станицата. Двајцата починале на местото на несреќата.
Свет
46 жртви во железничката несреќа во Шпанија
Смртта на 43-годишна жена која била на одделот за интензивна нега во болницата Реина Софија во Кордоба го зголеми бројот на жртви во железничката несреќа кај Адамуз, која се случи на 18 јануари, на 46, соопштија владини извори.
Дваесет и осум од вкупниот број жртви биле од провинцијата Уелва, пренесе „Паис“.
Жртвата, жителка на Ла Палма дел Кондадо, била меѓу патниците на возот Алвија од Мадрид. Во моментот на несреќата се враќала по полагање испит за затворски чувар. По несреќата била на интензивна нега поради сериозни проблеми со белите дробови.
Од вчера, 16 од 126-те повредени патници и понатаму се во болниците во Андалузија, од кои двајца се на интензивна нега. Андалузиската здравствена служба извести за уште едно отпуштање од болница и за еден пациент кој го напуштил одделот за интензивна нега.
Поради смртта на најновата жртва, шпанската влада одлучи да ја одложи државната комеморација закажана за денеска. Шпанскиот премиер Педро Санчез вети дека државата ќе продолжи со истрагата и ќе им дава поддршка на семејствата погодени од трагедијата.
Свет
Пак загинати во израелски напади во Газа
Најмалку 12 Палестинци утрово загинаа во израелски напади на јужниот и северниот дел на Појасот Газа, соопштија болниците во Газа.
Ова е еден од израелските напади со најголем број жртви откако стапи во сила примирјето во Појасот Газа на 10 октомври.
Во нападите се погодени локации на северот и југот на Појасот Газа, вклучувајќи станбена зграда во градот Газа и шатор во Кан Јунис, рекле официјални претставници на болниците. Тие навеле дека меѓу жртвите има две жени и шест деца.
Министерството за здравство на Газа, кое е под контрола на Хамас, соопшти дека повеќе од 500 Палестинци се убиени во израелски напади од почетокот на примирјето на 10 октомври.

