Свет
Бројот на загинати во Мјанмар се искачи на 3.003, несезонските дождови ги отежнуваат спасувачките напори
Бројот на жртвите од разорниот земјотрес во Мјанмар надмина 3.000, а стотици сè уште се водат за исчезнати бидејќи се прогнозира дека несезонските дождови ќе претставуваат нов предизвик за спасувачите и за хуманитарните работници.
Земјотресот со јачина од 7,7 степени според Рихтеровата скала што го погоди Мјанмар пред шест дена, еден од најсилните во оваа земја во југоисточна Азија во изминатиот век, го потресе регионот од 28 милиони луѓе, уривајќи згради, израмнувајќи ги заедниците, а многумина оставија без храна, вода и засолниште.
Бројот на загинати вчера се искачи на 3.003, со 4.515 повредени и 351 исчезнат, објави Амбасадата на Мјанмар во Јапонија на „Фејсбук“. Условите би можеле да станат потешки по предвидувањето за несезонски дожд од недела до 11 април да ги загрози областите најтешко погодени од земјотресот, како што се Мандалеј, Сагаинг и главниот град Најпидау.
„Доаѓа дожд, а има уште толку многу затрупани“, изјави хуманитарец во Мјанмар за „Ројтерс“. „А особено во Мандалеј, ако почне да врне, луѓето што се под урнатините ќе се удават дури и ако преживеале до овој момент“.
Досега имало 53 авионски достави за помош за Мјанмар, се додава во соопштението на Амбасадата во Јапонија, а повеќе од 1.900 спасувачи пристигнале од 15 земји, вклучувајќи ги соседите, како и Кина, Индија и Русија. Речиси една недела по земјотресот, спасувачите во соседен Тајланд се во потрага по преживеани во планина од урнатини откога облакодер во изградба се урна во главниот град Бангкок.
Спасувачите користат машини и булдожери за да разбијат 100 тони бетон и да ги лоцираат сите преживеани по уривањето облакодер, во кој загинаа 15 лица, а 72 сè уште се водат за исчезнати. На Тајланд загинаа вкупно 22 лица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Во лизгањето на земјиштето во Индонезија 25 луѓе го загубија животот
Спасувачите денеска ги прекинаа операциите за пребарување на жртвите во лизгањето на земјиштето во индонезиската покраина Западна Јава, откако беа пронајдени 14 тела на вториот ден од операциите, со што вкупниот број потврдени жртви достигна 25, пренесе ДПА, повикувајќи се на официјален претставник.
Обилните дождови што почнаа еден ден претходно предизвикаа лизгање на земјиштето вчера изутрината во близина на село во округот Западен Бандунг.
Официјални претставници изјавија дека до 80 лица се уште се водат како исчезнати.
„Сите тела беа евакуирани до 16 часот во центарот за идентификација на жртвите од катастрофата. Подоцна во текот на денот, спасувачките операции беа прекинати поради безбедносни причини, бидејќи условите на теренот во погодената област останаа нестабилни и постоеше ризик од понатамошно лизгање на земјиштето“, изјави Аде Диан Пермана, раководител на службата за пребарување и спасување во Бандунг.
Лизгањето на земјиштето често се случува во Индонезија за време на дождовната сезона, особено во густо населените и планински области на Јава, најнаселениот остров во земјата, пренесе ДПА.
Свет
Зеленски побара од сојузниците повеќе муниција за одбрана на Укаина
Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска побара од сојузниците повеќе муниција за противвоздушната одбрана на Украина со цел подобро да се спротивстави на руските напади, што оставија стотици илјади жители на Киев без електрична енергија и греење сред зима.
„Само оваа недела, Русите лансираа повеќе од 1.700 борбени беспилотни летала, повеќе од 1.380 наведувани бомби и 69 ракети од различни видови. Затоа ракетите за системите за противвоздушна одбрана се потребни секој ден, и ние продолжуваме да соработуваме со САД и Европа за да обезбедиме подобра заштита на нашиот воздушен простор“, рече Зеленски по пристигнувањето во Вилнус, објавија француските медиуми.
Зеленски во Вилнус се сретна со претседателот на Литванија, Гитанас Науседа. На средбата станало збор за поддршката на украинскиот енергетски систем и воената соработка меѓу двете земји.
Свет
Поради снежно невреме повеќе од 700.000 домови во САД останаа без струја
Снежно невреме го погоди поголемиот дел од САД, оставајќи стотици илјади луѓе без струја, додека влошување на временските услови се очекува и во областите на Њујорк, Филаделфија и Вашингтон.
Најтешко погодени се државите Мисисипи, Луизијана и Тексас, каде што околу 730.000 домаќинства останаа без струја, а се проценува дека дури 190 милиони луѓе се изложени на ризик од прекини во снабдувањето со електрична енергија и греење.
Невремето зафати површина од околу 3.000 километри, од Ново Мексико до Мејн, а во неколку држави е прогласена вонредна состојба. Снежните врнежи и мразот предизвикаа големи проблеми во сообраќајот, затворање на патиштата и откажување на илјадници летови.
Властите ги повикуваат граѓаните да останат дома, додека центри за затоплување на населението се отворени во Њујорк и Вашингтон.

