Свет
Бројот на луѓе раселени поради војна е на шокантно, децениско високо ниво, соопшти УНХЦР
Бројот на луѓе раселени поради војна, насилство и прогон ширум светот е неодржливо висок, особено во услови кога хуманитарното финансирање исчезнува, а единствената светла точка е зголемувањето на бројот на враќања, особено во Сирија, соопшти денеска УНХЦР, Агенцијата за бегалци при ОН.
Според годишниот Извештај за глобални трендови на УНХЦР објавен денеска, до крајот на април 2025 година имало 122,1 милион присилно раселени луѓе, што е зголемување споредено со 120 милиони во истиот период минатата година. Тоа претставува околу една деценија на континуирано зголемување на бројот на бегалци и други луѓе кои се принудени да ги напуштат своите домови.
Главните двигатели на раселувањето остануваат големите конфликти како што се Судан, Мјанмар и Украина, како и постојаната неспособност да се сопре насилството.
Филипо Гранди, Високиот комесар на ОН за бегалци, изјави:
„Живееме во време на силна нестабилност во меѓународните односи, при што современото војување создава кревок и мачен пејзаж обележан со акутно човечко страдање. Мора да ги удвоиме напорите за да најдеме мир и долгорочни решенија за бегалците и другите принудени да ги напуштат своите домови.“
Присилно раселените луѓе вклучуваат лица раселени во рамките на сопствената држава поради конфликти – нивниот број се зголеми за 6,3 милиони, достигнувајќи 73,5 милиони до крајот на 2024 година – како и бегалци кои избегале надвор од своите држави (42,7 милиони луѓе). Судан сега е најголемата ситуација на присилно раселување во светот со 14,3 милиони бегалци и внатрешно раселени лица, заменувајќи ја Сирија (13,5 милиони), а следни се Авганистан (10,3 милиони) и Украина (8,8 милиони).
Извештајот открива дека, спротивно на често присутното мислење во побогатите региони, 67 проценти од бегалците остануваат во соседните држави, додека државите со ниски и средни приходи прифаќаат 73 проценти од бегалците во светот.
Всушност, 60 проценти од луѓето принудени да избегаат никогаш не ја напуштаат сопствената држава. Иако бројот на присилно раселените лица речиси се удвои во последната деценија, финансирањето за УНХЦР е на речиси истото ниво како во 2015 година, во услови на остри и тековни кратења на хуманитарната помош. Оваа ситуација е неодржлива и ги прави бегалците и другите луѓе кои бегаат од опасност уште поранливи.
„Дури и покрај овие разорни кратења, сведоци сме на зраци надеж во последните шест месеци,“ додаде Гранди.
„Речиси два милиони Сиријци успеаја да се вратат дома по повеќе од деценија во бегство. Државата и натаму е кревка и на луѓето им е потребна нашата помош за повторно да ги изградат своите животи.“
Вкупно 9,8 милиони присилно раселени лица се вратиле дома во 2024 година, вклучувајќи и 1,6 милиони бегалци (најмногу во последните повеќе од 20 години) и 8,2 милиони внатрешно раселени лица (втор највисок број досега). Сепак, многу од овие враќања се случија во политички или безбедносно неповолна клима. На пример, голем број Авганистанци беа принудени да се вратат во Авганистан во 2024 година, пристигнувајќи дома во очајни услови.
Во држави како Демократската Република Конго, Мјанмар и Јужен Судан, имаше значителни нови присилни раселувања во исто време кога се враќаа бегалци и внатрешно раселени лица. Извештајот повикува на континуирано финансирање на програмите на УНХЦР кои спасуваат животи, им помагаат на бегалците и раселените лица што се враќаат дома, и ја зајакнуваат основната инфраструктура и социјалните услуги во заедниците кои ги прифаќаат – како суштинска инвестиција во регионалната и глобалната безбедност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Зеленски очекува корисна следна рунда мировни преговори
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, денеска во Минхен изјави дека очекува следната рунда мировни преговори да биде сериозна, суштинска и корисна. Сепак, тој додаде дека понекогаш се чини како „страните да зборуваат за сосема различни работи“.
Нова рунда разговори меѓу претставниците на Русија и Украина, со посредство на САД, ќе се одржи во Женева во вторник и среда.
Зборувајќи на Минхенската безбедносна конференција, Зеленски рече дека клучниот фокус во мировните преговори е да се обезбеди дека „за четири години, цивилизираниот свет нема да биде принуден повторно да се оправдува, да ја префрла одговорноста и да бара некој друг да го обвини“ за уште една војна.
„Украина е подготвена за договор што ќе ни донесе вистински мир нам, на Украина и на Европа“, додаде тој и изјави дека Европа „практично не е присутна на преговарачката маса“, но треба да биде.
„Тоа е голема грешка“, рече тој.
Зеленски истакна дека би било илузија да се верува дека оваа војна сега може сигурно да се заврши со поделба на Украина. Тој повтори дека на Русија „не смее да ѝ се даде никаква надеж дека може да остане неказнета за ова злосторство“.
Тој вели дека Москва била најсериозна во врска со преговорите кога била погодена од длабоки украински напади на сопствената територија.
„Колку сме посилни, толку пореален станува мирот“, рече тој.
Свет
Грчките земјоделците го завршија протестот во Атина
Со сирени и свирење, исто како што и пристигнаа, тракторите на грчките земјоделци претпладнево си заминаа од Атина, откако во текот на ноќта останаа паркирани пред грчкиот Парламент. Околу 50 трактори вчера пристигнаа во Атина, поминаа низ низа централни улици, каде што беа пречекани и поздравени од граѓаните и случајните минувачи, а на ист начин си заминаа денеска.
Во текот на вечерта тракторите останаа паркирани на плоштадот Синтагма пред Парламентот, откако претходно, протестот заврши мирно, а свои обраќања имаа земјоделци од различни делови на земјата, пренесувајќи ги нивните ставови и барања поврзани со примарниот сектор.
Свет
(Видео) Хаос во авион, тепачка и расистички испади принудија итно слетување
Драматични сцени се одвивале во авион на авиокомпанијата „Jet2“, откако избувнала тепачка за време на летот од Анталија кон Манчестер. Поради инцидентот, авионот бил принуден итно да слета во Брисел.
Од компанијата соопштија дека летот „LS896“ бил пренасочен поради „апсолутно неприфатливо однесување на двајца патници“, кои подоцна биле симнати од авионот од страна на белгиската полиција. По интервенцијата, летот продолжил кон крајната дестинација и слетал во Манчестер околу 22 часот.
Според сведоштво на патник кој бил присутен во авионот, инцидентот започнал кога маж, кој наводно консумирал алкохол, почнал да извикува расистички навреди кон патници со пакистанско потекло.
– Иако пиеше алкохол, беше целосно свесен што зборува и што прави – изјавил сведокот, додавајќи дека ситуацијата дополнително ескалирала кога патникот не успеал да купи цигари за време на летот.
По тоа, тој станал агресивен и кон членовите на екипажот, а тензијата кулминирала со физичка пресметка во авионот.
Во еден момент ситуацијата стана многу физичка. Луѓето беа вознемирени и исплашени. Атмосферата беше хаотична – раскажал сведокот.
По принудното слетување во Брисел, двајцата патници биле приведени и симнати од летот. Од „Jet2“ потврдија дека тие се ставени на трајна „црна листа“ и повеќе нема да можат да летаат со оваа авиокомпанија.
– Како семејно ориентирана авиокомпанија имаме политика на нулта толеранција кон вакво однесување. Ќе ги преземеме сите правни чекори за да ги надоместиме трошоците што настанаа поради пренасочувањето на летот – соопшти портпаролот на компанијата.
Сведокот оценил дека инцидентот е потсетник дека „расизмот сè уште постои и нема место во општеството“.
‘FLIGHT’ CLUB: A Jet2 flight from Turkey to the U.K. was diverted to Belgium after a violent altercation broke out between passengers.
Jet2 says two passengers have been banned from flying with them, according to a report. pic.twitter.com/26FRuGhMOK
— Fox News (@FoxNews) February 14, 2026

